Доктори.мк | Секс во бројки | seks-vo-brojki | Портал за медицина и здравје

Секс во бројки

специјалист уролог, Специјална болница "Св. Еразмо" - Охрид
професор по "Хирургија со нега" и "Полово образование" на Универзитетот "Св. Климент Охридски" - Битола

Кога се води љубов, не се мисли на бројки. Обидете се да замислите дека тој во најубавиот момент шепоти: „Љубена, доаѓаат 50 милиони сперматозоиди“. А таа, целата во паника, одговара: „Љубен, тоа воопшто не ме загрижува, туку брзината од 18 км на час со која ми се приближуваат.“

Бројките на едноставен начин ни зборуваат за нашето сексуално однесување, ја задоволуваат нашата љубопитност и ни даваат корисни информации. Сепак, научниците истакнуваат не значи дека не сме нормални, ако не се најдеме во статистичките податоци. Тоа се само показатели. Особите со поинакви навики не треба поради тоа да се чувствуваат помалку нормални или поразлични.

15 до 25 минути

Последните испитувања покажале дека половиот однос, просечно, трае од 15 до 25 минути. Во тоа време се вклучува и предиграта, истакнуваат сексолозите. Во првата година од бракот 40% парови посветуваат од 11 до 15 минути на љубов и нежности. По седум години, само 5,6% од паровите ја задржале истата навика. Траењето на односот многу зависи од способноста на самоконтролата. Во анкетата направена во Франција, само 15% од мажите изјавиле дека можеле да се контролираат. Источњаците, пак, во тоа се мајстори. Тие оргазмот можат да го одложат дури и за 45 минути. „Оваа вештина, што понекогаш ја користат и мажите на Запад има контраиндикации“, велат андролозите, потенцирајќи: „Може да се предизвикаат здравствени проблеми, како конгестија (премногу, односно ненормално собирање на крв) во простатата или во семените ќесиња“.

26,5 проценти

Толку мажи, а 25% жени, сакаат да водат љубов во класична положба: таа долу, тој горе. Според последните испитувања, тоа е и единствената положба во која желбите на двата пола се поклопуваат. За другите положби секогаш се води војна. Во Вашингтон единствена прифатлива сексуална поза е мисионерската. Сите други се сметаат за незаконски.

37,4 проценти

Испитувањата покажале дека најмногу се сака комоција на креветот. 8% од испитаниците сметаат дека автомобилот им е највозбудливо место. За 4% совршеното место за страст е работната канцеларија, а за 7,2% е хотелската соба. Скоро третина изјавува да немаат посебно место за водење љубов, туку „каде што ќе им се случи“.

8 пати месечно

Според американските испитувања што ги изврши Националниот институт за здравје на детето и за развојот на човекот (National Institute of Child Health and Human Development), просечно љубов се води осум пати месечно. Во првите две години од бракот љубов се води барем три пати неделно. Подоцна желбата за односот опаѓа. Но, во последниве години тој се менува. „Се зголемува бројот на паровите од над 45 години што бараат совет“, кажуваат сексолозите. „Многу парови сакаат да имаат задоволувачки сексуален живот, што, многу често, станува и подобар благодарение на зрелоста и разбирањето на паровите“. Во Франција најголемата промена се случува во третата доба: 78% седумдесетгодишници изјавуваат дека доживуваат страствени ноќи неколку пати месечно.

50 до 250 милиони

Тоа е минималниот и максималниот број на сперматозоиди исфрлени во нормален ејакулат од 2 до 6 мл. Има мажи чија семена течност содржи повеќе од милијарда сперматозоиди. Но, степенот на машката плодност, општо, е во опаѓање: во 1929 година, според испитувањата на списанието по медицина „Нова Англија“ (New England Journal of Medicine), просечната количина во милилитар сперма биле 60 милиони сперматозоиди, а 1966 година, според американскиот испитувач Р. Д. Амелар, 40 милиони. Денеска Меѓународната здравствена организација за нормална вредност смета 20 милиони сперматозоиди во милилитар сперма. Тоа е последица од новиот начин на животот и од труењето на средината. Смалувањето на степенот на машката плодноста толку е брза што податоците мораат да се коригираат на секои 10 години. Мажот, во текот на целиот свој живот, исфрла од 14 до 15 литра сперма (една канта за сирење).

