Доктори.мк | Високо-надежни наспроти ниско-надежни луѓе | visoko-nadezni-nisko-nadezni-lugje | Портал за медицина и здравје

Високо-надежни наспроти ниско-надежни луѓе

специјалист по училишна психологија - FSP психолог

Сте се запрашале ли себе си дали сте високо-надежна личност? Што значи тоа? Како се препознаваат луѓето кои се високо-надежни?

Откако надежта е утврдена како концепт на цел, патишта и волја (Snyder), едноставно е да се рече дека онаму каде има волја ќе има и пат, односно онаму каде има волја и пат, ќе има и надеж.

Денес нивото на надеж кај секој поединец може да се измери психометриски, со мерни инструменти - специјално направените скали за мерење на нивото на надеж кај децата и возрасните. Оттука и потврдата за постоење на ниско-надежни, средно ниво и високо-надежни луѓе, односно деца.

Какви се високо-надежните луѓе?

Лицата со висока волја и високи способности за изнаоѓање патишта, едноставно се високо-надежни.

Знаат да поставуваат јасни цели пред себе, флексибилни се, лесно стапуваат во интеракција со околината. Токму флексибилноста им овозможува лесно да се пренасочуваат од една на друга идеа, со постојана верба дека можат да го постигнат она што го посакуваат. Секогаш водени од силната волја ги совладуваат сите препреки.

Луѓето кои се високо-надежни се независни, сигурни, решителни. Многу често се во улога на водачи и не поднесуваат зависност и потчинетост. Свесни се за своите способности и научиле добро да го контролираат својот живот и своите емоционални врски.

Имаат високо мислење за себе, како награда „од себе за себе“ за макотрпното, долго и истрајно работење од кое доживуваат максимално задоволство, што воопшто не ги прави нарцисоидни. Напротив, горди се на самите себе и големата самодоверба и самопочитување ги прави зрели, себереализирани личности. Кај нив, исто така, често е уживањето во работата, но и натпреварот со другите, а и со самите себе, за да го извлечат максимумот од себе, што им е приоритет.

Докажано е дека има корелација помеѓу надежта и афективноста. Ако позитивната афективност подразбира ментална состојба која се одликува со максимална концентрација, обврзаност и висок степен на енергија, ако тоа е начин на мислење во кој умот е максимално возбуден, активен, внимателен, високо инспириран и заинтересиран, тогаш корелацијата со високо надежните се однесува токму на целосна обземеност со дадените активности.

Високо надежните луѓе внесуваат еден невообичаен, речиси детски ентузијазам во сé она што ќе го започнат до остварување на посакуваната цел. И логично, корелацијата со субјективната тага, стравови, бес, нервоза, презир, анксиозност, депресија и чувство на вина е многу ниска.

Постојано активни, секогаш креираат нови „борби“ за своите цели и нормално и очекувано, се радуваат на соодветниот фидбек за сопствените ментални, но и емоционални инвестиции, фидбек кој им оди во прилог на позитивната слика за себе, од каде повторно започнува изворот на кругот на надежта. Ги краси творечка креативност многу често, од каде како од непресушен извор црпат нова енергија.

И тие имаат ситуации и настани каде едноставно и покрај огромната волја, не можат ништо да сторат, но како самосвесни луѓе научиле што е тоа што не може да се постигне, промени, врати, контролира. Научиле да се прилагодуваат на сé што е невозможно да го контролираат и никако не зависи само од нив. Ја научиле разликата и секогаш се подготвени да пронајдат убавина и онаму каде другите не ја гледаат, да најдат смисла во она што можеби за другите е невозможно. Способни се и во најголемата болка, која не зависи од нив, да ја пронајдат наново смислата и убавината на живеењето на единствен, уникатен начин.

Како такви често се за пример и модел на другите, несебично пренесувајќи ја и делејќи ја позитивната енергија која ја поседуваат. Помагањето на другите им причинува посебно задоволство, од каде можеби ја црпат и најголемата животна сила - надежта, за да ја имаат, но и да ја дарат на другите, несебично.

Високо надежните луѓе ни потврдуваат дека секогаш можеме да се обидеме!

А какви се ниско-надежните?

Чиста спротивност - имаат ниско ниво на волја и недоволно способности за да изнајдат патишта.

Неуспесите им ја создаваат и потенцираат негативната слика за себе, па оттука разбирлива ќе биде намалената самопочит. Ниско надежните луѓе имаат негативна афективност, нервози, бес, стравови и огромно чувство на вина, признале или не.

Секогаш ја бараат причината за неуспехот во надворешните фактори. Лесно можат да ја загубат контролата над својот живот и да го манифестираат непријателскиот став кон околината. Не се обидуваат да се соочат со проблемите, ниту пак можат од нив да избегаат, па оттука надворешниот свет за нив лесно ќе биде лошо и застрашувачко место. Тоа пак ќе ги одведе во самозаштита, а некои и до целосна алиенација, но на некој начин и отуѓување и од самите себе. На овој начин, лесно ќе бидат сé подалеку од волјата и патиштата за постигнување на целите.

За жал, тие имаат само очекување дека ќе остварат некоја цел и ќе останат на тоа очекување, немаат способност и капацитет да ја остварат целта. Чувството на вина многу лесно ќе ги совлада, ќе ги одведе во тага, очај и депресија, кои ако траат предолго ќе им ја уништат целосно менталната енергија.

Оние што ќе најдат снага да признаат дека не се успешни заради интерни причини, ќе почнат со увидот во себе, а себе-анализирањето, ако не се остане само на тоа, може многу да им помогне.

Помеѓу нив се луѓето со средно ниво на надеж, со варијации на повисоко или пониско ниво на волја или изнаоѓање патишта.

Надеж за ниско-надежните

Без навлегување подлабоко од каде доаѓа ниското ниво на надеж, ако сте се препознале, никогаш не е доцна.

Почетокот е увидот во себе, соочувањето и желбата за промена! Ако имате желба за промена, на добар пат сте, волјата е енергија која треба да ја искористите.

Надежта се развива, се учи, се стимулира и се зголемува нејзиното ниво, но прво треба да сакате.

Оној момент кога ќе се одлучите да се промените, веќе сте го направиле првиот чекор да бидете високо надежна личност или барем со средно ниво на надеж.

Нека не Ве обесхрабрува ништо, водете се од Вашите желби, патишта секогаш има, решенија секогаш постојат!

Започнете со остварување на помали желби, кои уште на почетокот се гледа дека се остварливи. И кога ќе се случат првите успеси, тоа ќе Ви ја зајакне волјата, радоста ќе направи да се чувствувате добро и ќе биде нова база за поголема енергетска моќ, поголема волја и мотивација, да ги надминувате пречките.

Секогаш треба да се обидеме да ги остваруваме нашите желби и цели, често и да ги менуваме нештата. Но, ако е невозможно, тогаш единственото што можеме да го направиме е да прифатиме и да се прилагодиме. Едноставно, најдоброто што можеме да го направиме за себе е да се промениме себе, ако е во наш интерес.

Останувајќи истата личност, која во себе има кодирано 200 години сегашност, според Булдинг, сегашност кодирана со трансгенерациски пораки од нашите претци, но и нанапред, збогатена со секоја наша активност како нов код за иднината, секогаш можете да се промените за она кое ќе Ви донесе подобар и поквалитетен живот.

Имајте секогаш волја да најдете радост и задоволство и во навидум неважни работи во стресната трка наречена живот, денес!

Живејте денес! Насмевнете се на убавата боја и мирис на секое цветче, на прекрасните колорити на природата, на музиката создаена токму за Вас... Радувајте се на секој што е близу Вас, дарете му насмевка и топла рака. Живејте го моментот, но претходно отворете ги сетилата, вашето срце и ум.

Може да одберете и поинаку, да биете затворени, изолирани, тажни, бесни, очајни...

Можеби знаете, можеби не, но ИЗБОРОТ како ќе се чувствувате и како ќе живеете, секогаш е само ВАШ!

Одберете ја надежта, одберете ја љубовта и кон себе и кон другите, одберете ја промената!

Одберете го животот, тој Ви е даден, живејте го секој момент полни со планови и цели.

Живејте полни со радост и благодарност што можете да го креирате секој миг како сакате, по Ваш избор.

 

 

Читајте повеќе за надежта на мојата веб-страница: http://www.l-espoir-c-est-toi.ch>>>

 

 

-авторски текст , не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Повеќе за авторот>>>

www.doktori.mk, 26.09.2012

Последна вест

Најчитани статии - животен стил