Физичка активност

студент по медицина

Физичката активност е еден од одлучувачките фактори за одржување, зачувување и унапредување на здравјето. Ова е совршен начин да го донесете вашето тело во форма, а исто така и менталниот став. Долгорочното и редовно вежбање го забавува стареењето. Корисно е во превенција на неправилности и оштетувања на нашето тело, на сите органи и ткива. Го намалува ризикот од коронарна срцева болест, хронични заболувања, шеќерна болест, некои форми на рак, гојазност, стрес, анксиозност и депресија.

Да се биде физички активен, мора да се биде во добра кондиција и обратно. Со оглед дека овие два концепти се тесно поврзани, важно е да се утврди што се подразбира под физичка активност, а што под физичка способност.

Физичка активност и физичка способност

Физичка активност е секоја форма на физичко движење кое е поврзано со значително зголемени метаболни барања. Во прилог на спортските активности, вклучувајќи ги и напорните физички активности, се професионални и домашни работи и други рекреативни активности кои бараат физички напор.

Можеме да кажеме дека физичка активност се сите движења кои ја зголемуваат нашата потрошувачка на енергија во текот на вежбањето.

Под терминот вежбање се смета секоја физичка активност која е планирана и организирана со примарна цел за подобрување на здравјето и физичката кондиција.

Физичката активност и вежбањето се навики кои се поврзани со начинот на живот, додека физичката способност се однесува на индивидуалните физички капацитети за извршување на одредени физички активности.

Добра кондиција на луѓето претставува способност да се адаптираат брзо на физичките барања со кои се соочуваат во текот на денот и во секојдневниот живот, како и можноста од брзо закрепнување по тешка физичка работа.

Секој тип на професионални спортски активности или секојдневна работа имаат специфични карактеристики, така што можеме да кажеме дека физичката способност не е од универзален карактер, ниту е универзален феномен, но е поврзана со одредена работа. Исто така, физичката способност е состојба која зависи од одредени физиолошки, ментални и емоционални особини може да бидат наследни и стекнати.

Физичката способност ја сочинуваат пет основни компоненти: сила, брзина, издржливост, флексибилност и агилност.

Фактори кои влијаат на подобрување на физичката кондиција

  • Доволно сон;
  • Правилната исхрана и нега на тело;
  • Многу одмор;
  • Систематски и балансиран живот;
  • Разновидност на умот и телото.

Фактори кои влијаат врз влошувањето на физичките способности

  • Недостаток на спиење;
  • Несоодветна исхрана и нега на тело;
  • Малку одмор;
  • Пречки во дневниот ритам на животот;
  • Незадоволство, завист, депресија, проблеми;
  • Преоптоварување со работа.

Постои уште еден концепт кој е многу тесно поврзан со претходните два. За разлика од вежбањето и физичката кондиција, физичката состојба или форма е збир на сите атрибути (компоненти), како брзина, сила, издржливост итн., кои одредуваат капацитет за физичка активност, а тој во голема мера зависи од физичката активност и физичката кондиција.

 

 

Повеќе за авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 14.08.2012

Последна вест

Најчитани статии - животен стил