Програмски пристап во борбата со кардиоваскуларните заболувања во Македонија

Од следната година во Македонија ќе почне да се воведува Програма за борба против кардиоваскуларни заболувања, која ќе има повеќе активности, со што се очекува намалување  на стапката на морталитет на 20 отсто.

 
„Кардиоваскуларните заболувања се причина број еден за смртност во Македонија. Од 19 илјади смртни случаи, над 11 илјади се од овие кардиоваскуларни заболувања или околу 59,2 отсто што е многу висока стапка на смртност", рече министерот за здравство Никола Тодоров, во сабота во Реонски парк - Ѓорче Петров, каде од 9 до 13 часот стручни екипи на Институтот за јавно здравје вршеа бесплатни лекарски прегледи по повод 29 Септември - Светскиот ден на срцето.
 
Програмата ја изработи Институтот за јавно здравје, а се очекува да биде донесена 2013 година, во која акцентот ќе биде ставен на промоција на здравје, здрави навики, здрава исхрана, физичка активност.
 
„Фокусирани сме и на интервентната кардиологија. Освен во Скопје и Охрид, сакаме да имаме ваков тип на интервентна кардиологија и во други центри. На 6 август почнавме со интервентната кардиологија во Битола, а ќе почнеме и во Тетово и Штип. Имаме обуки кои ги спроведуваме овој период, а еден доктор кардиолог ќе биде испратен на шестмесечна интервентна кардиологија во Дедиње, Белград", рече Тодоров.
 
Како и секоја година и оваа, Светскиот ден на срцето се одбележува со контролни прегледи на отворено, кои опфаќаат мерење шеќер во крв, холестерол, крвен притисок и телесна маса, а беше поделен и едукативен материјал со превентивни пораки за здраво срце.
 
„До сега има извршено над 300 прегледи. Имаме апарат, кој првпат годинава го ставаме во употреба - анализатор на телесна структура или телесен состав. На тој начин годинава имаме поголем дијапазон на дијагностика која ја правиме на Светскиот ден на срцето," рече Тодоров.
 
Светскиот ден на срцето се одбележува под мотото „Еден свет, еден дом, едно срце".
Извор Макфакс
www.doktori.mk, 29.09.2012

Најчитани статии - вести