Говорна рехабилитација кај ларингектомирани пациенти

магистер дефектолог - логопед

*Како вовед во оваа статија предлагаме да ја прочитате статијата Карцином на ларинкс

Говорната рехабилитација е исклучително важен дел од третманот по операцијата на карциномот на ларинкс. Таа има за цел да ја овозможи комуникацијата на пациентот со околината преку пронаоѓање на соодветни извори на глас.

Говорната рехабилитација ја спроведува вокален терапевт (фонопед) или логопед. Неговата улога е од голема важност. Тој има задача да учествува во сите процеси на подготовка, прилагодување и едукација на пациентот. Најефикасен начин на рехабилитација е усвојување на езофагеален говор.

После ларингектомија доаѓа до трајно или привремено оштетување на фонациските автоматизми. Состојбата на гласот е многу подобра после парцијална ларингектомија, отколку по тотална ларингектомија.

Целта на говорната рехабилитација кај овие пациенти е да се пронајдат соодветни извори на глас кои ќе послужат во комуникација со околината.

После тотална ларингектомија гласот може да се формира на три нивоа:

  • во усната празнина,
  • во фарингеалниот простор или
  • во хранопроводот.

Во зависност од местото на настанување на гласот, разликуваме:

  • букален глас (настанува во усната празнина);
  • фарингеален глас (се формира во ждрелото);
  • езофагусен глас.

 

Езофагусен глас

Езофагусниот глас е најдобро и најоптимално решение после тотална ларингектомија. За формирање на езофагусен глас се користи воздух сместен во горната третина на хранопроводот(езофагус). Во учењето на овој говор најважно е оспособувањето на новиот воздушен резервоар и неоглотисот. Најдобро е новиот резервоар да се формира во горниот дел на хранопроводот и најниските делови на хипофаринксот. Тој може да прими 50 до 60 сm воздух.

 

Има три фази на формирање на езофагусен говор:

  1. Прва фаза е инјектирање воздух во хранопроводот. Неоглотисот се деконтрахира и спушта, а горниот дел на хранопроводот се дилатира. Устата е затворена, а белите дробови се полнат со воздух низ трахеостомата.
  2. Во другата фаза доаѓа до вокална емисија.
  3. Третата фаза се карактеризира со краток експириум, до кој што доаѓа на крајот со контракции на абдоминалните мускули.

Езофагусниот глас има некои недостатоци во однос на нормалниот глас.

Има четири методи на формирање на воздушен резервоар во хранопроводот:

  1. Mетод на голтање на воздухот(деглутација),
  2. Инјекциона метода,
  3. Aспирациона метода,
  4. Tехника на сукција.

Аспирационата метода овозможува најефикасен езофагусен говор.

 

На ефикасноста на овој говор влијаат локални и општи фактори.

Локални фактори се:

  • форма на псевдоглотис,
  • ширина на фаринкс,
  • присуство или отсуство на хиоидни коски,
  • лузни на почетокот на хранопроводот,
  • последици од зрачење,
  • рецидиви од тумори.

 

Општи фактори се:

  • психичка состојба на пациентот,
  • интелигенција,
  • старост,
  • општи заболувања,
  • професија на пациентот,
  • мотивација за контакт со околината,
  • способност на терапевтот да спроведе рехабилитација.

 

Во процесот на усвојување на езофагеален говор постојат три фази:

  1. првата фаза е нехотично(неконтролирано) формирање на гласови,
  2. втората фаза е доброволно произведување на гласови, слогови, зборови.
  3. третата фаза представува автоматизација на езофагеален говор.

Неопходни се 2 до 3 третмани секоја недела. Должината на третманот зависи од закрепнувањето на пациентот.

 

Примена на ларингеални протези

Кога пациентот не е во состојба да го совлада езофагеалниот говор потребно е да користат ларингеални протези. Тоа се всушност вештачки ларинкси и се делат на два начини:

1.    Според начинот на којшто се полни изворот на вибрација :

  • пневматски,
  • електронски.

2.   Според местото на кое што се поставува за да произведе звук во усната празнина на:

  • тип цевка во устата,
  • дентален.

Во процесот на рехабилитација е многу битно да се вклучи семејството на пациентот со цел негова мотивација и поткрепа. Рехабилитацијата треба да трае колку што е потребно за да се постигнат оптимални резултати.

 

-aвторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

дознајте повеќе за м-р Марија Стојчевска>>>

 

www.doktori.mk, 26.06.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина