Доктори.мк | Инфекции кај новородени деца | infekcii-kaj-novorodeni | Портал за медицина и здравје

Инфекции кај новородени деца

студент по медицина

Кај здраво, доносено и доено дете, кое мајката го негува во чиста и уредна околина, инфекциите се многу ретки. Наспроти тоа, новородените недоносени деца се изложени на голем ризик од појава на тешки инфекции. Зачестеноста на инфекциите дополнително се зголемува со постоење на некои други ризик фактори, како што се:

  • Болести на мајката;
  • Тешко и долго породување;
  • Прерано прснување на водењакот;
  • Недонесени деца и деца со мала родна тежина.

Спрема местото на настанување, инфекциите можат да бидат:

  • Локални (пр. околу папокот, окото итн.);
  • Генерализирани (општи) инфекции - сепса, некротичен ентероколитис.

Спрема времето кога настанале се делат на:

  • Вродени (стекнати пред породувањето);
  • Стекнати во деновите после породувањето.

Локализирани (ограничени) инфекции кај новородените

  • Кандидијаза

Соор (кандидијаза) е една од најчестите локализирани инфекции кај новороденото бебе. При оваа инфекција слузницата во усната шуплина е прекриена со безбројни беличести наслаги кои представуваат колонии на габата Candida albicans. Со симнувањето на тие наслаги слузницата лесно крвари.

Лекување: Се спроведува со антимикотикот нистатин во облик на суспензија (раствор). Појавата на кандида се спречува со строги хигиенски услови во текот на доењето, а кај децата што се хранат вештачки - со вриење на шишенцата и цуцлите.

  • Неонатален конјуктивитис

Неонаталниот конјуктивитис е облик на акутен конјуктивитис кој во главно настанува во текот на породувањето или непосредно после породот. Денеска во родилиштата се спроведува антибиотска профилакса со капки во окото, па појавата на овие инфекции е намалена. Во клиничката слика доминира црвенило на конјунктивата, едем и гноен исцедок.

  • Кожни инфекции кај новородените

Најчест причинител на кожни инфекции кај новородени деца е Staphyloccocus, чиј извор на зараза најчесто се мајката и персоналот во родилиштата.

Стафилодермии се инфекции на кожа предизвикани од стафилокок. Кога се без општи знаци на болеста се лечат локално со антибиотици (антибиотски масти, антибиотски раствори), додека кога се со клинички знаци за општа болест се лекуваат со парентерално давање на антибиотици.

  • Инфекции на папокот

По опаѓањето на папчето, заостанатата раничка брзо се суши и зацелува. Влажнењето на папочната раничка (која се препознава како дамка во пелената) кое трае подолго од 7 дена е знак на инфекција на папочната раничка.

Омфалитис е инфекција на папокот (најчесто стафилококна) која ја зафаќа кожата и поткожното ткиво околу папокот. Заради опасноста од брзо настанување на сепса, омфалитисот веднаш се почнува да се лекува со парентерално давање на антибиотици.

  • Неонатален маститис

Неонаталниот маститис се препознава по црвенилото, топлината и болката во едната града. Се лекува со парентерално давање на антибиотици, пропратено со ставање на локални антисептички облози.

 

Генерализирани (општи) инфекции кај новородените деца

  • Неонатална сепса

Сепсата настанува при продор на бактериите во крвотокот. Зборуваме за состојба која има голема стапка на смрт.

Клиничка слика: Најважни рани симптоми на сепса се:

  • Хипертермија (зголемување на телесната температура) или хипотермија (пад на телесната температура);
  • Промени во однесувањето: поспаност, плачење, раздразливост;
  • Промени во бојата на кожата заради пореметениот крвоток: бледило или цијаноза;
  • Тешкотии при јадењето: дистендиран (надуван абдомен);
  • Пореметувања во дишењето - тахипнеа (над 60/мин), диспнеа;

Во симптоми на напредната сепса, заедно со погоре наброените, се јавуваат и:

  • Иктерус (жолтица) заради оштетениот црн дроб;
  • Петехии (точкасти крварења во кожата) или хематоми;
  • Мозочни симптоми: конвулзии;
  • Дистендиран абдомен (пренадуван) и повраќање.

Самата дијагноза се поставува со изолација на причинителот во хемокултура. Најчести причинители се грам-позитивните стрептокок и стафилокок (вклучувајки MRSA сепса / метицилин резистентен стафилокок) и грам-негативните бактерии (пр.Pseudomonas).

Лекување: Се спроведува со целно давање на антибиотици во парентерален облик. Притоа е важна и потпорната и симптоматска терапија: корекција на ацидобазниот и електролитниот статус, лекување на дехидратацијата итн.

  • Менингитис кај новороденчиња

Воглавно се јавува пропратно со сепса, па така, заедно со симптоми на сепса, се јавуваат и оние што укажуваат на менингитис: конвулзии, повраќање, невролошки испади. Симптомите вообичаени за менингитис кај постарите деца (вкочанетост на вратот) кај новородените се ретки. При најмал сомнеж за менингитис потребно е да се направи лумбална пункција. Се лекува со антибиотици.

  • Пнеумонии кај новородени деца

Пнеумониите кај новороденчињата можат да настанат пренатално, перинатално и постнатално. Најчести причинители се стрептококот и некои грам-негативни бактерии. Во клиничката слика доминираат општи симптоми, со развој на диспнеа. Лекувањето е со антибиотици.