6 до 7 центиметри

Тоа е просечна големина на пенисот во мирување. Од оваа мерка не може да се извлече неговата максимална растегливост. Последното бразилско испитување утврдило точни мерки на пенисот во ерекција за белата раса – околу 14,5 см. Но, понекогаш разликите се повеќе привидни отколку реални. На пример, кај африканската раса лигаментот што го држи пенисот (се наоѓа во висината на срамната коска) е полабав отколку кај европската раса, па затоа пенисот за време на ерекцијата е похоризонтален. Кај Европејците лигаментот е поцврст, па пенисот е под остар агол во однос на стомакот што ја намалува неговата должина. Најмал регистриран пенис бил долг 2,54 центиметри. На мажите со микропенис им недостасува самоувереноста, неа ја компензираат со орални сексуални вештини. Најголем измерен пенис бил долг 33 см со обем од 16 см. Му припаѓал на Американецот Роберт Дикинсон, од IX век.

2 центиметри

Просечен дијаметар на вагината кај жените што не раѓале е 2 см. За време на половата дразба, дијаметарот се зголемува до 6,5 см, а должината од нормалните 7 на 9 до 10 см. Тоа се резултатите на испитувањето на брачниот пар Вилијам Мастерс и Вирџинија Џонсон, американски сексолози, кои испитувале 10 000 полови односи.

4 до 5 милиметри

Тоа е просечна големина на клиторисот. Според испитувањата на Мастерс и Џонсон, по 10 до 30 секунди полова дразба, клиторисот се стега поради дотур на крв и предизвикува вагинално лачење што го означува почетокот на возбудувањето. За да се опушти по оргазмот, му треба, во просек, од 5 до 10 минути, а понекогаш дури и половина час.

5 до 10 секунди

Толку е просечното траење на женскиот оргазам. Американските сексолози истакнуваат: „Има два вида женски оргазми. Првиот е сличен на машкиот, односно има само една највисока точка на уживање. Вториот е сличен на продорен бран, без силни осцилации и интензитет и трае од 20 до 60 секунди.“ Времето на најбрз оргазам кај мажите не може да се измери и се стреми кон нула, додека кај жената рекордот изнесува 5 секунди од моментот на пенетрацијата. Најголем број на оргазми што една жена ги доживеала за еден час е 134. Најдобриот машки резултат во истата дисциплина е 16.

Глума

Жените изјавуваат дека барем еднаш одглумиле оргазам, а третина од нив одговориле дека секогаш глумеле.

Од 3 до 5 дена

Тоа е времето потребно да се „обнови“ мажот за оплодување. Покусото растојание значи исфрлување на сперма со помалку сперматозоиди, а многу подвижни и обратно, подолгото растојание значи исфрлување на сперма со многубројни, но помалку витални сперматозоиди. Тоа е и растојание после кое на мажот му се јавува желбата за секс.

Меѓу 17 и 18 години

Време е на првиот полов однос за 31% млади. Потполн сексуален однос на 18 години немале 38% момчиња и 41,5% девојчиња.

Од 5 до 9 наутро

Најубавото време за водење љубов е наутро, според англиските истражувања изнесени во списанието „Умот, телото и душата“ (Mind, Body and Soul). Во тоа време тестостеронот, машки хормон што ја предизвикува желбата (го има и кај жените) го достигнува своето највисоко ниво. Најниско е попладне и навечер. Нивото на тестостеронот е различно и во годишните времиња. Најмногу го има на пролет и во октомври, а најмалку во лето и во февруари, токму во месецот на денот на заљубените (Валентин).

18 км/час

Испитувањата во Франција велат дека брзината на сперматозоидите во моментот на ејакулацијата изнесува 18 километри на час.

Веројатно, знаете дека на жената и требаат околу 20 минути да се возбуди. Научниците од американскиот институт McGill докажаа дека жените подеднакво се возбудуваат, како и мажите, од 11 до 12 минути.

Според статистиката на Светската здравствена организација, во светот секој ден се случуваат 200 милиони сексуални односи.

Пенисот има 4000 нервни завршетоци. Клиторисот има 8000 нервни завршетоци. Тоа е најголемата концентрација на целото тело.

41% од мажите имале девојка што ја „презеле“ од друг.

 

 

дознајте повеќе за проф. д-р Миќуновиќ

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 15.10.2012

Последна вест

Најчитани статии - животен стил