Масло за сончање од лековити билки

доктор по стоматологија

Која е вистината за влијанието на лековитите растителни масла врз кожата при сончеви изгореници? Дали тие не штитат сончевите зраци?

Маслиново масло

Ладно цедено, чисто, без додатоци, има одреден низок фактор за заштита од УВ зраците и сонцето. Најголемиот дел од тоа влијание е базиран на рефлектирањето на сончевите зраци од масната фаза на маслото кое е намачкано на кожата. Маслиновото масло може да помогне како средство против ултравиолетовото зрачење.

Кантарионово масло

Има спротивно дејство, односно го зголемува дејството на сончевите зраци бидејќи има фотосензитивни својства. Ова масло служи за лекување на настанатите изгореници од сонцето, а не штити од сончевите зраци. Доколку претерате со сончањето, изгорениците намачкајте ги со масло од кантарион, но притоа немојте да се изложувате на сонце бидејќи ќе ви се влоши состојбата.

Лавандово масло

Има смирувачко дејство на кожата и настанатите изгореници. Има низок заштитен фактор и затоа најчесто се користи за нега на кожата, при лишаи, како и за масажа поради пријатниот мирис и својството  да ја подобрува циркулацијата.

 

Како се прави растително масло од лековити билки во домашни услови

Растително масло од лековити билки во домашни услови се добива со постапката наречена мацерација, односно одделување на активните материи од свежата билка во раствор од масло при зголемена температура и во фабрички услови и зголемен притисок, со што би се намалило траењето на процесот. Растителните масла се разликуваат од етеричните масла. Етеричните масла на лековитите билки се маслена и мирисна есенција на самите билки, додека растителните масла се раствор на билките во некое од стандардните масла.

Наједноставниот начин на приготвување на растително масло во домашни услови е следниов:

  1. Наберете свежи, здрави и чисти лековити билки.
  2. Ставете ги лековитите билки во тегла.
  3. Прелијте ги со лековито масло од некое стабилно масло – маслиново или сончогледово масло, промешајте и оставете го да стои. Доколку користите ладно цедено сончогледово масло, кое има подобри својства поради витамините А и Е кои ги содржи, ќе мора да внимавате дека тоа лесно може да се расипе и затоа внимателно треба да го чувате.
  4. Теглата треба да ја чувате на топло место или директно изложена на сонце 3 -4 недели. Алтернативен и брз начин на приготвување е да ја загревате теглата на благ оган 24 часа.
  5. Во двата случаи смесата во теглата треба да се промешува одвреме навреме.

После потребното време, растителното масло процедете го преку газа и ставете го во чисто стаклено шише. Чувајте го на ладно и темно место за да не дојде до промена на неговите својства.

 

 Д-р Кристина И. Стојаноска Алоска

-авторски текст , не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

објавено на 2012-07-25

 

www.doktori.mk, 30.07.2014

Последна вест

Најчитани статии - животен стил