Внимавајте - долгото ноќно седење пред компјутер или телевизор може да предизвика депресија

Седењето пред компјутер или пред телевизор до доцна во ноќта, или спиењето пред запален телевизор може да ги зголеми шансите да станете депресивни, покажува студијата на научници од САД.

Студијата на научниците од медицинскиот центар при Универзитетот Охајо, делумно финансирана и од Министерството за одбрана на САД, би требало да ги наведе на размислување ноќните птици. Истражувачите експерименталните глувци ги изложувале на придушено светло и забележале промени во нивното однесување и во мозокот исклучително слични на симптомите кај депресивните луѓе.

Зголемувањето на изложеноста на вештачка светлина во последните 50 години се совпаѓа со зголемената стапка на депресија, посебно кај жените кои се двојно посклони кон таа состојба од мажите.

Глувците во експериментот четири недели биле изложувани на слаба светлина во текот на ноќта, слична на онаа што ја создава телевизискиот екран во замрачена соба, а резултатите се споредувани со контролната група што била изложувана на нормален циклус на светло и темно. Експерименталната група потоа две или четири недели била изложувана на нормален циклус и потоа испитувана. Резултатите покажаа дека глувците биле помалку активни и имале послаб интерес од вообичаениот за пиење засладена вода, што се два симптома споредливи со знаците на депресија кај луѓето.

Забележани се и биолошки сличности кога истражувачите утврдиле промени во делот на мозокот хипокампусот, слични со оние кај луѓето заболени од депресија. Симптомите на депресија биле реверзибилни, утврдиле научниците врз основа на резултатите кај глувците кои се вратиле во нормалниот циклус на светло и мрак.

Извор Макфакс

www.doktori.mk, 28.07.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина