Чоколадото и јас

специјалист по училишна психологија - FSP психолог

"Кога ќе знаете чоколадото да го земете на поинаков начин, сте научиле да го живеете поинаку и животот, едноставно со задоволство и радост, затоа што им давате поинакво значење на малите нешта! Токму малите нешта и ние во миговите, живот значат!"

-Весна Рохр Анчева-

Храна на боговите, дар од боговите

Познато уште на Ацтеките и Маите, сепак дури во 18 век почнува да се користи како нешто кое не е привилегија само на боговите и богатите, туку се откриле корисни состојки кои помагале во некои болести.

Според некои пак, воопшто не помага за ништо и всушност е желба предизвикана од културата на живеење, а не од вистинска потреба на организмот или некаков лек.

Приказната...

За Ацтеките зрната какао биле исто толку вредни колку и златото и среброто, а какаото го сметале за дар од боговите. Дарот бил напиток од какао, вода, пченка и чили.

И Маите го одгледувале уште во 6 и 7 век, правеле силен енергетски пијалок наречен xocolatl, од каде и доаѓа името shocolate/chocolat. 

Од 1528 год. преку Колумбо и Шпанците, односно преку кралските брачни врски, пијалокот доаѓа на францускиот двор во 1615 год., а во Париз е резервиран само за аристократијата. 

И од таму оди низ цела Европа, но во 19 век, поточно од 1830 год. пијалокот веќе паѓа во сенка од новосоздадената чоколадна табла.

Во Швајцарија, земјата на чоколадите, Fransois-Louis Cailler во 1819 год. во близина на Vevey отвара една од првите фабрики, најстарата trade mark која останала до ден денес, а потоа следат фабрики во Женева, Лозана... 

Потоа се отвара Sprungli во Цирих, каде уште се користи најстариот традиционален начин на производство уште од 1845 год. и се произведуваат најубавите чоколади  и бонбониери !

Млечното чоколадо е произведено од Daniel Peter во Vevey 1875 год. А во Берн, 1899 год. Jean Tobler го создава познатото тоблероне. 

Важен момент е кога Rudolf Lindt во Берн во 1879 год. го развива conching процесот на обработка и веќе можел да го произведе првото посебно чоколадо во светот - chocolat fondant/melting chocolate, а со тоа се создале услови за производство на најразлични специјалитети...

Интересно е дека Швајцарците најмногу уживаат во чоколадото и секој јаде повеќе од 10 кг годишно, споредено со други според истражувањата, до само 1 кг. 

Останува непобитен фактот дека чоколадото содржи фенилетиламин, кој супституиран има функција и на антидепресив, покрај другите функции... Всушност, содржи серотонин, важен неуротрансмитер, битен за повеќе процеси, процесот на коагулација, влијание во регулацијата на РЕМ фазата на сонот, може да регулира глад и ситост, учествува во модулација на болката, предизвикува задоволство... 

Познат како хормон на среќа и задоволство, му дава значење на чоколадото од тој аспект.

Според некои желбата за чоколадото доаѓа како последица од чудесниот вкус, но и асоцијации на убави моменти во животот.

Накратко, сепак сé се врти околу задоволството.

Интересно е што токму толчењето на зрната на какаото уште на почетокот на процесот, го трасира патот на задоволството... Со толчењето се развиваат чудесните ароми и веќе патот за подобрување на расположението е отворен...

Какао или чоколадо?!

Ако зборуваме за чоколадото, треба да почнеме од какаото, кое за многумина е нешто помалку вредно од чоколадото !? Едноставно непознавајќи ги процесите, настанала забуна што е тоа какао табла, што е чоколадна табла и што воопшто какаото значи за чоколадото...

Ботаничарот Carl von Linne не бил прв кој ja открил билката, но бил прв кој и го дал името -Theobroma Cacao L. Theobroma значи храна на боговите, исто како и кај Ацтеките. Тоа е дрво кое расте во тропските краишта околу Екваторот, северно и јужно. Плодовите се директно прилепени на дрвото во големи „ореви“, а внатре се зрната какао. Два пати годишно дава плодови, а секој плод има 20 до 30 зрна. Се отвараат плодовите, зрната се ставаат на куп за ферментација и во тој процес некои од аромите почнуваат да се развиваат, а кога ќе станат суви, зрната се готови за транспорт и берза...

Сеуште сме кај какаото, далеку е чоколадото, треба многу работа уште...

Но неговото височество какаото е базата од која се доаѓа до задоволството наречено чоколадо.

Има два начина на производство на чоколадо од какаото, стариот традиционален, занаетчиски начин и индустрискиот, кој сепак води грижа за традиционалниот метод, со софистицирани индустриски, технолошки помагала, да се сочува квалитетот, колку што е возможно повеќе...

Патот на дарот...

Најпрво зрната какао, поминуваат строга контрола на квалитет, па се чисти, се пече слично како кафето, се крши, толчи и се претвара во брашно, односно „какао каша“, ниту е суво, ниту е течно, нешто измеѓу, како тесто.

Со додавање шеќер и путерот од какаото се добива базата за чоколадо, дури сега !

Има 3 бази : 

  • темно чоколадо (после 70% веќе почнува горчливоста) 
  • млечно, ако се додаде млеко 
  • бело, се добива само од путер од какао и шеќер, не содржи каша какао...

Но сé ова е само база за сите видови чоколада...

И сега е на ред најважното, conching/conchage, conche (R.Lindt 1879, Bern), процес на трансформација на 80°C, рафинизација... Миксирање на сите зрна, полирање, а за тоа треба околу 78 часа или 3 дена, за висок квалитет... Ако не, имаме чоколадо, но не и квалитет.

Мистерија...

Верувале или не, сеуште е мистерија што всушност сé се случува во овој процес и зошто. Затоа некои производители строго си ги чуваат своите откриени тајни во тек на процесот...

Во овој процес се развиваат сите ароми на какаото за чоколадото и се губи горчливиот вкус...

Дотогаш чоколадото не било толку интересно, па од пијалок, станало интересно како најубаво благо јадење... 

Додавајќи овошје, ликер, лешник, бадем... се создаваат сите врсти на филувани чоколатца и се добиваат разни специјалитети.

Кое е квалитетно чоколадо, како да знаеме ? 

Во дегустацијата е всушност потврдата , ако знаеме дека добро чоколадо значи на јазикот да се топи како путер, без да остане залепено на непцето и без да се чувствува како песок. Вкусот е тој, суптилен и деликатен вкус со хармонија од вкусови, со еден збор - уникатен вкус ! Кога ќе се скрши чоколадото, ако кршењето е право, со остри граници, без да летаат парчиња, како нож да го сече, квалитетно е !

Така велат производителите и уште велат, чоколадото е добро за вас! Зошто???

Едноставно затоа што е реткост да се најде толку многу добри и скапоцени супстанци во едно мало концентрирано парченце!

Полно е со калории, енергија, протеини, јаглени хидрати, олиго елементи, минерали, витамини, сите целосно природни!

Мојот живот

Јас во приказната...

Сеедно како е наречено, храна на боговите, дар од боговите, со прекрасен вкус, состојки кои се корисни и задоволството кое тешко се опишува, доколку ја земете како храна во нормални, умерени количини, може многу да придонесе за вашето расположение.

Но... ништо нема вистинска вредност, ако не се користи на вистински начин.

Ниту чоколадото, ниту било што, само по себе нема вредност без вас и вие како дел од приказната !

Вие и Вашиот живот, вие сте најважните, секогаш и секаде !

Мојот пат...

Имале или немале проблеми, признале или не, живееме во време кога лесно може да ги добиеме, премногу стрес, трауми, депресија...

Како и да е, што и да е, прифатете го она што доаѓа во вашиот живот несакано и почнете со чекори кои ќе ви помогнат да дојдете до тоа да се чувствувате подобро! Чекорите започнуваат со желба за промена на вашиот поглед кон нештата, а целта е секогаш да се чувствувате подобро и да имате чувство на задоволство! Сé помеѓу е повеќе или помалку индивидуален избор према желбите и афинитетите...

Ако се прифаќате себе и ако се грижите за себе, полесно ќе ги совладувате сите нови моменти кои не ви се добредојдени, но доаѓаат...

Чоколадото е само еден пример... Нема да ви помогне ако го јадете сами пред телевизорот, пред компјутер, со очајот во себе, земајќи парчиња од чоколадото без и да го погледнете...

Но може многу да ви помогне, ако си земете моменти за себе, со некоја вам драга личност и го подготвите чоколадото, на пример како «fondue au chocolat » што е всушност едноставно растопено темно чоколадо кое го комбинирате со овошје, во амбиент кој вам ви одговара, ви дава по ваша потреба семејна атмосфера, пријателска средба, романтика, радост, задоволство...

Играта со растопено чоколадо комбинирано со овошје е одлична мотивација и децата да јадат овошје, кое не секогаш им е омилена храна.

Но и чоколадото и овошјето на еден нов и поинаков начин, само по себе, сеуште не е доволно за да направите вистински промени во животот, за ваше добро! Убаво е да почнете од нешто но треба и да продолжите, вие правите избор и комбинации, вие изнаоѓате ваши начини на уживање... Можеби прошетки и вдишување на преубавата природа со саканите, можеби друштвени игри, можеби спорт кој го преферирате... Само така бесплатно си обезбедувате здравје и тогаш сé има поинакво значење... Дури и чоколадото, односно животот...

Бидете и сами со себе понекогаш, кога да речеме пишувате дневник, што е многу корисно. 

Ќе бидете пријатно изненадени од самите себе! Се ослободувате од мислите, емоциите, ги искажувате вашите потреби и желби... но и стравови и разочарувања... По некое време ќе видите како ви се пишувани првите страници, ќе ја видите разликата. Вашата сила и сигурност ќе ја видите во вашите зборови на последните страници, но и начинот како се напишани, за разлика од првие страници, каде има редови кои и не се читаат заради вашата безволност, несигурност, стравови, очај, присутни тогаш, кога животот сте го гледале од едно мало прозорче, плашејќи се од промените...

Чувствувам, постојам, живеам...

За да си дарите нешто на себе, научете да видете убавина во сé што ве опкружува, разбудете ги вашите сетила и отворете го вашиот ум и срце, за да ја ослушнете неа, природата...

Гледајте ја и вдишувајте ја природата, така сте поблиску до неа и таа до вас, зашто сте нераскинлив дел од неа...

Почувствувајте ја природата на ваш нов начин, почувствувајте го секој миг со задоволство што можете да го креирате по ваша желба...Чувствувајте ги вкусовите на природата со сите сетила... Тоа е доказ дека постоите и задоволни од вашиот нов поглед креирајте нови утра... Нека не ве сопираат болките, траумите... Има време за плачење и тоа време мора да се исплаче... Но што и да е, животот ви е даден да го поминете колку што можете достоинствено, радувајќи му се повторно на секој нов ден во кој ве чекаат толку многу нешта да завршите, вашите мисии... Вашите мисии се нешта кои ќе ви бидат и фидбек за нова снага, за нови радости, можеби и во најголемата болка !

Мојата мистерија, моментот...

И кога ќе знаете чоколадото да го земете на поинаков начин, сте научиле да го живеете поинаку и животот, едноставно со задоволство и радост, затоа што им давате поинакво значење на малите нешта! Токму малите нешта и ние во миговите, живот значат!

После размислување за себе и прифаќање на себе дека вредите, после разбирањето дека на себе и на сé околу вас може да му дадете преубав вел на задоволство и радост, ќе ги видите сите бои поубави, сите драги личности поблиски, сите звуци божествени, без никакви хемиски протези... Едноставно, животот ќе ви се чини поубав! Од вас зависи!

Уживајте во чоколадото на поинаков начин, уживаjте во животот на ваш поинаков начин, чоколадото е само еден пример...

Умереноста и одмереноста се важни за сите биолошки и психолошки потреби, за здрав живот. Останете исти, но менувајте сé што ви штети со вашиот нов поглед од поинаков агол! Истовремено не заборавајте да користите и уживате во сé што ве прави среќни...

 

 

Негувајќи го детето во себе кое знае да се радува, прифатете дека вашата личност е уникатна, важна и вредна за почит, вие сте единствени и неповторливи во Унуверзумот! Во тоа е вашата посебност, убавина и сила!

Менувајте го вашиот поглед кон нештата, нека биде надежен! Вашата нова мисла ќе ви донесе нови чувства, новите чувства ќе ви донесат ново однесување!

Животот се состои од моменти... Никогаш не заборавајте да го живеете моментот, вашата мистерија, вашата привилегија!

Строги правила нема, креирајте си го животот да се чувствувате убаво, корисно и задоволно!

Од таму, од задоволството, повторно ќе добиете сила и волја, за новите моменти, за ЖИВОТОТ, за СЕБЕ!

 

дознајте повеќе за Весна Рохр Анчева

специјалист по училишна психологија - FSP психолог

-авторски текст, не смее да се употребува за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 28.02.2014

Последна вест

Најчитани статии - животен стил