Paroxysmal Tonic Upgaze – енигма во педијатриската невро-офталмологија

студент по медицина

Пароксизмалниот тоничен поглед нагоре или PTU (paroxysmal tonic upgaze) засега останува вистинска енигма во педијатриската невро-офталмологија. Станува збор за ретко заболување кое е за прв пат опишано во 1988 година и досега се пријавени само педесетина случаи ширум светот. Иако бројката покажува дека се работи за ретко заболување, денеска помеѓу педијатрите започнува да владее размислување дека заболувањето е, напротив, многу почесто од тоа што замислуваме, но бидејќи досега не се знаело за него и е од неодамна во литературата, познавањето на матичните педијатри и лекарите од другите специјалности е многу оскудно што претставува реална причина ова заболување да помине незабележано.

Етиологија

Во суштина ова заболување се јавува во текот на доенечкиот период, се до навршување на првата година и најчесто симптомите не се појавуваат откако детето ќе наполни 1 година. Објавени се само неколку случаи каде болеста перзистирала до 5-тата година. Симптомите многу често се јавуваат тогаш кога бебето има температура или пак по вакцинација. Само во 4 случаи до сега е докажано постоење на ова заболување во семејството. Исто толку случаи се поврзани со земање на Валпроат во текот на бременоста. Сите иследувања до сега покажуваат нормална структура на нервниот систем. Од сето ова се заклучува дека не постои една единствена причина за да се јави ова заболување или пак сега за сега таа останува неевидентирана.

Симптоми

Кај најголем број на случаите единствениот симптом е всушност ненадејното, случајно, односно пароксизмално вртење на очите нагоре, односно пароксизмален вкочанет поглед нагоре. Поради тоа што очите неконтролирано се насочуваат нагоре, за да може детето да го задржи нормалното видно поле - тоа компензаторно ја наведнува главата како би се обезбедил соодветен видик. Самата ситуација кога детето го има тој тоничен поглед нагоре кој може различно да трае е изненадувачка и воедно застрашувачка за родителите и исто толку збунувачка за лекарите. Ретко покрај овој симптом може да постои и некоординираност во одењето при што детето оди несигурно, на широка основа и личи како да во секој момент ќе падне (атаксија). Исто така, само кај неколку случаи се забележани благи интелектуални проблеми кои немаат клучно значење за поставување на дијагнозата.

 

Погледнете ги следните видеа во кои се претставени епизоди на Пароксизмален тоничен поглед нагоре (PTU):

 

Прогноза и значење на PTU

На почетокот педијатрите се сомневале дека сето тоа е само епилептична манифестација, но денеска со сигурност се знае дека PTU нема никаква врска со епилепсијата иако не е исклучено детето паралелно да боледува од епилепсија. Најчесто невролошкиот статус и сите други иследувања не покажуваат никакви отстапувања. Без оглед колку драматично изгледа детето кое има напад на PTU, сепак денеска се верува дека тоа е бенигно заболување кое спонтано поминува до крајот на првата година. Ретко кога може да постојат напади до 5-тата година. Понекогаш може да останат резидуи на атаксијата и потешкотии со говорот и читањето, но и тоа е минливо.

Сепак од оваа инстанца не можеме да говориме многу за ова заболување затоа што практично знаеме премногу малку. Очигледно е дека ќе треба да се потрудиме многу околу тоа да дознаеме како и зашто настанува ова заболување бидејќи досегашните сознанија се премногу оскудни. Но, сепак, од големо значење е заболувањето да не остане непрепознаено. Само истражувањата на невролозите би можеле во иднина да ни го донесат одговорот кој ќе даде решение за засега енигматичното невро-офталмолошко нарушување на погледот.

 

дознајте повеќе за авторот Филип Наумовски

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 13.07.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина