Доктори.мк | Породување vs слабост на мускулатурата од карличниот под | poroduvanje-vs-slabost-na-muskulaturata-od-karlicniot-pod-pfd | Портал за медицина и здравје

Породување vs слабост на мускулатурата од карличниот под

доктор на медицина

Многу жени за време на породувањето и/или подоцна во текот на животот искусуваат проблеми со мускулатурата од пелвичниот / карличниот под, т.н. pelvic floor dysfunction (PFD). Ваквите проблеми се однесуваат на уринарна инконтиненција (проблеми со задржувањето на урината), цревна инконтиненција (проблеми со задржувањето на гасови и фецес), сексуално незадоволство и спуштање / пролапс на матката и другите органи од малата карлица.

Важно е секоја жена да разбере што може да направи за да ја зацврсти мускулатурата на карличниот под и да ја заштити од повреди.

Што преставува т.н. пелвичен / карличен под?

Подот на карлицата е претставен со комплексна повеќеслојна група на мускули и околно сврзно ткиво коишто како „лежалка” се протегаат помеѓу пубичната коска напред и базата на ‘рбетниот столб назад. Карличниот под овозможува поддршка на мочниот меур, ректумот, матката и другите внатрешни органи. Снопови на мускулатурата од карличниот под ги обиколуваат вагината, анусот и уретрата. Ткивото помеѓу вагината и анусот се нарекува перинеум.

Кои проблеми може да настанат кога мускулатурата на карличниот под ќе ослаби или ќе се повреди?

Здравиот карличен под ги одржува карличните органи во нивната соодветна положба и овозможува мускулите кои се одговорни за затворањето на мочниот меур и анусот (т.н. сфинктери) да функционираат нормално. Кога мускулатурата ќе ослаби / омлитави, матката и другите органи може да се спуштаат, т.е. да пролабираат. Слабост и повреда на оваа мускулатура исто така го отежнува затворањето на мочниот меур за време на покачен интраабдоминален притисок, како на пример при кашлање, кивање, смеење или кревање на тешки предмети. Ова може да резултира со проблеми во задржувањето на урината, т.н. уринарна стрес инконтиненција.

Ослабениот карличен под може да го намали задоволството за време на сексуалниот однос бидејќи задоволството кај двата партнери често пати зависи од добриот тонус на мускулите кои ја опкружуваат вагината. Повреда на снопот на мускули околу анусот може да резултира со проблеми со задржувањето на гасовите, чувство на ургентност при дефекација, или пак, во ретки случаи, проблеми со задржувањето на фецесот (цревна инконтиненција).

Кои фактори предизвикуваат PFD?

Многу фактори ја афектираат цврстината на карличниот под, вклучувајќи и некои кои не се поврзани со породувањето. На пример, обезните жени многу поверојатно се подложни на уринарна стрес инконтиненција отколку жените со нормална тежина. Пушењето, употребата на хормон-заместителна терапија и хистеректомијата се исто така фактори кои го зголемуваат ризикот од PFD.

Бројни се факторите кои играат улога за врема на бременоста и породувањето. Екстра тежината и притисокот од бебето, амнионската течност и плацентата предизвикуваат многу жени да имаат уринарна инконтиненција на крајот од бременоста.

Некои тераписки постапки исто така го зголемуваат ризикот од PFD за време на породувањето, како на пример:

  • Континуиран електронски фетален мониторинг, т.н. кардиотокографија за време на трудовите, со што се овозможува следење на феталната срцева фреквенција и утерините контракции, наспроти интермитентен мониторинг на одредени временски интервали.
  • Епидурална аналгезија за олеснување на болката при трудовите наспроти многу други лекарства за аналгезија.

Следните постапки што се користат при вагиналното породување за време на активните трудови ја зголемуваат веројатноста од повреда на карличниот под:

  • Лежење на грб за време на активните трудови; oваа положба е против гравитацијата меѓутоа е присутна во најголем број од случаите.
  • Епизиотомија - пресекување на задниот дел од отворот на вагината за да се направи простор.
  • Асистирано вагинално породување - вакуум екстракција или употреба на форцепс.
  • Притисок на фундусот на матката (Кristeller-ов маневер) - притисок врз стомакот на мајката за да се помогне излегувањето на бебето.

Дали овие акушерски интервенции се неопходни?

Стапките на употреба на овие постапки варираат многу помеѓу болниците. Многу од докторите со конзервативен практичен стил ги признаваат ризиците и ги употребуваат само тогаш кога од самите интервенции има јасен бенефит. На пример, едно асиситирано вагинално породување може да помогне кога бебето треба да се роди брзо или може да се употреби за да се избегне царски рез. Ваквите доктори многу ретко употебуваат техники како притисок на фундусот на матката.

Дали самото вагинално породување може да го повреди карличниот под?

Многу често слушаме дека вагиналното породување предизвикува проблеми со карличниот под. Како и да е, еден неодамнешен извештај покажа дека не постојат студии каде постапките кои претходно ги споменавме се избегнуваат или се лимитираат за да се одреди дали самото вагинално породување игра улога во повредата на карличниот под. Во овој момент, погрешно е да се заклучи дека вагиналното породување е причината за дисфункција на карличниот под.

Дали вагиналното породување е главниот виновник за високиот степен на инконтиненција подоцна во животот?

Студиите со подолготраен период на истражување покажуваат дека повеќето нови проблеми со уринарната или цревната инконтиненција што се јавуваат после породувањето попуштаат со текот на времето и исчезнуваат за време на постпарталниот период на опоравување. Малку жени искусуваат чести и досадни симптоми неколку месеци по породувањето и која и да е разликата помеѓу жените со царски рез и тие со природно вагинално породување - истата исчезнува до периодот на менопауза. Постарите жени имаат повисока стапка на инконтиненција, но ова е резултат на други фактори, меѓу кои: прекумерна тежина, пушење и одредени заболувања. Жените кои никогаш не биле бремени, имаат високи стапки на уринарна инконтиненција покасно во животот.

Дали елективен царски рез ја превенира инконтиненцијата?

Царскиот рез нуди мала заштита во однос на инконтиненцијата по постпарталниот период на опоравување. Некои жени искусуваат инконтиненција и покрај тоа што се породиле со царски рез. Рутински царски рез ќе доведе до широк спектар на ризици кои се асоцирани со него, а од друга страна би ги превенирал постоечките умерени симптоми на инконтиненција само кај неколку од сто жени една година по породувањето. Сегашните истражувања покажуваат дека планираниот (елективен) царски рез не нуди заштита од инконтиненција над 50-тата година. Поради многуте дополнителни ризици од хируршкото породување, најпаметната стратегија за безбедно породување е да се планира вагинално породување со минимална употреба на дополнителни постапки кои штетно би влијаеле. А, изведување на вежби за мускулатурата на карличниот под (Кегелови вежби) во текот на бременоста, може да ја превенира уринарната инконтиненција.

 

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-


Останати статии од рубриката >>>

дознајте повеќе за д-р Памела Илиоска

www.doktori.mk, 27.06.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина