Доктори.мк | Акутна одонтогена инфекција (АОИ) - најчеста инфекција на глава и врат | akutna-odontogena-infekcija-najcesta-infekcija-na-glava-i-vrat | Портал за медицина и здравје

Акутна одонтогена инфекција (АОИ) - најчеста инфекција на глава и врат

доктор по стоматологија, магистер по здравствен менаџмент

Одонтогените инфекции, како што самиот назив кажува, се инфекции чии што причинител е директно поврзан со забот. Претставуваат најчести инфекции на главата и вратот. Затоа е потребно добро да се познаваат сите облици на инфекцијата, со цел навреме да се постави соодветна дијагноза и да се даде соодветна терапија.

Претставуваат секундарна последица на забен кариес, траума на заб, пародонтални џебови или перикоронитис.

Инфекцијата може да настане: преоперативно, интраоперативно и постоперативно.

Според текот, АОИ може да биде: акутна и хронична, а според локализацијата може да се локализира: на меки и коскени ткива.

Етиологија

Има многубројни причини за настанување на АОИ:

  • Гангренозни заби и корени;
  • Заостанати корени;
  • Полуимпактирани и импактирани заби;
  • Лечени заби и корени;
  • Перикоронит;
  • Пародонтопатија;
  • Стоматит;
  • Гингивит;
  • Улцерации;
  • Нестерилни инструменти и материјали;
  • Лоша припрема на операционо поле.

Локализација на АОИ

Дали одонтогената инфекција ќе се задржи во периапикалната регија или во перикоронарниот простор зависи од:

  • Општата здравствена состојба;
  • Број, вид и вируленција на микроорганизмите;
  • Анатомски фактори: заби, коска, периост, слузокожа, мускули, крвни и лимфни садови.

Има 13 простори (ложи) каде може да се јави АОИ:

  • Сублингвален;
  • Субмандибуларен;
  • Субментален;
  • Птеригомандибуларен;
  • Парафарингеален;
  • Субмасетеричен;
  • Темпорален;
  • Инфратемпорален;
  • Букален;
  • Каротиден канал;
  • Ретромаксиларен;
  • Паротиден;
  • Fossa canina.

Заедничко за овие простори е тоа што се исполнети со масно ткиво, мускулно ткиво, крвни и лимфни садови, преку кои инфекцијата се пренесува. Бидејќи се поврзани со краниум, каде инфекцијата може да се прошири, се работи за опасна по живот АОИ.

Форми и клиничка слика

Најчести форми на АОИ се:

  • Акутен ексудативен пародонтит (извор на инфекцијата е некротична пулпа, бактерии преку foramen apicale);
  • Целулитис;
  • Абсцес;
  • Флегмона.

Клиничката слика на АОИ се карактеризира со: грозница, покачена телесна температура, малаксаност, главоболка, зголемена седиментација и леукоцитоза.

Кај абсцес има црвенило, топлина, оток, болка, нарушена функција. Отокот е ограничен, мек, палпаторно осетлив, без промена на боја и температура на кожа.

Кај флегмона отокот е дифузен без јасни граници, а кожата е глатка, сјајна, црвена со покачена телесна температура и отокот е тврд.

И кај абсцес и кај флегмона има регионален лимфаденит.

Дијагноза и терапија на АОИ

АОИ се дијагностицира преку анамнеза, клинички преглед и Рентген снимање.

 

Терапијата кај АОИ може да биде:

  • Општа, со земање на антибиотици (основно и најважно), аналгетици, антипиретици, многу течности и витамини;
  • Локална, се делува конзервативно (со трепанација на забот причинител на АОИ, екстраорално се аплицираат ладни облоги, а интраорално топли чаеви) и хируршка (инцизија екстраорално и интраорално).

Лечењето на АОИ не може да се смета за завршено се додека не се отстрани причинителот и можниот извор за рецидивирање на инфекцијата.

Одонтогените инфекции се почести кај мажите и се една од главните причини за посета на стоматолошките ординации.

Превенција

Болните најчесто се јавуваат во напреднат стадиум на болеста со инфекција поширена на коска или меки ткива, затоа превентивно може да се делува само со зголемување на здравствената свест кај пациентите и со укажување за големата важност на оралното здравје, како и редовните посети и контроли кај матичниот стоматолог.

 

 

дознајте повеќе за авторот м-р д-р Мартина Богданоска
авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување
 
www.doktori.mk, 17.09.2012

Последна вест

Најчитани статии - стоматологија