За надежта

специјалист по училишна психологија - FSP психолог

Што е тоа НАДЕЖ? Зошто имаме потреба да ја спомнуваме толку многу денес? И зошто е потребно да ја имаме?

Пред да се обидеме да ја дефинираме, слободно ќе речеме - ЖИВОТОТ го бара тоа. ЖИВЕЕЊЕТО денес бара НАДЕЖ. А умешното живеење како крајна цел на психологијата, бара високо ниво на надеж. Каква слика имаме денес за живеењето?

За жал, бројот на дисфункционални семејства, разводи и губитоци е сé поголем заради што најмногу емоционално страдаат децата! Премногу депресија, дури и во најразвиените земји, односно статистиките покажуваат дека во тие земји самоубиствата се најчести. И уште еден пострашен статистички податок, во Швајцарија прва причина за смрт кај младите е самоубиството!

Премногу очај и депресија насекаде, не можеме веќе тоа да криеме под тепих! Од друга страна, јасно е дека високото ниво на надеж е движечка сила кај секој поединец, било возрасен или дете.

Како да ја дефинираме Надежта?

Ја среќаваме како пасивна состојба во синонимите САКАМ и ОЧЕКУВАМ, а кога секојдневно велиме СЕ НАДЕВАМ - тоа е само пасивно очекување. Надежта како посакувана состојба е само едно својство на личноста.

Таа не е ОПТИМИЗАМ, кој е само позитивно очекување, без јасен план, цели, патишта...

НАДЕЖТА најдобро може да се одреди како специфичен, уникатен начин на размислување и перцепирање на нештата. Таа ги одредува успесите и неуспесите во животот, ја одредува сликата за себе, воопшто - таа го одредува животот како еден активен процес.

Според Snyder, високо надежните луѓе можат да бидат пример и модел за ефикасно функционирање, а нивната главна животна приказна, но и сите други нивни приказни, можат да му послужат секому, па и на децата, доколку другиот е отворен да слуша, прима, прифаќа и применува.

Концепт на Надежта

Со целосен респект и личен афинитет кон религискиот и филозофскиот концепт, во психологијата концептот за НАДЕЖТА може да го видиме попрактично, благодарение на американскиот психолог Snyder.

Мислењето, чувствувањето и било која активност на поединецот не може да се одвива без перцепција на одредена цел. За да се дојде до одредена поставена цел, потребна ни е ментална енергија и способност за изнаоѓање патишта за остварување на целта. Па оттука, едноставно, компонентите на НАДЕЖТА се:

  • ЦЕЛ;
  • МОТИВАЦИЈА;
  • ПАТИШТА.

Овие компоненти, како интеркорелирани делови на мислењето, го претставуваат нивото на надеж што го поседува секој поединец. Ако недостасува само еден дел, една компонента, НАДЕЖТА НЕ МОЖЕ ДА СЕ СЛУЧУВА.

Профили

Во зависност од присуството на компонентите во нивото на надеж, разликуваме 4 профили на лица со надеж:

  • Ниска волја + ниски способности за изнаоѓање патишта - не се продуктивни како да дојдат до посакуваната цел;
  • Висока волја + ниски способности за изнаоѓање патишта - не умеат да размислуваат флексибилно и да изнајдат ефективни патишта;
  • Ниска волја + високи способности за изнаоѓање патишта - премногу патишта и можности, но немаат доволно ментална моќ;
  • Висока волја + високи способности за изнаоѓање патишта - висок степен на ментална енергија, многу ефективни можни патишта до целта.

Високонадежните луѓе, наспроти нисконадежните, се со очекувани карактеристики, со сите можни прелевања во дадени моменти.

Наспроти надежта е безнадежноста или психолошката смрт, а и физичка - односно самоубиството.

Постои парадокс - кај физичката смрт, односно самоубиството, ги среќаваме истите компоненти како и кај надежта. Но, сега целата ментална енергија се насочува по единствениот одбран пат кој води до единствената, преостаната цел - самоубиството.

Патот на надежта

Развивањето на надежта започнува во детството, но и порано, со љубовта и зародишот на посакуваното дете. И уште порано, како прекрасно кажал W.Whitman: „МНОГУ ГЕНЕРАЦИИ МЕ НОСЕА ПРЕД ДА МЕ РОДИ МАЈКА МИ“.

Од друга страна, секој од нас има „200 ГОДИНИ СЕГАШНОСТ“ наназад и нанапред во времето и тоа е трансгенерациската база, прабазата за надеж. ПОСТОЕЊЕТО! Но, сé започнува од одговорноста на родителите, односно возрасните.

Доенчето, предучилишното и училишното дете, како и адолесцентот, сите имаат различни развојни потреби и се разбира и развивањето на надежта е различно и зависи од развојните потреби.

Семејството како систем ја одигрува најважната улога во развивањето на надежта, а потоа развивањето продолжува и зависи и од училишната средина и воопшто многу пошироко од општеството. Родителите (возрасните) остануваат најповикани и најодговорни како и за секое друго прашање за своите деца, но и целокупната општествена средина.

Приказна за надеж

Низ детството, развојните фази влијаат на тоа како децата ќе мислат за себе и своите цели. Нивните мисли ги формираат нивните приказни. И сé е приказна! Доволно е да го прашаме детето во најмала возраст што прави кога станува наутро или кога оди на спиење и тоа ќе ни даде ПРИКАЗНИ. Едноставни одговори кои всушност се нивни важни приказни. Поточно, децата околу 6 месец веќе можат да ги одредат патиштата кон целта, а способноста за поминување на патеките се јавува околу 23 месец.

Сигурната емоционална поврзаност со мајката или адекватна замена, многуте квалитетни емоционални врски во животот на детето, јазикот кој ги идентификува компонентите на надежта, а и сценаријата како ментални водичи, го олеснуваат развивањето на надежта.

Потоа во времето од УЧЕЊЕ ЗА ЧИТАЊЕ - ДО ЧИТАЊЕ ЗА УЧЕЊЕ, со изборот на херои, процесот на децентрација, но и личните другарства, детето веќе прави баланс меѓу лични желби и желби на другите. Сега социјалните договори му се важни и другарството има централна улога во приказните за себе.

И на крај на развојот, раните адолесценти имаат неколку идентитети, приказни, но и готови сценарија од претходните генерации кои нормално сакаат да ги сменат, тоа е задача на адолесцентот. Од нив се бара да имаат и главна и многу споредни приказни, но најважното е да се охрабрат во формирањето на морални ставови и вредности. Личната приказна е клучот за преоѓање во рана зрелост. Всушност, барајќи го и градејќи го својот идентитет, тие го одат ПАТОТ НА НАДЕЖТА, во остварување на поставените животни задачи.

Snyder и соработниците нагласуваат дека ПРИКАЗНИТЕ најмногу можат да помогнат во развивањето на надежта. Возрасниот треба да знае да прашува, да слуша, да раскажува и да го УЧИ ДЕТЕТО на сето ова. Детето ќе порасне и ќе стане возрасен, па ќе го учи своето дете и токму тоа е НАДЕЖНА ПРИКАЗНА БЕЗ КРАЈ!

Високонадежно дете може да има неколку лични приказни кои се поврзани со настани со успешно остварување на целите. Истите тие приказни можат да бидат модел за случувањата во иднина. Возрасниот ја има предноста, секогаш може да се потпре на меморијата, која детето допрва ја гради. Нашата меморија е организирана според целите и патеките по кои сме оделе за да дојдеме до саканите цели. Сите информации, ментално складирани, се асоцијативно поврзани и пребарувањето на одредени делови во менталните мапи е иницирано токму од планот кој го создаваме за да дојдеме до најефективниот пат и до нашата цел. И ако возрасниот може да предвиди повеќе пречки и однапред да замисли повеќе патеки до целта, всушност, има високо ниво на надежно размислување.

Има разни приказни и секоја приказна има своја публика. Но, приказната за фамилијарното стебло е многу важна, каде родителот треба да ја исткае најнадежната приказна за минатите генерации, иако можеби имале маргинални постигнувања.

Ако на детето му се рече, дека БЛАГОДАРЕНИЕ НА НИВ СЕГА ЈАС И ТИ ОВДЕ СЕДИМЕ И РАЗГОВАРАМЕ, ПОСТОИМЕ - приказната е веќе НАДЕЖНА. И кога ќе му се објасни со каква љубов е самото создадено, тогаш фамилијарното стебло добива смисла, исполнето со љубов и надеж.

ТРАНСГЕНЕРАЦИСКАТА ПОРАКА ПРЕНЕСЕТЕ ЈА СО НАЈГОЛЕМА ПОЧИТ И ЉУБОВ ЗА ВАШИТЕ ПРЕТЦИ!

ВНЕСЕТЕ ОГРОМНА ЉУБОВ, ОВДЕ И СЕГА, СО ВАШИТЕ НАЈБЛИСКИ!

И ТОГАШ НАДЕЖТА Е ТУКА, НО И ВО ИДНИНАТА!

СО ПРИКАЗНИТЕ СЕ ПАТУВА НИЗ ВРЕМЕТО, А ПАТУВА И НАДЕЖТА СО ВАС!

Релевантни истражувањa

Во своите истражувања, психологот Snyder и неговите соработници заклучуваат дека повеќето деца се релативно еднакви во нивната моќ за изнаоѓање патишта и волја. Се докажало дека надежта е стабилна низ времето иако се случуваат отстапки во дадени ситуации. И покрај насилството, војни, гладот, болести, злоупотреби од секаков вид, како дел од живеењето на децата, сепак тие се високо надежни. Онаму каде нивото е ниско, возрасните ја имаат одговорноста да го зголемат.

Со цел да се потврди дека надежта се учи и може да се развива и стимулира, во Македонија исто така се направи истражување. ИНТЕРВЕНТНАТА ПРОГРАМА за стимулирање на надежта кај деца со емоционални проблеми, како дел од мојот специјалистички труд, успешно беше спроведена.

Се потврди дека нивото на надеж може да се зголеми, следејќи ги сите правила на едно емпириско истражување се докажа истото што го тврдат претходните релевантни истражувања.

Истражувањата во Америка, а и кај нас во Македонија, ни даваат за право да размислуваме за прифаќање на КОНЦЕПТОТ И МЕХАНИЗМОТ НА НАДЕЖТА, едноставен, познат, близок, но сега и научно поткрепен и докажан.

НАДЕЖТА СЕ УЧИ, МОЖЕ ДА СЕ СТИМУЛИРА И ДА СЕ ЗГОЛЕМИ НЕЈЗИНОТО НИВО!

ДОЛЖНИ СМЕ КАКО ВОЗРАСНИ ДА СЕ ОБИДУВАМЕ ПОСТОЈАНО ДА ЈА РАЗВИВАМЕ НАДЕЖТА, ПРВО КАЈ НАС, А ИМАЈЌИ ЈА, ДА ЈА СТИМУЛИРАМЕ КАЈ ДЕЦАТА!

НАДЕЖТА ОПСТОЈУВА И ТОГАШ КОГА Е НАЈМАЛКУ ВЕРОЈАТНО! НАЈГОЛЕМ ДОКАЗ - КОНЦЕНТРАЦИОНИТЕ ЛОГОРИ, КАДЕ САМУБИСТВОТО РЕЧИСИ И НЕ ПОСТОИ!

МОЌТА НА ПРИКАЗНИТЕ Е ОГРОМНА И ТИЕ СЕ ДОЛЖНОСТ И ОБВРСКА НА ВОЗРАСНИТЕ КОН ДЕЦАТА!

ОДРЕДЕНА КАКО МЕНТАЛНА ПОДГОТОВКА ЗА ПАТУВАЊЕ, НАДЕЖТА НÉ НОСИ ДО НАШИТЕ ЦЕЛИ... СИ БЕШЕ ЕДНАШ, не е приказна само од минатото...

ПОМОГНАЛО ВО МИНАТОТО, МОЖЕ ДА ПОМОГНЕ И СЕГА И Е ВЕТУВАЊЕ ЗА ИДНИНАТА!

СФАТЕНА КАКО КОНЦЕПЦИЈА СО КОМПОНЕНТИТЕ МОТИВАЦИЈА, ПАТИШТА И ЦЕЛ, СИ ДАВАМ ЗА СЛОБОДА ДА ДОДАДАМ ДЕКА НАДЕЖТА, ОБОЕНА СО ЉУБОВТА Е НАЈВАЖНАТА ДИМЕНЗИЈА НА ИДНИНАТА!

АКО МЕНЕ МИ ЈА ПОДАРИЛЕ, ЈА ПОДАРУВАМ И ЈАС, ЗА ДА БИДЕ ДАР КОЈ ПОДАРУВА ПОНАТАМУ... ДА БИДЕ БОЖИЛАК ВО НАШИОТ УМ И МИСЛИ, ПОСЕБНО ДЕТСКИТЕ!

 

За специјалистичкиот труд, повеќе на мојата веб страница: http://www.l-espoir-c-est-toi.ch>>>

 

 

-авторски текст , не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Повеќе за авторот>>>

www.doktori.mk, 08.07.2012

Последна вест

Најчитани статии - животен стил