Доктори.мк | Помалку секс не значи повеќе памет | pomalku-seks-ne-znaci-pomalku-pamet | Портал за медицина и здравје

Помалку секс не значи повеќе памет

специјалист уролог, Специјална болница "Св. Еразмо" - Охрид
професор по "Хирургија со нега" и "Полово образование" на Универзитетот "Св. Климент Охридски" - Битола

Половиот однос е природна појава. Toj нè исполнува со силни чувства. Спротивно од вообичаеното мислење, воздржувањето од сексот не придонесува за развојот на умот зашто сексуалната енергија не може да се насочи на друго подрачје на нашата работа. Многу луѓе со разумот можат да ги пригушат сексуалните стремежи, ама таа способност ја плаќаат со внатрешна напнатост и со неурози.

Контрола на половите нагони

Половоста е наш неотуѓив дел. Тој не може да се избрише од свеста или да се отстрани од телото. Всушност, тоа и не го сакаме зашто ускладените полови односи, што се темел на добриот секс, се важен извор на нашето задоволство. Цивилизираниот човек одамна научил дека не може во секој момент и на секое место да ги задоволи своите природи нагони за самоодржување, како што се: гладот, жедта и сексот. Затоа, понекогаш, ги совладува, ама тоа води до други крајности – самоодрекнување. Како е тоа можно? Нашиот полов нагон не е само примитивна побуда, како што е тоа случај кај животните, туку секогаш е под контрола на нашата свест: Поврзан е со нашиот ум и со чувствителниот живот. На појавата на половата желба дејствуваат и нервните центри во кората на мозокот. Тоа е причината што половиот нагон можеме да го сузбиеме, и тоа дури на три начини:

  • Во одредени услови половите нагони прво ги кочи нашата свест. Тој надзор на свеста и на нејзиното влијание „функционираат“ само повремено и никогаш подолго време. Таквото кочење на нагоните се вика супресија.
  • Вториот начин на дејствувањето на централниот нервен систем е со потсвесно ускладување на половиот нагон со можноста да се реализира половиот однос. Кога овој начин на контрола ќе стане постојан, се нарекува репресија. Таа предизвикува внатрешна напнатост и неурози.
  • Третата форма на ускладување на половиот нагон е доброволното воздржување од сексот, а се нарекува апстиненција. Таквата форма на самоконтрола не можеме да ја класифицираме ниту во супресија ниту во репресија зашто половиот нагон не може свесно да се кочи цел живот.

Грешка во толкувањето

Апстиненцијата се среќава кај особи што потполно се посветиле на некоја важна животна задача или кај свештениците кои живеаат во целибат (неженство). Познатиот австриски психијатар Зигмунд Фројд целибатот и сличните појави со кои половиот нагон се претвора во повисока душевна работа ги нарекол сублимација. Веднаш треба да се рече дека се работи за заблуда зашто кочениот полов нагон не може да се претвори во умна сила. Доброволниот целибат се создава тогаш кога верскиот жар ќе го потисне половиот нагон, а не обратно!

Грешката во толкувањето на сублимацијата произлегува од погрешното сфаќање на половата енергија. Многуте современи психолози Фројдовото толкување го споредуваат со сфаќањата на алхемичарите. „Претворувањето на сексуалноста во дух еднакво е тешко како и да се создаде злато од метал“ – пишува современиот англиски психолог Алберт Шварц. Имено, не е можно половиот живот да се споредува и да се мери како што тоа се прави со физичките појави. Погрешно е мислењето дека сексуалната енергија можеме да ја пренесеме во друго подрачје на нашата работа, како и дека половото воздржување придонесува за нашиот умствен развој. Спротивно, без секс нашиот живот е дефектен. Затоа успесите во животот не можеме да ги толкуваме како резултат на половото воздржување.

Насочена полова енергија

Во нашиот љубовен живот будењето и насочувањето на половиот нагон непрекинато се сменува со остварување или со пригушување на тој нагон. Современите психолози нагласуваат дека сите нагони што ги наследуваме се различни форми на општиот животен нагон. Швајцарскиот психолог Карл Јунг (ученик на Фројд) општиот животен нагон го опишува како класично сфаќање „на страста или на желбата воопшто“. Францускиот филозоф Хенри Бергсон зборува за „животен елан“, а Норман Берт го одредува како „општа пламтечка енергија што истекува од нашите инстинкти“.

Во природните услови се три можности за насочување на енергијата на половиот нагон: бракот, привремен или повремен полов однос и избегнување и пригушување на половиот нагон.

Брачната заедница овозможува редовни полови односи. Во неа две битија со спротивен пол развиваат заемни односи што не се врзани само за половиот живот. Затоа бракот ги остварува нашите најбогати и најдлабоки животни искуства.

Пригушувањето на половиот нагон и настојувањето таа енергија да се потроши на друг начин, природен или неприроден, не е секогаш успешно. Иако донекаде можеме да го контролираме неговото појавување, половиот нагон никогаш докрај не можеме да го сузбиеме. Рамнотежата меѓу нагонската желба и нејзиното остварување здравиот човек ретко ја постигнува без тешкотии. Затоа многу луѓе можат со разум да го пригушат својот полов нагон, ама таа способност, обично, ја плаќаат со внатрешна напнатост и со склоност кон неуроза.

Помалку нагон - повеќе ум?

Во популарната литература и во некои медицински учебници, често се препорачува половиот нагон да се пригуши со сублимација. Тоа подразбира преобразба на половиот нагон во повисока умна работа за нагонот да не биде неодложна телесна потреба. Така, многу доктори младите ги советуваат да се „забавуваат“ со спорт или со читање на сакана литература за да заборават на секс. За жал, процесот на сублимација е многу замрсен, па психичката разонода и вежбањето на многумина не им носи олеснување. Треба да се знае дека и особите со најсилна волја не можат лесно и брзо да го сузбијат половиот нагон. Така, познатиот психолог Хенри Хавелок Елис укажува дека сублимацијата е можна само кај суптилните (нејасни, мистериозни) особи.

Пред сè рамнотежа

Алберт Шварц е најблиску во одредувањето на половиот нагон кога вели: „Постоењето, насоката и интензитетот на половиот нагон во секој момент се резултат на половиот стремеж и на психичката контрола“. Тоа значи дека љубовта е сила во која надзорен орган е разумот, а извршен половиот нагон. Заради тоа, максимално се изразени половиот нагон и потполната полова воздржаност како две крајности, меѓу кои постојат безброј можности. Сигурно е дека двете крајности се сосема погрешни. Умешноста на половиот живот е во рамнотежата меѓу изразувањето и пригушувањето на половиот стремеж.

Половоста е природна и здрава појава што нè исполнува со силни чувства, нè поттикнува на работа и на креативно создавање. Нејзината природна вредност е во фактот да ги задоволува нашите стремежи за размножување и усовршување на потомството. Таа е темел на еволуцијата. Во остварувањето на таа благосостојба потребна е полова рамнотежа, а искрената и приврзаната љубов на мажот и жената ќе ги направи половите активности вистински извор на стимулирачка радост.

 

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

повеќе за проф. д-р Миќуновиќ > > >

www.doktori.mk, 20.09.2012

Последна вест

Најчитани статии - животен стил