Кажете им збогум на здравствената книшка и сините картони

Електронската здравствена картичка ќе значи најпрво укинување на сините картони, а потоа и на хартиената здравствена легитимација.

Електронската здравствена картичка ќе се користи како медиум на записи и преноси на информации за осигурениците во системот на здравствена заштита, а ќе биде носител на личните, административни и здравствени податоци содржани во е-здравствениот картон на секој пациент.

Секоја картичка го идентификува лицето во здравствениот и останатите системи во Република Македонија.

Колку чини?

Висината на трошоците за издавање на електронската картичка за здравствено осигурување изнесува 250 денари, додека за невработени лица, пензионери чија пензија не надминува 15.000 денари, самохраните родители, деца без родители и родителска грижа до 18 година, како и за лицата осигурани преку нив изнесува 100 денари.

Ослободени од трошоците за новата здравствена картичка се корисниците на социјална парична помош и членовите на нивните семејства, како и лицата корисници на постојана парична помош. Со Правилникот е утврдена и висина на трошоците за замена на загубена или оштетена електронска картичка за здравствено осигурување за сите осигуреници и осигурени лица и изнесува 250 денари, а за повторно активирање на блокирана електронска картичка за здравствено осигурување изнесува 100 денари.

Во секоја здравствена установа

Електронската здравствена картичка ќе се користи при секоја посета на лекар, при користење на болнички, лабораториски и останати медицински услуги, земање на лекови во аптеките, земање на медицински помагала, користење на услуги на брзата помош и при сите останати процеси поддржани со апликативна поддршка на информатизираниот здравствен систем на Република Македонија.

Картичката за некои групи на лица има повеќекратна функционалност (како што е дигитално потпишување), додека за мнозинството на осигуреници картичката ќе претставува преносен, електронски запис на сегашната здравствена книшка и медицинскиот картон.

Податоците достапни за корисниците 24/7

Системот за управување со авторизацијата, поточно системот за доделување на право, односно функционалност на секоја поединечна картичка во системот, како и на групи на картички, физички ќе биде сместен во ФЗОМ. Со поврзаноста на подрачните служби и на централниот систем овозможена е видливост и достапност на сите податоци и нивно ажурирање. Секој корисник на картичката ќе има можност преку апликација достапна на интернет страниците на ФЗОМ, самостојно да ја користи картичката за промена на PIN-от, за читање на личните медицински податоци запишани во електронската здравствена картичка и останатите функционалности, доколку се поддржани, а во согласност со предефинираните права на централно управуваната авторизација.

Извор Макфакс

www.doktori.mk, 19.07.2012

Последна вест

Најчитани статии - занимливости