Доктори.мк | Жалфија - лековита билка со широк спектар на дејство | zalfija-lekovita-bilka-so-sirok-spektar-na-dejstvo | Портал за медицина и здравје

Жалфија - лековита билка со широк спектар на дејство

доктор по стоматологија

Жалфијата е билка позната во традиционалната медицина уште од најстари времиња. Нејзиното латинско име, Salvia officinalis во превод значи нешто да се спаси и излечи.

За што се користи жалфијата?

Уште од најстари времиња оваа билка ја користеле и Старите Римјани за лекување на различни болести. Се до откривањето на антибиотиците, чајот од жалфија луѓето го користеле при воспаление на грлото, малаксаност, воспалувања кај внатрешните органи, за вагинални испирања, за габични инфекции.

Од медицинска смисла, жалфијата се смета за антибиотик со широк спектар. Се применува и за регулирање на потењето за време на климакс, при пореметувања во месечниот циклус, за зајакнување на нервите, за прочистување на црниот дроб и при реуми.

Листовите од жалфија се употребуваат за чистење на забите и гингивата, а денес скоро во секоја паста за заби се додава екстракт од жалфија.Оваа билка се употребува и како зачин. Има влијание и на процесот на варење на храната и излачувањето на жолчката. Се користи за намалување на лачењето на плунка при Паркинсонова болест.

Доилките кои сакаат да престанат со доењето треба да ја употребуваат секојдневно за да им се намали продукцијата на млеко. Жалфијата се употребува и за релаксација, при нервоза, напнатост и вртоглавица. Се применува и при намален имунитет, нервна исцрпеност како и при слаба меморија и концентрација. Жалфијата се наоѓа и како состојка во кремите против различни инфекции на кожата и во шампоните против првут.

 

На кој начин делува жалфијата?

Жалфијата делува антисептично, па затоа се применува за испирање на грлото при воспаление на грлото и при афти. Таа делува и спазмолитично и антимикробно, се употребува за инхалации кај астматичари, при бронхитис, но и кај инфекции на дишните патишта. Го намалува потењето и излачувањето на плунка. Жалфијата е природен конзерванс затоа што делува и антимикробно. Благодарение на својството да го спречува развојот на вирусите, се применува и во мастите против херпес. Делува и адстригентно, па затоа се применува и надворешно за спречување на крварењето на раните, но и за дезинфекција на раната.

 

Во кој случај не смее да се користи жалфијата?   

Жалфијата не смеат да ја употребуваат бремени жени, доилки и епилептичари. Долготрајната интерна употреба може да ја зголеми склоноста на конвулзии предизвикани од нејзината состојка  тујон кој е невротоксичен.

 

Со кои лекови не смее истовремено да се применува жалфијата?

Теоретски не се препорачува употреба на жалфијата со антиконвулзивите.

дознајте повеќе за авторот

д-р Кристина И. Стојаноска Алоска

авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување
www.doktori.mk, 31.10.2012

Последна вест

Најчитани статии - фармација