Г–точка за голем секс

специјалист уролог, Специјална болница "Св. Еразмо" - Охрид
професор по "Хирургија со нега" и "Полово образование" на Универзитетот "Св. Климент Охридски" - Битола

Многу работи што се однесуваат на нашата сопствена кожа и со кои се среќаваме секој ден до ден-денеска не се решени. Меѓу нив најинтересна е фамозната Г-точка, за која половина жени тврдат дека постои, додека останатите во тоа не се сигурни. Неа пред 50-години ја открил германскиот гинеколог Ернс Графенберг, по кого и го добила името. Се смета дека нејзиното надразнување ја доведува жената во натпросечно полово возбудување и до урагански оргазам.

Се наоѓа на горната предна страна од влагалиштето, три до четири центиметри оддалечена од нејзиниот отвор. Во состојба на возбуденост го зголемува својот обем, па може да се напипа како поткожно задебелување.

Некои култури за оваа точка знаат уште од 1 век. Кинезите оваа еротска чувствителна регија ја викаат „црн бисер“. Јапонците за неа зборуваат како за „кожа од глиста“, други луѓе ја викаат „женска простата“.

Оргазам до оргазам

Според статистиката, околу 10% од жените никогаш не доживеале оргазам, додека 40% жени редовно глумат. Во останатите 50% се кријат оние што одвреме-навреме го глумат и оние кои немаат потреба за оргазам. Познато е дека кај жените половото уживање е посилно за време на овулацијата и дека жените со повеќе тестостерон полесно стигнуваат до сексуалниот врв од останатите.

Испитувањата покажаа дека жената може да доживее оргазам за две минути дразба на сексуалните рецептори на влезот на влагалиштето и на клиторисот. Но, и дека може да доживее оргазам за оргазам. Познато е дека во текот на половото возбудување и за време на оргазмот влагалиштето се влажни на неколку начини: со течност што ја лачат Бартолиниевите и Скенеовите жлезди (се наоѓаат на спојката на вулвата со отворот на влагалиштето) и со течност што ја произведува ѕидот на самото влагалиште.

Ова подмачкување и природната еластичност на влагалиштето овозможува безболно продирање на машкиот полов орган во нејзината длабина.

Женскиот оргазам е еднаков на втората фаза на машкиот оргазам, односно на ејакулацијата и последица е од дразбата што во ист момент предизвикува ритмично стегање на влагалиштето и на соседните мускули. Така се создава уживање следено со чувство на задоволство, на малаксаност, на празнење и на отворање.

Женска простата

Некои жени за време на оргазмот лачат голема количина на течност. До ден-денес тоа на научниците им задава главоболка. Некои сметаат дека се работи за ејакулат што го излачува Г-точката, а други дека е тоа стрес-инконтиненција. И покрај тоа што старите Грци знаеле дека жената за време на оргазмот „исфрла“ течност од влагалиштето, сè уште точно не се знае „виновникот“. Засега постигната е спогодба само околу содржината и името на таа излачена течност. Испитувањата што во раните осумдесетти години од минатиот век ги извршиле Бенет, Севел и Белзер зборуваат дека се работи за течност што се совпаѓа со машкиот ејакулат. Во неа има повеќе простатична кисела фосфатаза отколку во мочката, со што се отстранува теоријата за истиснување на мочка, односно за стрес-инконтиненција во текот на оргазмот. Воедно тоа е и еден доказ за постоење на женска простата. Бидејќи направените анализи од земените примероци од Скенеовата жлезда покажале дека токму таа поседува супстанца идентична на онаа кај простатата, испаѓа дека, пред сè, на неа може да се однесува името женска простата отколку на Г-точката. И тоа не е сè.

Кому да му се верува?

Цврсти докази дека постои Г-точката нема. А тоа што не е докажано за науката не постои! Тогаш кому да му се верува? На жените кои, најверојатно, најубаво би требалo да знаат што чувствуваат и што имаат или на испитувањата што сакаат прецизно да го измерат и да го опишат тоа?

Анкетата направена во Америка и во Канада меѓу здравствените работници покажа дека 84% веруваат дека во влагалиштето има посебно чувствително место што одговара на Г-точката. За неа се пишува во многубројни списанија, како и во американските факултетски учебници. Некои жени тврдат дека на таа точка и должат дооооолги и сииииилни оргазми, а други дека со тоа немаат никакво искуство.

Познато е дека влагалиштето е чувствително на дразба во должина од 7 до 11 цм. Затоа, посебното чувствително место од другите делови на влагалиштето би требало да се разликува по мрежата на нервните завршетоци. А таквото место не е најдено. Сепак, жените тврдат дека постои...

Решение за вас

Ја има, ја нема. Слично на: „Ме сака, не ме сака“ – игра со кинење на цветчиња со кои тинејџерите проверуваат дали имаат шанси кај „љубовта на својот живот“. Во двата случаи вистината се открива со проверка. Затоа многу специјализирани списанија „за уживање“ предлагаат самите со пипање да откриете дали сте сопственик на мистериозната точка. Сепак, постои и друга можност. Едноставно: осигурете си добар секс. Тоа важи за секое старосно време.

1. На почетокот на сексуалниот живот – не брзајте. Не е во прашање воз што ќе избега. Уживајте во долга предигра зашто таа е услов за женскиот оргазам.

2. Во најубавите години, кога околу вас се мотаат децата – затворете ја вратата од спалната соба. Тоа нека биде ваш простор во кој никој нема да ви пречи.

3. Кога во зрелите години сексуалниот жар попушти, сетете се дека имате цел ден за себе и за палавости со вашиот, сè уште, подеднакво посакуван партнер.

 

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

повеќе за проф. д-р Миќуновиќ > > >

www.doktori.mk, 01.10.2012

Последна вест

Најчитани статии - занимливости