Промени на усните

доктор по стоматологија

... продолжува од Промени на бојата на усните

1. Промени на површинската структура

Усните имаат карактеристична површинска структура. Румениот дел од усните има малку назначни напречни бразди. Длабочината на овие бразди зависи од возраста на пациентот. Кај младите пациенти овие бразди се незначајно изразени, додека кај повозрасните пациенти се повеќе се продлабочуваат. Продлабочувањето настанува поради намалувањето на масното ткиво на усните како и поради  губењето на мускулниот тонус.

Има многу причини кои можат да предизвикаат промени во површинската структура на усните и тоа да доведе до губење на овие бразди. На прво место тука се набројуваат сите агенси кои се земаат за зголемување на усните. Со тоа усната станува мазна, а браздите целосно исчезнуваат. Тоа се случува и кај некои хелити.

Промената на површинската структура со губење на браздите најчесто е пропратена со промена на бојата на усните која притоа може да биде со силно или слабо изразено црвенило. Ретко се случува промената на структурата да не биде пропратена со промена на бојата на усните.

 

2. Промени во големината на усните

Некои патолошки услови може да доведат до промена на големината на усните. Овие промени се однесуваат на зголемувањето и намалувањето на усните.

 

Зголемување на усните

Настанува поради оток или некое воспаление и хиперплазија на ткивата на усната. Ретко се случува зголемување да настане поради тумор. Зголемувањето на усните кое е предизвикано од оток е од реверзибилна природа, а зголемувањето предизвикано од хиперплазија е неповратно. Такво зголемување настанува при Мелкерсон – Росентловиот синдром. Оваа промена на усните е симетрична, но не се исклучува можноста да биде зголемена само едната усна.

Зголемувањето на усните секогаш е пратено со промени во површинската структура. При тоа усната станува потполно мазна.

 

Намалување на усните

Може да настане после некои изгореници, поголеми трауми или при радио-активно зрачење. Ваквите промени најчесто се пратени со деформитети на усните. Доколку дојде до промена на кожата или мускулите на лицето, може да се очекува дека усниот отвор ќе се намали.

 

 

Дознајте повеќе за авторот

д-р Кристина И. Стојаноска Алоска

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 10.07.2012

Последна вест

Најчитани статии - стоматологија