Ефектите на нарушена тироидна функција врз организмот

студент по медицина

Постојат два клинички синдрома на нарушена тироидна функција, и тоа синдром на хиперфункција или хипертироидизам и синдром на тироидна хипофункција или хипотироидизам. Овие состојби со дијаметрално спротивни симптоми се поднесуваат еднакво тешко од пациентите, а се должат на наголемената, односно намалената синтеза на тироидни хормони.

Симптомите и знаците кои се должат на тироидно заболување понекогаш може да бидат толку суптилни и појавувајќи се бавно и тивко може долго да останат незабележани. Особено таква карактеристика има синдромот на хипофункција (хипотироидизам) кој вообичаено пациентите долго го толерираат толку добро што дури мислат дека тоа се сосема нормални појави. Од друга страна, симптомите може да се развиваат премногу бргу, бурно и да предизвикаат сериозен немир кај пациентот, така што тој веднаш се јавува на лекар и ова најчесто е типично за хипертироидизмот.

Тироидеата и нејзините ефекти врз метаболизмот и телесната тежина

Нарушената функција на тироидеата најчесто води до сериозно нарушување на метаболизмот чиј степен на нарушување ќе корелира со концентрацијата на тироидни хормони, односно тогаш кога ќе постои хипотироидизам со намалени Т4 и Т3 кај пациентите дефинитивно ќе постои хипометаболна состојба. Додека хипертироидизмот подразбира високи концентрации на Т4 и Т3, предизвикувајќи хиперметаболна состојба. Ова нарушување на метаболизмот пациентот ќе го доживее како нагло и прогресивно дебелеење, дури и тогаш кога пациентот не јаде премногу или нема преголема желба за храна, што е главен знак за намалената тироидна функција, или пак пациентот може премногу да слабее или велиме буквално се топи пред нас, губејќи двоцифрен број на килограми за многу кратко време, иако јаде како никогаш дотогаш и има преголема желба за храна - што е еден од клучните знаци на зголемената тироидна функција. Дебелеењето наспроти слабеењето се само една од спротивностите што ги карактеризираат синдромите на хипофункција односно хиперфункција, но најчесто редовно присутни кај пациентите и се разбира најчесто тие ги доживуваат како најголем проблем.

Тироидеата и нејзините ефекти врз нервниот систем

Тироидната дисфункција го алтерира и психичкиот живот на пациентот, правејќи го премногу чувствителен, плачлив, депресивен и апатичен, со забавен говор и мислење кај хипотироидизмот; односно вознемиреност, напливи на нервоза, избувливост, тремор и зголемена ексцитабилност кај хипертироидизмот.

Тироидеата и нејзините ефекти врз срцето

Тироидеата има свои ефекти и врз срцето, така што оние кои имаат хипотироидизам може да пројават забавена срцева фреквенција, односно брадикардија, а хипертироидизмот дава една хипердинамична состојба на зголемена циркулација на крвта и појава на тахикардија или забрзана фреквенција на срцето. Понекогаш оваа тахикардија пациентите може да ја доживуваат како премногу брзо, но и неправилно чукање на срцето, да имаат чувство како срцето да им „прерипнува“, потенцирајќи дека речиси постојано ја чувствуваат неговата работа во градите, што не е нормално и е знак дека нешто се случува во организмот. Кај некои пациенти може да се слушне и шум кој не се должи на некоја структурна срцева мана, туку на таа хипердинамична состојба која ја предизвикуваат зголемените нивоа на Т3 и Т4.

Тироидеата и изгледот на пациентот

Хипотироидизмот, но и хипертироидизмот, подеднакво имаат ефект врз изггледот на пациентот, понекогаш правејќи го неприфатлив за себе и околината.

На пример, луѓето со хипотироидизам се премногу дебели, со бледожолтеникава пребоеност на кожата и со отоци по целото тело, но најмногу во пределот на долните екстремитети и лицето, односно околу очите. Кожата им е сува и рапава.

Оние, пак, со хипертироидизам се премногу слаби, а воедно се појавува еден типичен знак за хипертироидизмот, односно испакнување на очните јаболка нанадвор што е познато како егзофталмус, при што кога ќе се сретнете со еден ваков пациент речиси секогаш прво изгледот на неговото лице и испакнувањето на очните јаболка ви паѓаат во очи, а дури потоа дека особата е премногу слаба. Овие особи премногу се потат и кога би се ракувале со нив ќе забележите дека нивните дланки се секогаш испотени, односно влажни.

Од друга страна, друга непријатност и вистински естетски проблем за секој пациент кој има проблем со тироидната жлезда е нејзиното зголемување и испакнување во пределот на долниот дел од вратот. Таа може да биде дифузно зголемена, односно целосно и еднакво зголемена на двете страни или пак може да има јазловидни формации кои може да имаат различна големина, притоа правејќи ги пациентите да се чувствуваат непријатно бидејќи тие забележуваат дека нивната зголемена тироидна жлезда го привлекува речиси сечиј поглед. Ваквите пациенти поради субјективните доживувања и сфаќања поради објективно зголемената тироидна жлезда честопати се обидуваат да го прикријат вратот со својата рака или пак со дел од облеката. Впрочем, тие и онака се доволно психолошки и емоционално ранливи поради дејството на тироидните хормони врз психата, па ова е дополнителен фактор кој би ја потенцирал нивната психичка состојба.

 

 

Од рубриката „Тироидната жлезда и нашето здравје“

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 06.10.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина