Доктори.мк | Колку е полна вашата чаша? | kolku-e-polna-vasata-casa | Портал за медицина и здравје

Колку е полна вашата чаша?

доктор на медицина

„Се' ќе биде во ред на крајот. Ако не е во ред, тогаш не е ни крај“

- непознат автор -

Полуполна или полупразна? Не станува збор за било каков пијалок, туку за универзалниот лек наречен оптимизам. Каков е вашиот став кон работите кои ви се случуваат во животот? Дали знаете дека токму таквиот став има големо влијание врз вашето здравје? Ајде да се обидеме да размислуваме позитивно и да дополниме неколку капки за подобро здравје...

Се покажало дека оптимизмот е добар начин за справување со стресот. А нели стресот е причина за бројните здравствени проблеми кои во се’ поголем број ни ги носи денешниот начин на живеење. Ако сте песимисти по природа не очајувајте, вештините за позитивно размислување можат да се научат!

 

Разбирање на позитивното мислење и разговор со себе

Позитивното мислење не значи дека ја ставате главата во песок и ги игнорирате помалку пријатните случки што ви ги носи животот. Tоа значи дека им се приближувате на проблемите на порационален и попродуктивен начин, не мислејќи дека секогаш резултатот ќе биде најлошото што може да се случи. Позитивното мислење најчесто започнува со саморазговор. Саморазговорот е бескраен проток на мисли кои поминуваат низ нашите глави секој ден, прашања и можни опции кои си ги даваме. Овие автоматски мисли можат да бидат позитивни или негативни. Некои мисли од саморазговорот доаѓаат од логиката и разумот, а некои произлегуваат од заблуди кои ги создаваме поради недостаток на информации. Ако мислите кои поминуваат низ вашата глава се во голем дел негативни, тогаш веројатно сте песимист, а ако се претежно позитивни, тогаш сте оптимист – личност која практикува позитивно размислување. 

Здравствени придобивки на позитивното размислување

Бројни истражувања трагаат по ефектите од позитивното размислување и оптимизмот врз здравјето. Некои од тие ефекти се:

  • зголемен животен век;
  • пониски стапки на депресија;
  • пониско ниво на вознемиреност;
  • поголема отпорност кон настинки;
  • подобра физичка и психичка состојба;
  • намален ризик од смрт од кардиоваскуларни болести;
  • поголема снаодливост при справување со кризни ситуации.

Постојат неколку студии кои ги опфатиле болните жени со карцином на дојка и ефектот од оптимистичкиот/песимистичкиот приод кон болеста. Истражувањата покажале дека пациентките со оптимистички став кон оваа тешка болест имаат поголема стапка на преживување во број на години. Тоа најверојатно е резултат од елиминацијата на стресот и депресивната компонента кои индиректно го засегаат имунолошкиот и останатите системи во организмот, а воедно и прифаќањето на сите етапи во дијагностиката и терапијата.

Не е многу јасно зошто луѓето кои практикуваат позитивно мислење ги искусуваат овие здравствени придобивки... Веќе спомнав дека оптимистите полесно се справуваат со стресните ситуации со што се намалува штетниот ефект на стресот врз телото на човекот.  Исто така, познато е дека позитивните луѓе тежнеат кон поздрав начин на живот, со повеќе физичка активност, поздрава храна и со помала злоупотреба на цигари и алкохол.

 

Идентификување на негативното размислување

Не ви е јасно дали вашите мисли се позитивни или негативни? Еве неколку вообичаени форми на негативно мислење:

Филтрирање

Ги зголемувате негативните аспекти на ситуациите и ги ставате надвор од опција позитивните. Пример, сте ги завршиле вашите работни задачи на време и притоа ве пофалиле за експедитивно и темелно работење. Притоа сте заборавиле на некој мал детаљ... Остатокот од вечерта го поминувате мислејќи на тој мал детаљ наместо на сите комплименти кои сте ги добиле.

Персонализирање

Кога ќе се случи нешто лошо, вие автоматски се обвинувате себе си за тоа. Пример, разбирате дека дружењето испланирано за вечерта се откажува, па вие се обвинувате дека е заради тоа што некој или некои од пријателите не сакаат да се дружат со вас...

Катастрофизација

Автоматски го предвидувате најлошото во ситуацијата. Ако утрото во пекара ви дале кифла со мармалад наместо со крем, мислите дека целиот ден ќе ви тргне наопаку...

Поларизирање

Ги гледате работите или како добри или како лоши, никогаш нема средина. Мислите дека треба да бидете комплетно успешни на сите полиња, во спротивно сте промашен случај. 

 

Фокусирање на позитивно мислење

Може да научите како да ги смените негативните мисли со позитивни. Тоа е едноставен процес, но сепак бара време, пракса и трпение, затоа што сепак, стекнувате една нова навика. Еве неколку начини за тоа...

Идентификувајте ги областите за промена. Ако сакате да станете поголеми оптимисти и да вклучите повеќе позитивни мисли, најпрво откријте ги областите во вашиот живот за кои најчесто имате негативен став, било тоа да е работата, дневните рутини или вашата врска. Почнете полека избирајќи една област во која мислите дека најлесно може да интервенирате.

Проверувајте се. Повремено во текот на денот запрете и проверете како размислувате. Ако во текот на денот вашето расположение тргнало по надолна линија, направете брза промена и сменете ја насоката.

Внесете смеа во животот. Обидувајте се да се смеете (или барем да се насмевнете) особено во тешки времиња. Знаете дека насмевката многу значи на оној кому му е подарена, а всушност ништо не сте изгубиле, тоа е една двојна добивка! Сетете се само како сте ја барале на лицата од луѓето кои ве опкружувале во времињата кога вам ви било тешко.

Водете здрав начин на живот. Вежбајте барем три пати неделно. Физичката активност ќе ви го исполни телото со ендорфин и серотонин кои се уште познати и како хормони на среќата. Исхраната нека биде избалансирана со здрави продукти за да го ослободите телото од сите токсини кои го оптеретуваат. Научете да се справувате со лутината, стресот и бесот.

Опкружете се со позитивни луѓе. Обидете се луѓето кои се во вашето опкружување да бидат позитивни и полни со поддршка, на кои секогаш ќе може да им се обратите за совет и помош, а за возврат и вие ќе бидете такви спрема нив. Негативните личности можат да ви го зголемат стресот и да направат да се посомневате во вашите способности за справување со тешки и напнати ситуации.

Вежбајте позитивен саморазговор. Почнете со едноставни правила: Не зборувајте го на себе  си она што не би го рекле на другите. Бидете нежни и охрабрувачки кон себе! Ако ви налета некоја негативна мисла, разгледајте ја рационално и одговорете со решенија од кои ќе излезе барем нешто добро.

 

Еве некои примери како песимистичките мисли би можеле да ги замените со оптимистички:

Негативен став

Позитивен став

Ова не сум го направил/а никогаш до сега.

Ова е можност да научам нешто ново.

Премногу е комплицирано...

Ќе го решам од поинаков агол.

Немам ресурси за да го сработам ова.

Неопходноста е мајка на пронајдокот.

Премногу сум мрзлив/а за да го сработам ова.

Не сум во можност да го сработам ова заради мојот распоред, но ќе ги разгледам приоритетите.

Нема шанси ова да успее!

Ќе се обидам ова да успее!

Ова е премногу радикална промена!

Ајде да се обидам!

Никој не се заморува да комуницира со мене...

Ќе се обидам да отворам некој пат за комуникација...

Нема да се подобрам во ова...

Ќе се обидам пак!

 

Вежбајте позитивно мислење секој ден

Оптимист не се станува преку ноќ. Но со тек на време може вашиот саморазговор да се исполни со повеќе самоприфаќање, а со помалку самокритика. Можеби ќе научите помалку да го критикувате и светот околу вас. Кога ќе го споделите доброто расположение и искуство, и вие и светот околу вас ќе бидете позадоволни од новите емоции. 

 

Прва порака за тие што ќе се обидат...

Don’t worry, be happy! :-)

 

дознајте повеќе за

д-р Венцислав Божиновски

авторски текст , не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување

www.doktori.mk, 03.09.2012

Последна вест

Најчитани статии - животен стил