  • Некротизирачки неонатален ентероколитис

Тоа е тешка, акутна, често пати и смртоносна болест кај новородените деца, кај кои доаѓа до некроза на цревата со перфорација и секундарен перитонитис.

Причинителите не се познати, но се знаат неколку ризик фактори од кои најзначајни се недоносеноста и интраутерината хипоксија или исхемија на цревата. Исто така, најчесто се јавуваат кај вештачко хранети новородени деца.

Клинички се презентира во првите десет дена од животот со дистендиран (надуван) абдомен, со развој на илеус (застој во проодноста на цревата), пратен со повраќање. На тоа се надоврзува крвав пролив со нагло влошување на општата состојба на самото дете.

На РТГ на абдомен присутен е типичен воздух во цревата (пнеуматоза).

Лекување: Воведување на парентерална исхрана, антибиотици. Понекогаш е потребно опративно да се отстрани (ресецира) заболениот дел од самото црево. Прогнозата е лоша, смртноста е околу 20-40%.

  • Неонатален тетанус

Неонаталниот тетанус настанува поради нехигиенски постапки при пресекувањето на папочната врвца и негата на папочната раничка. Истите притоа се инфицираат со бацили на тетанус. Болеста се јавува во првите недели од животот и се манифестира со неможност за цицање заради грчот на мускулите на образот, а на тоа се надоврзуваат генерализирани грчеви на целото тело, поради кои е пореметено и дишењето.

Лекување: Механичка вентилација со релаксација, поставување на назогастрична сонда заради прехранување и давање на антибиотици.

  • Мерки за превенција и сузбивање на инфекција

Следните мерки треба да се спроведуваат во родилиштата, без исклучок:

  • Избегнување на сместување на новородени деца на оддел за интензивно лекување;
  • Просторијата каде што борави новороденото бебе мора да биде чиста и дезинфицирана;
  • Просториите не треба да бидат пренатрпани и претесни;
  • Опремата за нега треба да припаѓа на само еден пациент (топломер, слушалки);
  • Треба правилно да се негува папокот;
  • Најважната мерка за спречување на инфекции е редовното миење раце;
  • Особите со акутни респираторни, цревни или кожни инфекции не смеат да ги негуваат новородените деца.

Вродени инфекции кај новородените деца

  • Рубеоларна ембриопатија и неонатална рубеола

Кај бремени жени, кои се заболени од рубеола, вирусот може да се пренесе и на плодот. Доколку инфекцијата се јави во првите месеци на бременоста, како последица може да настапи смрт на плодот или развој на рубеоларна ембриопатија, која се презентира со аномалии на срцето, слушниот нерв, мозокот или другите органи. Доколку дојде до развој на инфекција во доцните месеци на бременоста, нема да дојде до развој на конгенитални аномалии, туку ќе се роди бебе со развиена клиничка слика на рубеола. Во праксата е многу важно дека таквите деца можат со месеци во урината да излачуваат вируси и да бидат опасен извор на зараза.

  • Болести кај новородени деца предизвикани од херпес симплекс вирус

Бебето со херпес симплекс вирусот најчесто се инфицира поминувајќи низ родилниот канал од мајката, иако е можна и постнатална инфекција доколку бебето го негува особа со активна инфекција (пр.херпес лабијалис). Болеста може да биде генерализирана со развој на менингитис или може да се јави во поблаг, локализиран облик со меурчиња (везикули) на кожата или слузницата.

Прогнозата на неонаталната херпетична инфекција е лоша, бидејќи 50% од децата со генерализиран облик умираат, а во голем број тие деца што остануваат живи развиват трајни невролошки потешкотии. Заради тоа, мајките који имаат херпетични лезии на дојката не смеат да дојат, а особите кои имаат било каков знак на херпетична инфекција не смеат да ги негуваат новородените деца.

  • Вродена инфекција со варичела–зостер вирус

Жената која не преболела варичела може да заболи во бременоста. Притоа инфекцијата може да премине и на плодот.

  • Вроден сифилис

Инфекцијата на плодот се пренесува преку плацентата во другата половина на бременоста на нелекувана сифилична трудница. Може да се презентира со: спонтан абортус или раѓање на мртво бебе, појава на вроден сифилис кај новороденчето, додека многу ретко може да се роди и здраво бебе.

Лекувањето се спроведува со антибиотици, а прогнозата е обично добра.

  • Инфекција со ХИВ

Мајката инфицирана со ХИВ вирус може на крајот на бременоста или во првите недели по породувањето да го пренесе вирусот на новороденото бебе. Инфекциите се презентираат со широк спектар на тежина на болеста, од благи и некарактеристични, па се до слика на тешка имунодефициенција. На инфекција со ХИВ треба да се помисли кај секое изложено новородено бебе, првиот пат во доба од еден месец, а другиот пат во доба од 4 месеци.

Лекувањето на ХИВ инфекцијата е се поуспешно, со примената на модерните антивирусни лекови. Превенцијата на ширењето на инфекцијата кај возрасните ќе ја намали и појавата на болест кај децата. Под превентивни мерки се подразбираат: промени во половото однесување, сузбивање на промискуитетот, промена на стилот на половиот живот, борба против злоупотребата на интравенски дроги и во краен случај - прекин на бременоста кај инфицираната мајка.

 

 

Дознaјте повеќе за авторот >>>

авторски текст, не смее да се користи за комерцијалони цели и/или реемитување

www.doktori.mk, 29.09.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина