Дебелина – естетски и сериозен здравствен проблем

професор по физичко и здравствено образование

Дебелина (гојазност, обезност) претставува прекумерна телесна маса која настанува поради зголемување на масното ткиво и тоа над 30% кај жените и над 25% кај мажите. Секое зголемување на телесната маса кое е 10% повеќе од идеалната телесна тежина се смета дека е гојазност.

Но, овде се мисли на зголемената телесна маса во однос на зголеменото масно ткиво, затоа што постои зголемување на телесната тежина која е последица на хроничи заболувања и која настанува поради насобирање течности, при бременост или кај зголемена мускулна маса кај активни спортисти.

Оваа појава денес е една од најраспространетите здравствени проблеми на модерното живеење. Сериозните промени кои се случуваат во организмот опфаќаат настанување на патолошки промени кај различни системи и органи на човечкото тело, како што се кардиоваскуларниот, дигестивниот, ендокриниот, нервниот систем  итн. Меѓутоа, пациентите многу често не обраќаат внимание на проблемите настанати на наведените системи.  Многу поголемо внимание им предизвикува некоја промена која ќе се појави на кожата. Медицинската пракса пронашла одреден број на дерматолошки компликации кои настануваат како последица на гојазноста. Некои од нив се следниве: acanthosis nigrans и висечки брадавици, хиперандрогенизам, стрии, хиперпигментации, лимфедем, патолошка состојба поврзана со кожни набори (интертриго), промена на анатомијата на стапалата поради прекумерна тежина, компликации на кожата  кои можат да настанат за време на хоспитализација на овие пациенти.

Гојазноста за време на пубертетот е подеднаква меѓу половите, а потоа е почеста кај жените отколку кај мажите. Може да настане како последица на пореметувањето на работата на жлездите или поради разни наследни фактори. Претежно настанува поради премногу внесување на липиди и јагленихидрати кои во организмот се депонираат како масти.

Во “модерниот свет” гојазноста е многу распространета поради стресниот живот. Поради брзото темпо на живот, се создаваат неправилни навики и начин на кој се храниме и воопшто живееме. Времето за одмор се користи за гледање телевизија или видео игри. Слатките напитоци и овошните сокови се главните виновници за гојазноста кај младите. Кога ќе настане гојазност, многу тешко е да се вратите на старата тежина поради тоа што дошло до промена на распоредот на мастите во организмот. Кај мажите масното ткиво се акумулира главно на градниот кош, на горниот дел од стомакот, на вратот и лицето, а кај жените претежно на стомакот, глутеалната регија и екстремитетите. 

Дури и ригорозните диети даваат слабо видливи резултати и ефекти. Слабеењето со вежбање е исто така отежнато, затоа што гојазните особи имаат промени и на локомоторниот систем. Дегенеративни промени се случуваат на зглобовите во колената, рбетниот столб, карлицата и стапалата, што резултира со тегоби (болки) при движење. Вишокот на масти и холестерол остава промени на крвните садови и како последица на тоа се јавува хипертензија, артериосклероза, инфракт, шеќерна болест, мозочен удар и сл.  Доаѓа до ослабнување на имуниот систем кое може да предизвика инфекција на респираторниот систем и масна инфекција на црниот дроб.

За крај може да се наведе дека медицината денес гојазноста ја третира како болест, која единствено може да се лекува на мултидисциплинарно ниво со задолжителна соработка и мотивација на пациентот.

Дознајте повеќе за

Катерина И. Стојаноска

професор по физичко и здравствено образование

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 22.08.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина