Самопрегледот е важен – младежите во центарот на вниманието

студент по медицина

Во претходната статија говорев за меланомот како една од најагресивните неоплазми, па токму од таа причина посебно значење имаат сите можни превентивни мерки кои би требало да ги спроведеме за да го намалиме ризикот од појава на ММ. Всушност, малигниот меланом заслужува да биде разгледан од еден поинаков агол, односно - да погледнеме што е тоа што ние можеме да сториме во борбата против меланомот, а не што тој може да ни направи нам. Единствениот начин за тоа како да се намали бројот на новозаболени од ММ е превенцијата. Но, пред се, неопходно е популацијата да биде соодветно информирана. Неопходна е едукација на општата популација за тоа што е меланомот и како да се заштитиме од него.

Ние сме земја која има многу сончеви денови во текот на годината, УВ индексот особено во летниот период е многу висок, а најголем дел од луѓето често имаат неодложна потреба да бидат изложени на сончевите зраци во периодот од 10:00 – 17:00 h. Така се создава идеална подлога за развивање на ММ. Најважното нешто што може да го сториме за себе е да го сведеме на минимум експонирањето на сончевите зраци во периодот од 10:00 – 17:00 h, внимателно да се сончаме, да користиме креми со висок заштитен фактор, да носиме квалитетни очила, бела облека со долги ракави од соодветен материјал и во крајна мерка одвреме-навреме да направиме самопреглед бидејќи тој е единствениот начин за рано забележување на промени на кожата кои можат да одат во прилог на меланом.

Самопрегледот е важен

Луѓето не мора да бидат медицински образовани за да може да го обават овој преглед и навреме да го постават сомнението за постоење на некоја сомнителна лезија. Всушност, секој од нас одвреме-навреме треба да го разгледува своето тело од глава до пети и, пред се, да ги разгледува младежите и нивната форма и големина. Дерматолозите препорачуваат еднаш месечно да го правиме овој самопреглед. Треба посебно да обрнеме внимание на лезиите кои се поголеми од 6 мм и имаат чудна форма или некој од знаците кои во претходната статија ги набројав, кои всушност се „азбуката на меланомот“.

Оние делови од телото кои се лесно достапни може да ги прегледате и со лупа, додека недостапните делови, како грбот и тилот најдобро ќе биде да ги разгледате поставени наспроти големо огледало. Се разбира, за еден младеж да биде сомнителен неопходно е да поседува барем еден од знаците, како асиметрија (А-asymmetry), нејасни граници (В-borders), темно кафена до црна боја или темно сина боја и зони на депигментација, односно нерамномерност во пребојувањето (C-color), дијаметар – особено доколку е поголем од 6 мм и доколку во текот на времето се зголемува (D-diameter) и издигнување на лезијата над нивото на кожата (Е- elevation).

Секоја лезија која со текот на времето го зголемува својот дијаметар или се издигнува над површината на кожата треба многу будно да се следи. Понекогаш дерматолозите препорачуваат лезиите да се сликаат за да може наодот при наредниот преглед да се спореди со состојбата која била во моментот на сликање. Тоа може да го направите и во домашни услови, така што компарацијата на лезиите најдобро би било да ја направи вашиот матичен лекар или пак специјалист дерматовенеролог.

Се разбира, не секоја бенка која е над нивото на кожата е потенцијално малигна, туку таквите лезии кои не растат и не покажуваат ниту еден од знаците на меланомот се всушност сложени невуси со кои се раѓаме.

Луѓето кои во семејството имале близок кој бил болен или боледува од ММ би требало да имаат причина повеќе овој самопреглед да го претворат во рутина затоа што докажана е фамилијарна предиспозиција. Исто така, луѓето кои се раѓаат со повеќе од 50 младежи на телото сериозно треба да ја сфатат потребата од повремен самопреглед. Сите новонастанати невуси треба да бидат многу внимателно разгледани. Фактот дека некои невуси може да крварат, болат или чешаат, речиси без исклучок оди во прилог на меланом.

Овие совети се само еден едноставен начин како успешно да влеземе во трагата на можеби најподмолната малигна неоплазма, која иако е со милиметарска големина - може да не чини живот.

 

 

Дознајте повеќе за авторот Филип Наумовски

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 03.07.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина