Доктори.мк | Шок - една од најсериозните состојби во медицината | sok-edna-od-najserioznite-sostojbi-vo-medicinata | Портал за медицина и здравје

Шок - една од најсериозните состојби во медицината

студент по медицина

Шокот е една од најсериозните состојби во медицината и затоа е многу важно да знаеме како правилно да го препознаеме и да им помогнеме на таквите луѓе.

...Оваа тема го привлекува мојот интерес и ја имам истражувано во тек на моето образование, и од тука почувствував потреба детално да ја обработам на свој начин и да ги поделам информациите  со сите вас...

Дефиниција и патофизиологија на шокот

Што претставува шокот?

Постојат повеќе дефиниции кои  објаснуваат што е шок. Една од нив вели:

"Шок е акутно генерализирано пореметување на перфузијата (прокрвеноста) на сите органи"

Може да доведе до смрт поради неможност да се задоволат метаболичките потреби на ткивата со кислород и поради неможност од ткивата да се отстранат отпадните продукти на метаболизмот. Таква состојба каде што е нарушена циркулацијата се одразува со намалена прокрвеност, поради која доаѓа до неадекватно искористување на кислородот и следствено до метаболни нарушувања. Заради намалување на кислородот во клетката доаѓа до анаеробна гликолиза, неможност да се одржи нормалното ниво на АТП(аденозин три-фосфат), и следствено ацидоза во организмот.

 

Механизми на настанување на шок

За полесно разбирање на настанувањето на шокот, може да ги замислите срцето - како пумпа , крвните садови - како систем на цевки со различен дијаметар и отпор, а самата крв како хидраулична течност. За уредна работа на овој систем, течноста треба да циркулира со одредена брзина и под одреден притисок кој го произведува самата пумпа т.е. самото срце.

Ако пумпата не работи како што треба или пак не го дава потребниот притисок настанува тн. кардиоген шок.

Циркулирањето на течноста може да биде недоволно ако цевките немаат соодветен дијаметар и не произведуваат отпор : вазохипотонусен шок.

Губитокот на течност надвор од системот, исто така може да предизвика и доведе до пореметување на циркулацијата тн : хиповолемичен шок.

Според тоа, може да кажеме дека постојат три главни механизми кои ќе доведат до состојба на  шок :

  1.  Хиповолемија: намален е циркулаторниот волумен на крв
  2.  Инсуфициенција на срцето: кога срцето не работи
  3.  Промена на тонусот на крвните садови: вазодилатација или вазоконстрикција

 

Фази на прогресија на шокот

Во самиот развој на шокот постојат неколку фази. Во првата фаза организамот настојува да ги компензира патолошките промени кои се случуваат. Така почнува засилено да излачува катехоламини од срцевината на надбубрежната жлезда. Со тоа ќе дојде до зголемување на работата на самото срце, а исто така ќе предизвика периферна вазоконстрикција и со тоа ќе се покачи периферниот отпор и сето оваа ќе доведе и до зголемување на артерискиот притисок. Со овој механизам се успева само на некое време да се одржат нормалните вредности на крвниот притисок. Самиот поим периферна вазоконстрикција (стеснување на крвните садови) подразбира констрикцијата не е подеднакво изразена  во целото човечко тело. Имено, прво ќе се контрахираат крвните садови во кожата, а оние внатре во организмот остануваат релативно непроменети. Во доцната фаза се појавува и вазоконстрикција во тн. сплахнична циркулација, како и во бубрезите. На овој начин се одржува артерискиот притисок, но во споменатите органи кои се погодени со вазоконстрикција се намалува протокот на крв и тие се во хипоперфузија. Ваква состојба се вика централизација на крвотокот.

Со овој механизам организмот настојува да ја сочува перфузијата на мозокот и срцето, иако може да дојде до оштетување на некои органи како на пример: цревата и бубрезите. Во ткивата метаболизмот почнува да работи по  анаеробен пат, настануваат токсични метаболити, се разградуваат белаковините, пропаѓаат клетките и се развива ацидоза. Во доцната фаза доаѓа до исцрпување на катехоламините и шок во микроциркулацијата.

Исто така доаѓа и до генерализирана вазодилатација и се намалува протокот во сите органи. Оваа фаза на шокот често пати е иреверзибилна и понатамошни патофизиолошки промени ќе доведат до откажување на повеќе органи и конечно ќе дојде до смрт на организмот.

Типични симптоми на шокот

Типични симптоми на оваа состојба се

  • артериска хипотензија  ( пад на крвниот притисок)
  • пореметување на свеста
  • пепелно-бледа и оросена кожа
  • забрзан и ослабен (филиформен) пулс
  • диспнеа –чувство на недостаток на  вoздух
  • олигурија –намалено лачење на урина
  • зголемена жед
  • пореметување на осетливоста

Влијание врз органите и органските системи:

Секој орган во нашиот организам во состојба на шок трпи одредени пореметувања кои не се физиолошки. Таа состојба најмногу делува врз нашите витални органи :

Мозок: со централизацијата на крвотокот која претходно ја спомнавме, во почетната фаза на шокот се одржува оптимално крвоснабдување, но со понатамошното негово прогредирање доаѓа до намалување на мозочната прокрвеност. Тоа клинички се манифестира со пореметување на свеста од немир до сомноленција и на крај може да настапи и кома. Заради хипоксијата (недостатокот на кислород), може да дојде и до респираторен арест.

Бубрези: Најчеста последица од шокот е развој на акутна ренална инсуфициенција која се манифестира со ОЛИГУРИЈА И АНУРИЈА. Овој облик на бубрежна инсуфициенција по правило е минлив и ако се излечи шокот функцијата на бубрезите се враќа без симптоми на болест. Понекогаш заради ануријата во состојба на шок треба да се направи хемодијализа или хемофилтрација.

Бели дробови: Во состојба на шок често пати се развива АРДС (aнг. Adult respiratory distress syndrome). Во таа состојба доага до развој на алвеоларен едем и исто така доаѓа до губиток на нормалното функционирање на алвеоларно–капиларната мембрана. Тоа значи дека нема нормална измена на гасовите на ниво на оваа мембрана.  Се јавува хипоксија и диспнеа и понекогаш инфилтрации кои може да се видат на рентгенски снимки на градиот кош

Срце: намалена е коронарната артериска перфузија и заради тоа доаѓа зголемен анаеробен метаболизам во миокардот и до развој на ацидоза.  Тие водат кон намалување на пумпната снага на левата срцева комора.

Црн дроб: Исто така се намалува протокот на крв и се намалува глуконеогенезата, се натрупуваат лактати и тоа исто се допринесува во развојот на ацидоза.

Желудник и црева: шокот води до намалена мезентерична циркулација, па може да настане исхемиски колитис, а исто може да се равијат и акутни стрес улкуси во желудечната слузница.

Накратко може да заклучиме дека за време на шокот се намалува срцевиот минутен волумен кој ќе предизвика намален метаболизам. Ако минутниот волумен на срцето се намали на половина човекот може да живее уште неколку часа.

Со намалувањето на метаболизмот се јавува и мускулна слабост која е предизвикана од намаленото снабдување на мускулите со хранливи состојки и кислород. Се намалува и телесната температура. Болниот влегува во состојба на ступор. Може да дојде до намалување на работата на самите бубрези подари некроза (изумирање на ткивата) на тубуларниот епител и тоа ќе предизвика да запушување на тубулите во бубрег кое на крајот ќе доведе до ренална инсуфициенција.

 

 

дознајте повеќе за авторот

> Корнелија Иванјек <

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

 

 

Продолжува - поделба на шокот и прва помош...

www.doktori.mk, 09.07.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина