Доктори.мк | Тиреоидната жлезда како главен регулатор на метаболизмот | tireoidnata-zlezda-kako-glaven-regulator-na-organizmot | Портал за медицина и здравје

Тиреоидната жлезда како главен регулатор на метаболизмот

студент по медицина

Тиреоидната жлезда претставува непарен орган, сместен во вратната регија, кој има важна задача да создава хормони кои имаат голема регулаторна и модулаторна моќ врз целокупниот метаболизам на човекот. Клетките кои ја градат тиреоидеата се означуваат како тиреоцити и се единствени во организмот кои може да ги создадат двата хормона кои играат значајна улога во стимулирањето на сите метаболни процеси во секоја клетка во организмот. Тие хормони се означуваат како Т3 (тријодтиронин) и Т4 (тироксин).

Стимулација на тиреоидната жлезда

За да може тиреоидната жлезда редовно и во доволни количини да доставува хормони во циркулацијата, кои се ставаат на располагање на секоја жива клетка, таа мора да биде соодветно стимулирана. Таа стимулација се остварува преку хормон кој го лачи хипофизата и се означува како тиреоиден стимулирачки хормон (thyroid stimulating hormone) - ТСХ. Овој хормон постојано делува стимулативно врз тирeоидеата, а се излачува тогаш кога во циркулацијата се намалува концентрацијата на тиреоидни хормони, односно престанува да се лачи тогаш кога во циркулацијата има доволно количество на тиреоидни хормони.

Залиха на хормони

Клетките на тиреоидеата синтетизираат хормони кои ги депонираат во форма на високомолекуларни протеини, означени како тиреоглобулини, така што речиси во секое време тиреоидеата има залиха на тиреоидни хормони за наредните 3 месеци. Тоа значи дека хипотетички доколку тиреоидеата комплетно престане да создава хормони, тоа нема веднаш да се манифестира кај човекот, бидејќи истата во секое време ја има обезбедено таа физиолошка залиха на хормони. Тогаш кога тие ќе се потрошат, организмот ќе доживее важни промени кои пациентот го тераат да се јави на лекар.

Слободна и врзана форма на тиреоидните хормони

Хормоните кои тиреоидеата ги пласира во циркулацијата делумно циркулираат слободни во таканаречена слободна (free) форма, а дел се врзуваат за протеините. Тие кои се означени како слободна форма, на организмот му се достапни да ги искористува уште во истиот миг, додека онаа врзаната форма претставува израз на штедливото работење на организмот. На тој начин тој го превенира непотребното искористување на она количество хормони кои се во крвта, а воедно и не дозволува тие благородни молекули да бидат предвремено инактивирани и практично изгубени.

Тиреоидните хормони го стимулираат метаболизмот

Т3 и Т4 делуваат буквално на секоја клетка бидејќи во сите клетки се случуваат различни метаболни процеси, кои иако се со различен интензитет и брзина, се во суштина на клеточното опстојување и добивање енергија за обавување на различни активности. Хормоните го остваруваат своето дејство откако ќе навлезат во клетките и откако ќе се врзат за соодветни рецептори по принципот на клуч и брава. Еднаш врзани, започнуваат да активираат бројни сложени процеси на активација на генското препишување од ДНА и понатамошно синтетизирање на протеини кои во суштина претставуваат ензими или некои други молекули кои се од големо значење за нормално фунционирање на метаболните процеси. Тоа е основниот механизам преку кој овие хормони го активираат метаболизмот, односно стимулираќи создавање на ензими, овозможуваат метаболните процеси да се случат како би можела клетката да добие доволно енергија за да може да функционира. Уште поедноставно кажано, доколку нема ензими, нема да има ниту метаболизам, а со тоа клетките нема да си обезбедат доволно енергија за да може правилно да функционираат.

Овие два хормона имаат важно влијание, не само на метаболизмот, туку и на психофизичкиот развој, особено на развојот на мозокот кој во текот на бременоста е интензивен и зависен токму од овие хормони. Токму тоа се причините зошто недостатокот на хормони резултира со една хипометаболна состојба или евентуален психофизички дефицит, а пак вишокот на хормони резултира со забрзување на метаболните процеси (хиперметаболизам).

 

 

дознајте повеќе за авторот - Филип Наумовски >>>

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-
 
 
Не пропуштај ги дискусиите на тема: Тироидна жлезда 
www.doktori.mk, 02.09.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина