Доктори.мк | Декубитус - настанување, превенција и третман | dekubitus | Портал за медицина и здравје

Декубитус - настанување, превенција и третман

студент по медицина

Декубитусот е честа и непријатна компликација во текот на болеста. Дознајте повеќе околу причините за неговото настанување и мерките за превенција.

Декубитусот се вбројува во физичките компликации на болниот во текот на болеста. Обично се јавува кај луѓе кои долго лежат, па оттаму го добива и името. По дефиниција претставува патолошки процес во кој се јавува некроза на меките делови која што може да почне со кожата, поткожното ткиво па зафатеноста  да заврши дури и до коската.

Обично настанува како резултат на недоволна исхрана на местото, а со самото тоа и недостаток на кислород , но исто така и од неправилно или непотполно отстранување на крајните продукти на метаболизмот.

Најчесто се јавува на места на кои кожата налегнува директно  на коската (т.н. предилекциони места). На овие места има слабо развиено подкожно ткиво и тие се најчесто изложени на притисок, особено при подоглготрајно лежење на пациентот. Такви места кај човекот има повеќе: рабовите над лопатките на грбот,  лактите, петите како и лумбалниот дел на ‘рбетниот столби др.

Причините за настанување на декубитусот можат да бидат

Локални:  најчеста причина се наборите на болничката облека и постелнина, како и остатоците од храна во болничката постелнина.

Општи:  тоа се најчесто хронични заболувања како што се дијабетесот, бубрежни заболувања, болести на метаболизмот, парализи и др.

Декубитусот како патолошки процес делува многу штетно за  човекот поради тоа што претставува влезна врата за многу микроорганизми, а со тоа настанува и инфекција во организмот . Освен тоа при заздравувањето на декубиталната рана делува  може да се создаваат многу големи лузни (цикатрикси ) кои пак ќе  ја намалат функцијата на целата регија  и ќе бидат причина за настанување на контрактури.

Стадиуми на прогресија на декубиталната рана

Декубитусот се развива во четири стадиуми . Во првиот стадиум по долгиот притисок се јавува црвенило кое е последица на венска хиперемија. Ова е алармантен знак за да се преземат превентивни мерки кои ќе спречат да дојде до прогресија на состојбата. Во вториот стадиум кожата почнува да станува влажна, лигава и да се лупи – место кое што ќе биде влез на микроорганизми каде што подоцна ќе настане инфекција. Во третиот стадиум веќе раната е длабока и во неа се наоѓаат некротични елементи, а поради веќе настанатата инфекција од раната може да се цеди и гној. Во четвртиот стадиум раната веќе се проширила до коска. Овој стадиум е проследен со јаки болки, висока температура и несоница.

Превенција

На чиста, здрава и сува кожа не се јавува декубитус ! Па поради тоа една од превентивните мерки е одржувањето на лична хигиена и масажата на предилекционите места . Масажата со алкохол предизвикува вазодилатација на крвните садови со што се подобрува циркулацијата. Алкохолот воедно истовремено ја дезинфицира кожата уништувајќи ги микроорганизмите, и ја дехидрира (суши ) со што не дозволува појава на декубитус.

Се препорачува и:

  • Подобрување на имунитетот преку исхрана богата со протеини и витамини.
  • Честа промена на положбата на телото.
  • Употреба на помошни средства за заштита на предилекциските места како што се: пневматски душек, гумени кругови и др.

Лекување

Лекувањето на декубитусот може да биде  конзервативно и хируршко. Во секој случај тоа е е тешко и долгорочно и за истото од исклучителна важност е тимскиот пристап на здравствениот персонал. Потребни се лекари од различни специјалности: хирурзи, дерматолози, интернисти, физијатри,  а потребен е и постојан ангажман од останатите здравствени работници како што се медицинските сестри и болничарите.

дознајте повеќе за авторот >>>

www.doktori.mk, 19.09.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина