Светски ден на срцето 2012 - "Еден свет, еден дом, едно срце"

29.09.2012 Светски ден на срцето

Кардиоваскуларните болести, кои ги вклучуваат болестите на срцето и мозочните удари, предизвикуваат предвремени умирања. Всушност, тие предизвикуваат 17,3 милиони умирања секоја година, број кој е во постојан пораст. До 2030 се очекува дека од овие болести ќе умираат 23 милиони луѓе  годишно  – тоа е повеќе отколку вкупното население во Австралија!

Мит е дека болестите на срцето и мозочните удари им се случуваат само на постарите мажи во развиените држави. КВБ се појавуваат кај жените исто како и кај мажите, а ризикот кај жени е сериозно потценет. Овие болести се убиец број еден и кај жените, предизвикувајќи едно од три умирања: шокантно, тоа е едно умирање во минута! Важно е жените да го сфатат проблемот со КВБ и да превземат мерки за нивна и заштита на нивните семејства.

Децата се исто така ранливи: ризикот од КВБ може да започне пред раѓањето, за време на феталниот развој и може да се зголемува за време на детството заради изложеност на нездрава исхрана, недостаток на физичка активност и пушење. Децата може да страдаат од двојна оптовареност од срцеви заболувања и мозочни удари. Тие може да се соочат со емоционални консеквенци, ако гледаат дека некој кого сакаат се разболел, но и со физички последици од срцева болест или мозочен удар.

Модерните општества може да ги изложат децата на ризик фактори како исхрана со премалку калории и со висока содржина на „лоши" масти и шеќери. Кон тоа придонесува и играњето компјутерски игри кои ја обесхрабруваат физичката активност, но и охрабрувањето на користење на цигари преку реклами за нив, кое е присутно во некои држави, како и секундарното изложување на чад од цигари.

Жените мора да превземат мерки и да прифатат однесување кое ќе придонесе кон здраво срце, не само заради нивна заштита од ризик факторите, туку и за добробит на нивните деца.

За да го одбележи Светскиот ден на срцето, Светската федерација за срце и нејзините членки апелираат за превземање на акција за спасување на животите на жените и децата кои ги сакате. Со правење на само мали промени може да помогнете кон намалување на ризикот од срцева болест или мозочен удар: охрабрувајте здрава исхрана и физичка активност и прекинете со употреба на тутун. Разбираме дека ова е понекогаш полесно да се каже отколку да се направи, но се надеваме дека насоките подолу ќе помогнат за добар почеток. Денес имаме можност за се заштитиме од идните ризици преку прифаќање на здрави навики од детството па во текот на целиот подоцнежен живот.

Спремни ли сте за акција?

Итна акција мора да се превземе за заштита на здравјето на детското срце за да се избегнат идните физички, емоционални и финансиски влијанија на срцевите болести и мозочните удари.

1. Бидете активни

Физичката неактивност предизвикува 6% од глобалните умирања. Ризик факторите како дебелина, дијабет или недостаток на физичка активност кои започнале во детството сериозно ја зголемуваат веројатноста дека детето ќе развие КВБ како возрасен човек.

  • Само 30 минути умерена активност, неколку пати неделно, го намалува ризикот од срцева болест и мозочен удар.
  • Физичката активност не мора да биде само вежбање! Други домашни активности, како работа во градина или барање помош од страна на децата при чистење во домот, исто така се бројат;
  • Дадете си реални цели – постепено зголемување на активноста ќе има поголемо позитивно влијание од трчањето маратон;
  • Проверете ги шемите на физичка активност таму каде што живеете – некои градови имаат програми за возење велосипед или трчање кои може да Ви овозможат физичка активност за време на Вашиот набиен дневен распоред.

2. Практикувајте исхрана која ќе го оджува Вашето срце здраво

Се повеќе луѓе се свртуваат кон преработената храна која е често полна со висока содржина на шеќер, сол, заситени и транс масти. Нездравата исхрана е поврзана со 4 од 10-те водечки ризик фактори кои предизвикуваат смрт.

Здрава исхрана богата со овошје и зеленчук помага во спречувањето на срцева болест и мозочен удар.

  • Изгледа тешко да се престане со јадење на храната што ја сакате. Наместо комплетно да ја избегнете слатката храна, заменете ги чоколадата и другите слатки со јаболко или друго овошје;
  • Направете исхраната на децата да им биде интересна – изберете храни со различна боја и вклучете ги нив при нивното припремање;
  • Ограничете го внесот на сол на помалку од 5 грама дневно (една кафена лажичка);
  • Размислувајте за големината на порциите: користете помали тањири и осигурајте поголеми порции на овошје и зеленчук на сметка на порциите месо и шеќер.

3. Речете „НЕ" на тутунот

Еден од двајца пушачи умира од болести поврзани со пушењето. За жал, се повеќе деца и тинејџери почнуваат да пушат. Пасивното пушење убива повеќе од 600 000 непушачи секоја година, вклучувајќи и деца. Кај доенчиња, пасивното пушење може да предизвика ненадејна смрт.

  • Прекинувањето со пушење и избегнување на пасивното пушење го намалува ризикот од срцева болест и мозочен удар.
  • Клучно е да прекинете со пушењето дома за да обезбедите здрава иднина на Вашето семејство;
  • Едуцирајте ги децата за опасностите од користење на тутунот за да може и тие да одберат да бидат непушачи;
  • Ако Ви е тешко да прекинете со пушење, посетете го Вашиот лекар за да побарате совет или побарајте од Вашиот работодавач да побара помош за откажување од пушење за своите вработени.

4. Знајте ги своите бројки

Преку превземање на погоре набројаните чекори, Вие и Вашето семејство може да ја намалите оптовареноста од срцеви болести и мозочен удар, но важно е редовно да ја проверувате Вашата здравствена состојба.

  • Посетете доктор кој ќе може да Ви го измери крвниот притисок, нивоата на глукоза и холестерол, тежината и индексот на телесна маса (попознат како боди-мас-индекс, BMI);
  • Откога ќе го знаете вкупниот ризик од КВБ, може да направите посебен план за мерки и акции кои ќе ја подобрат состојбата на Вашето срце. Нека овој план биде видлив во Вашиот дом, нека Ви служи како потсетник. Вашиот доктор исто така може да Ви помогне околу тоа, односно да обезбеди прикладен третман, доколку има потреба од тоа.

Болестите на срцето и мозочните удари може да се избегнат и се често поттикнати од ризик фактори како висок крвен притисок, зголемена телесна тежина и здебеленост, пушење или постоење на дијабетес. Многу од овие ризици може да се намалат и да се контролираат преку здрава исхрана, редовно вежбање и избегнување на пушење.

Извор Институт за Јавно здравје на Република Македонија
слики - Светска федерација за срце
www.doktori.mk, 29.09.2012

Последна вест

Најчитани статии - занимливости