Соматотропин и соматолиберин – хормони одговорни за растот

магистер по фармација

Функциите на организмот се регулирани од два главни контролни системи: нервен систем и хормонски или ендокрин систем. Хормонскиот систем воглавно делува врз различните метаболни функции на организмот, контролирајки ја брзината на хемиската реакција во клетката, транспортот низ мембраните или метаболизмот во клетката.

Што претставуваат хормоните?

Хормонот е хемиска супстанца која ја лачи една или повеќе клетки, а која физиолошки контролира други клетки во организмот. Хормоните се поделени во две групи: локални хормони и општи хормони.

Во локални хормони спаѓаат: ацетил-холинот - кој се ослободува на завршетоците на парасимпатичните и скелетните нервни влакна, секретинот - кој се ослободува во клетките на дуоденумот и холецистокининот - кој се ослободува во тенкото црево.

Општи хормони се оние хормони кои ги лачат посебни ендокрини жлезди, а се пренесуваат со крвта и физиолошки делуваат на оддалечени места во телото. На ваков начин делуваат хормонот на раст на аденохипофизата и тиреоидниот хормон на тиреоидната жлезда. Останатите општи хормони делуваат само на некои специфични ткива, т. н. таргет ткива. Во хемиски поглед постојат две основни врсти на хормони: протеини или деривати на протеините, односно деривати на амокиселините и стероидни хормони.

Хипофиза – наредник на ендокриниот систем

Хипофизата (питуитарната жлезда) лежи во турското седло, во основата на черепот и е во врска со хипоталамусот. Према функцијата хипофизата се дели на: аденохипофиза или преден дел на хипофизата и неурохипофиза или заден дел на хипофизата.

Неурохипофизата лачи два хормони, секрецијата на овие хормони е под дејство на нервните влакна кои потекнуваат од хипоталамусот, а завршуваат во неурохипофизата.

Аденохипофизата лачи шест многу важни хормони кои вршат контрола на метаболичките функции низ телото. Секрецијата на хормоните на аденохипофизата е контролирана од хормони кои се наречени хипоталамични хормони (или фактори).

Соматотропин - хормон на раст (GH, STH)

Хормонот на раст (GH), наречен и соматотропен хормон (STH), или соматотропин, е протеин со мала молекула, содржи 191 аминокиселини во еден ланец, а релативната молекулска маса му е 22005. Овој хормон предизвикува раст на сите ткива кои се способни да растат. Хормонот на растот не делува директно на растењето на ‘рскавицата и коските, меѓутоа овие ткива мора да растат за да може целиот организам да расте. Хормонот на растот индиректно го поттикнува растењето на ‘рскавицата и коските на тој начин што во црниот дроб, а веројатно и во мускулите и во бубрегот, доведува до стварање на неколку мали протеини кои се нарекуваат со заедничко име - соматомедин. Соматомединот, пак, делува на ‘рскавицата и коските на тој начин што го потикнува нивниот раст.

Покрај специфичното делување на растот, хормонот на раст делува на многу метаболички процеси во телото:

1. Ја зголемува синтезата на протеини во сите клетки во телото на тој начин што го поттикнува транспортот на некои аминокиселини низ клеточната мембрана во внатрешноста на клетките. На овој начин се зголемува концентрацијата на аминокиселините во внарешноста на клетките, а се смета дека тоа доведува до зголемена синтеза на протеините. Значи хормонот на растот ја зголемува синтезата на протеини, а истовремено го намалува катаболизмот на протеини.

2. Ја зголемува мобилизацијата на масните киселини од масното ткиво и ја зголемува употребата на масните киселини во ослобудувањето на енергија. Хормонот на раст специфично делува така што од масното ткиво се ослободуваат масните киселини, со што се зголемува нивната концентрација во телесните течности, но за да се забележи ова дејство потребни се неколку сати.

3. Го намалува искористувањето на гликозата во целото тело на тој начин што го намалува искористувањето на гликозата за ослободување на енергија и го поттикнува магационирањето на гликогенот во клетките.

Значи, хормонот на раст го зголемува нивото на протеини во телото, ги троши мастите, а ги штеди јагленохидратите. Растот се зголемува веројатно затоа што се зголемува синтезата на протеини.

Соматолиберин (GRF – Growth Releasing Factor)

Соматолиберинот (GRF) е хипоталамичен пептиден хормон кој ја стимулира синтезата и секрецијата на хормонот на раст (GH) од соматотропните клетки, кои се наоѓаат во предниот дел од питуитарна жлезда. За прв пат овој хормон се спомнува во 1947 година од научниците Грин и Херис. Меѓутоа, дури во 1982 година соматолиберинот (GRF) бил изолиран и синтетизиран од Вејл и Гилемин, независно еден од друг.

Соматолиберинот, хормонот кој го стимулира ослободувањето на хормонот на растот, се сецернира од вентромедијалните јадра на хипоталамусот, а тоа е онај дел на хипоталамусот кој е осетлив на хипогликемија и во состојба на хипогликемија предизвикува глад. Затоа се претпоставува дека однесувањето на човекот може да ја промени и секрецијата на хормонот на растот, т.е. стресовите, емоциите и траумите влијаат на хипоталамичната контрола на секрецијата на хормонот на растот. Сепак, регулацијата на секрецијата на хормонот на растот се остварува со помош на соматолиберинот.

Долго време се мислеше дека хормонот на раст се лачи исклучиво во време на растот, а после пубертетот овој хормон го нема во крвта. Меѓутоа, се докажа дека хормонот на раст се лачи и кај возрасни во количина која е еднаква или скоро еднаква на онаа која се лачи во детството. Карактеристично е дека секрецијата на хормонот на раст е зголемена во текот на првите два саати од спиењето. Се претпоставува дека оваа појава е веројатно резултат од ослободувањето на пропратната секреција на соматолиберинот и зголемувањето на соматостатинот, ослободен од хипоталамусот. Сепак, треба да се напомене дека стоматолиберинот нема влијание врз другите питуитарни хормони (пролактин, тиреотропин, лутропин).

Концентрацијата на соматолиберинот кај нормални луѓе се движи од 10 до 300 г/л. Соматолиберинот е потенцијално терапевтски агенс. Правени се анализи за супкутана и интраназална апликација. Кај нормални мажи давани се осум поединечни дози од 0,1 до 10 г/кгр GRF (соматолиберин), а добиените резултати покажаа сигнификантно стимулирање и ослободување на хормонот на раст. Даваните помали дози од 0,1 г/л, 0,3 г/л и 1 г/л предизвикуваат монофазен одговор, а поголеми дози од 3,3 г/л и 10 г/л резултираат со зголемена стимулација на ослободување на хормонот на раст (GH). При овие анализи единствено несакано дејство што се појавило било нагла појава на преодно црвенило (5 мин.), при апликација на повисоки дози на стоматолиберинот (GRF) – 10 г/л. Сепак, токсичност не била забележана.

Ова беше уште еден доказ дека недостатокот или зголемената секреција на хормонот на раст (GH) е резултат од дефектот во секрецијата на соматолиберинот (GRF). Како резултат на овој дефект може да се јави АГРОМЕГАЛИЈА, болест која се јавува при зголемена секреција на хормонот на раст, при што болниот не може да расте во висина, но меките ткива растат, а коските растат во дебелина. Посебно се прошируваат малите коски на рацете и нозете, коските на главата, носот, челните и супраорбиталните лакови, долната вилица, како и деловите на скелетот. Промените на скелетот редовно предизвикуваат грбавост, која клинички се нарекува кифоза. Јазикот и црниот дроб исто така се зголемуваат.

Резиме

Со откривањето на соматолиберинот (GRF) се воведе нова ера во физиологијата на секрецијата на соматотропинот - хормонот на раст (GH). Соработката на многу научници даде многу информации за регулирањето на синтезата и секрецијата на хормонот на раст (GH) од соматолиберинот (GRF), што пак доведе до употреба на соматолиберинот (GRF) во третман на дефицит од хормонот на раст кај мали деца.

 

 

Дознајте  повеќе за авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 07.09.2012

Последна вест

Најчитани статии - фармација