Како да препознаете кога функцијата на Вашата тироидна жлезда е намалена?

студент по медицина

Покрај дебелеењето како неизбежен белег на намалената тироидна функција, постојат и важни психофизички промени кај пациентот кои генерално се манифестираат со една психичка и физичка забавеност, тромост и млитавост на мускулатурата. Пациентите, повеќе или помалку, реагираат бавно, бавно размислуваат, бавно одговараат и говорат, понекогаш им е потребно подолго време за да ја пронајдат информацијата во нивната меморија, апатични се и депресивни и многу често плачливи. Овој феномен на психичка забавеност се означува како брадипсихија (brady - бавно, забавено). Исто така, тие премногу лесно се заморуваат, сонливи се, имаат ограничувања при обавување на некои физички активности, често се чувствуваат заморени дури и во утринските часови и честопати знаат да кажат дека се будат заморени. Заморот е една од типичните карактеристики на хипотироидизмот, но и многу често е причина пациентите да се јават на лекар.

Често пациентите не можат да толерираат ниски температури, односно се буквално премногу чувствителни на ладно, а сето тоа е резултат на намалениот метаболизам, бидејќи со нормалното одвивање на метаболните процеси се ослободува доволно топлина, што не е случај кај лицата со хипотироидизам. Овие пациенти нагло за кратко време забележуваат запрепастувачки пораст во телесната тежина и често знаат да кажат „јадам малку, но се дебелеам“ или „дури и водата се лепи на мене“. Нивниот поглед може да изгледа празен и на прв поглед да изгледаат замислено и незаинтересирано. Многу често даваат податок дека косата им паѓа, но не се обновува или пак малку се обновува, кожата им е сува и крута и многу лесно го губи својот интегритет, па бавно се обновува.

Нивните нокти се меки, жолтеникави и лесно кршливи, а неретко имаат и отоци, особено на нозете, прстите на рацете, околу скочниот зглоб или на лицето и околу очите. Понекогаш може да имаат и проблем со голтањето и варењето на храната, а доколку тироидната жлезда е многу зголемена, може да имаат и сериозно отежнато дишење бидејќи зголемената тироидеа притиска врз душникот и го отежнува протокот на воздух низ него, што за пациентот може да биде многу вознемирувачки. Многу често пациентите имаат проблем со празнењето на цревата, односно имаат запек или констипација, така што празнењето на цревата може да се одвива само 2 пати неделно или поретко, што пациентите знаат да го опишат како „мрзливи црева“. Многу од пациентите покажуваат склоност кон појава на зголемување на концентрацијата на мастите во крвта, односно на триглицеридите и холестеролот, зголемувајќи го ризикот за коронарна артериска болест и инфаркти. Срцевата акција е брадикардична, односно забавена, иако тоа не е пресуден параметар. Конечно, во пределот на вратот може да се забележи зголемена тироидна жлезда која обидувајќи се да го надомести хормоналниот дефицит ја зголемува својата маса, иако не секое зголемување на тироидеата значи и хипотироидизам. Жените може да имаат и проблем со менструалниот циклус и негово продолжување, па наместо 28 дена би траел подолго од очекуваното.

Доколку некој ги има горенаведените симптоми, треба веднаш да се иследува, а потоа и третира

Генерално, оваа состојба на хипотироидизам се нарекува и микседем, а зголемувањето на тироидеата е само нејзин обид да го надомести дефицитот на хормони во организмот, на тој начин што ќе го зголеми својот функционален паренхим. Но, тоа најчесто не успева или успева само кратко време за потоа тироидеата да остане во таква состојба или да продолжи да се зголемува останувајќи како еден од белезите на хипотироидизмот. Сепак, кога кај некој пациент постои една ваква констелација на симптоми, тој треба понатаму да се иследи за да може да се открие причината за заболувањето и за да може подоцна и да се започне со соодветна терапија. Терапевтскиот режим кај ваквите пациенти најчесто е хормон-заместителна терапија, односно внесување на тироидните хормони во таблетарна форма за да може да се избегнат ефектите на дефицитот на Т4. Но, доколку пациентите навреме не се дијагностицираат и не земаат терапија, односно доколку и тогаш кога им е препишана терапија тие не се придржуваат на неа, може да западнат во таканаречена микседематозна кома која претставува релативно опасна и непосакувана состојба која бара интензивно лекување. Иако ретка, секогаш треба да се мисли на оваа состојба и се разбира адекватно да се лекува пациентот, за болеста да не прогредира до тој степен па да ја загрози и свеста.

 

 

Од рубриката „Тироидната жлезда и нашето здравје“

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 14.10.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина