Доктори.мк | Стоматолошката сестра и СИДА-та како проблем во стоматолошката ординација | stomatoloskata-sestra-i-sidata-kako-problem-vo-stomatoloska-ordinacija | Портал за медицина и здравје

Стоматолошката сестра и СИДА-та како проблем во стоматолошката ординација

доктор по стоматологија

1ви Декември - Светски ден за борба против СИДА

Инфективните заболувања го следат општеството уште од најстари времиња. СИДА-та се смета за една од најголемите закани за човештвото. Таа како болест претставува голем предизвик за медицината, науката и општеството во целина. Денес, со правилна имунизација, подобрување на материјалниот и хигиенскиот стандард на луѓето и антибактериската терапија, направен е напредок. И покрај сите овие мерки, СИДА-та сепак претставува сериозен проблем од повеќе аспекти, и тоа: епидемиолошки, медицински и социоекономски.

Наједноставно кажано, СИДА-та (AIDS), или Синдромот на стекната имунодефициенција, е инфективна болест која ја уништува способноста на организмот да се брани од појава на опортунистички инфекции и малигни тумори, создавајќи анергија. Имено, секој организам располага со одбранбен механизам со кој се бори против инфекцијата. Предизвикувачот на СИДА-та се инкорпорира во генетската програма на диригентите на имунолошкиот систем и полека ги уништува клетките. За СИДА-та како болест, начинот на пренесување и слично ќе се зборува во друга прилика.

Превенцијата – единствен начин за спречување на СИДА-та

Единствен начин да се спречи ширењето на СИДА-та е здравствената просветеност и информирањето за успешните начини за заштита од СИДА. Од СИДА можеме успешно да се заштитиме доколку ги познаваме вистинските факти за начините на пренесување на болеста и доколку целосно се придржуваме кон одредени правила на однесување.

Од 1985 г. со програмите на Светската Здравствена Организација (СЗО) почнаа да се превземаат помасовни мерки за спречување на СИДА-та. Во Македонија мерките за спречување на оваа болест се регулирани со „Закон за заштита на населението од заразни болести“ и со други подзаконски акти.

Превенцијата е единствен ефектен начин за контролирање на ширењето на ХИВ вирусот. Медицинскиот персонал е директно изложен на зараза со овој вирус. Но, со превземање на заштитни мерки и при контакт со секој пациент треба да се постапи како да е заразен со ХИВ вирусот.

Превенција на СИДА-та во стоматолошката ординација

Со примена на најсовремените достигнувања во практиката, медицината успешно се справува со голем број инфективни заболувања. Бидејќи вакцина и лек за СИДА-та нема, се смета дека превентивата на оваа болест е од непроценливо значење. Во рамките на превентивните мерки спаѓа и информираноста на стоматолошката сестра за причинителот, за начинот на пренесување на болеста, како и заштитните мерки што треба да ги превземе за да се заштити себе си, но и својот пациент. Факт е дека СИДА-та не се пренесува преку контакт со плунка од пациентот заразен со ХИВ вирус. Во плунката има ензими кои го уништуваат ХИВ вирусот и притоа тој не може да опстои. Стоматолошката интервенција не е 100% сигурен начин дека се работи во орален медиум каде плунката го уништила вирусот. Мал контакт со крвта од усната празнина на пациентот може да го вклучи алармот. Затоа, за да не се чека да бидат изненадени и стоматологот и стоматолошката сестра, како и останатиот персонал, потребно е на време да се направат некои работи.

  • Пациентите кои се носители на ХИВ вирусот пожелно е да се закажуваат на крај на работно време, како последни пациенти за тој работен ден. Но, пациентот треба да знае дека тоа се прави од практични причини, за да не се чувствува дискриминиран.
  • Пред почетокот на стоматолошката интервенција, стоматолошката сестра на себе мора да облече заштитни средства, и тоа: мантил, маска, капа и стерилни гумени ракавици до под лакти. Овие заштитни средства секако на себе мора да ги носи и стоматологот.
  • По извршената интервенција во стоматолошката ординација мора да се изврши дезинфекција и стерилизација на медицинските апарати и целиот инструментариум употребен при интервенцијата.
  • Стоматолошката сестра, како и стоматологот и останатиот персонал во ординацијата, треба да извршат дезинфекција на рацете со најсовремените антисептички и антибактериски средства.

„Цел на медицината е болеста да ја излечи, а идеал на медицината е болеста да ја спречи!“ - Делбет

 

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Повеќе за авторот>>>

www.doktori.mk, 01.12.2012

Последна вест

Најчитани статии - стоматологија