Тироидните хормони и феталниот развој

студент по медицина

Т3 и Т4 се повеќе од значајни за правилен психофизички развој на плодот во утробата на мајката. Овие хормони не учествуваат само како можни модулатори на метаболизмот, туку многу поважно како важни стимулатори на развојот и созревањето на централниот нервен систем кај фетусот.

Психофизичкиот развој на фетусот е под директна координација на тироидните хормони

Психофизичкиот развој и особено терминалните процеси на созревање на мозокот кај фетусот се под директна координација на тироидните хормони токму како резултат на интеракцијата на хормонот и на него соодветниот рецептор во клетките на нервниот систем. Во 19 век научниците откриваат дека токму тироидните хормони се тие кои, врзувајќи се за своите рецептори на клетките на нервниот систем, поттикнуваат процеси на синапсогенеза, односно остварување на врски меѓу нервните клетки. Тие ја стимулираат клеточната диференцијација, но исто така ја стимулираат невралната миелинизација, односно формирањето на миелинска обвивка околу нервните клетки. Сите овие гореспоменати процеси на неврална диференцијација, миелинизација и синапсогенеза се есенцијално важни за правилен психофизички развој на фетусот и новороденото.

Зголемена потреба на јод во бременоста

Она што ја прави бременоста како посебна состојба, а ги вклучува тироидните хормони како битен фактор за правилно созревање на плодот, е всушност зголемената потреба на јод бидејќи тогаш мајката не функционира како единка сама за себе, туку мајчиното тело се става во функција на феталниот развој. Па потребите за јод се зголемуваат речиси двојно бидејќи во тој период тироидната жлезда на мајката има тенденција и потреба да создава многу повеќе хормони од кои дел треба да ги задоволат потребите на мајката, останувајќи во нејзината циркулација, а дел преку плацентата хормоните минуваат во циркулацијата на плодот, станувајќи достапни за експлоатација од страна на феталните клетки и феталниот нервен систем. Всушност, феталната тироидна жлезда до крајот на 12-тата недела на бременоста нема способност да генерира хормони, но подоцна и таа дава свој придонес во синтезата на хормоните со цел да се задоволат потребите на плодот кој доживува кулминација во растот и развојот.

Механизмот преку кој тироидната жлезда на мајката започнува да работи и за својот плод се одвива на тој начин што во текот на првите денови од бременоста огромна количина на тироидни хормони во циркулацијата на мајката преминуваат од слободна во врзана форма и автоматски стануваат недостапни за искористување, што пак од своја страна ќе биде клучен стимул за хипофизата да започне да лачи тиреостимулирачки хормон (ТSН), кој последователно ќе и нареди на мајчината тироидеа да создава нови количини на Т3 и Т4 како би се одвивал феталниот развој без никакви попречувања.

Последиците од недостатокот на тироидни хормони може да бидат трагични

Доколку пак постои било какво нарушување на создавањето на хормони, може да настанат несакани, но навистина трагични, последици по психомоторниот развој на бебето. Може да постои изолиран дефицит на тироидната функција од страна на мајката или од страна на фетусот. Доколку недостасуваат хормони од страна на мајката тогаш бебето ќе има извесни недостатоци во психофизичкиот развој кои ќе корелираат со степеност на хормоналниот дефицит, па така колку ќе биде поголем хормоналниот дефицит, толку ќе бидат потешки последиците врз плодот. Сосема друга состојба е намалената или отсутна тироидна функција на феталната тироидеа, која и доколку е присутна нема никакво значење за феталниот развој бидејќи бебето ќе добива доволни колиества на хормони од циркулацијата на мајката и ќе се развива без никакви пречки. Таквото дете ќе се роди без никакви недостатоци ниту ретардации на психомоторен план бидејќи хормоните на мајката ја покриваат потребата на бебето за тироидни хормони, но само во текот на бременоста, па така штом ќе заврши бременоста бебето наеднаш ќе остане без доволно хормони и тогаш ќе започне и клинички да се манифестира недостатокот на хормони. Доколку навреме се дијагностицира и адекватно третира истиот, нема да има никаков импакт врз здравјето на новороденото. Но, доколку оваа тироидна хипофункција на бебето не биде навреме дијагностицирана, тогаш подоцна ќе се јават знаци на психомоторен дефицит.

Ендемски појави на недостаток на јод во светот

Она што е загрижувачки во светски рамки е недостатокот на јод во храната, односно постоење на ендемски подрачја каде јодот е во дефицит во почвата и водата, така што тогаш дефицит на тироидните хормони ќе се јави поради намалена синтеза на самите хормони, но овој пат во прашање ќе бидат и тироидеата на мајката и тироидеата на плодот. Ова неминовно води кон појава на кретенизам од кој се смета дека боледуваат дури 20 милиони индивидуи во светот. Оттука се согледува колку е важно да се задоволат потребите за јод на трудниците кои доколку живеат во ендемски подрачја би требало да бидат третирани со соодветни суплементи на јод.

 

 

Филип Наумовски,

автор на рубриката „Тироидната жлезда и нашето здравје“

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 23.09.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина