Масло од јојоба – чист и здрав продукт за кожата

дипломиран стручен лаборант по медицинска лабораториска дијагностика, специјализиран за санитарна хемија

Јојоба (Simmodsia chinensis) е зимзелена грмушка или мало дрво, кое обично расте до височина од 1-2 метри, со потекло од пустинските предели на јужна Аризона, јужна Калифорнија и северозападните делови на Мексико. Листовите се сиво-зелени, широки и овални по форма. Цветовите се мали, жолто-зелени без ливчиња. Плодот претставува зелена капсула, која откако ќе созрее (3-6 месеци по оплодувањето), се дели и ослободува кафеаво семе со големина на маслинка. Семенките на дрвото јојоба се извор на високо квалитетно масло (течен восок) кое има различни цели, но најдобро делува на кожата, правејќи ја здрава и убава.

Маслото од јојоба се карактеризира со голема вискозност, висока диелектрична константа и голема стабилност. Извлеченото масло е релативно чисто (100% органско), нетоксично и богато со C20 и C22 масни киселини. Пред многу векови, Индијанците го употребувале маслото од јојоба во исхраната, но исто така, го употребувале и како лек при изгореници, иритации и промени на кожата, скалпот и косата. Собирањето и обработката на семенките од дрвото јојоба започнува во 1970 година, која го означува почетокот на производство на ова масло. Денес, маслото од јојоба најчесто се користи во козметичката индустрија, особено во одржувањето на здрава кожа.

Позитивни ефекти

  • Маслото од јојоба традиционално се користи за лекување на рани, исекотини, брадавици и лузни. Содржи висока концентрација на витамин Е, витамини од Б комплексот и минерали, како силициум, хром, бакар и цинк. Витаминот Е, како моќен антиоксидант, ја храни кожата, одговорен е за нејзината еластичност и влага, цврстината на сврзувачкото ткиво и ги забавува знаците на стареење.
  • Бидејќи структурата на маслото од јојоба наликува на природниот себум, идеално е за нега на сува и оштетена кожа, испукани усни, не ги затвора порите, ја омекнува кожата на рацете и стопалата и дава сјај и младешки изглед. Исто така, може да помогне во лекувањето на акни.
  • Користењето на масло од јојоба со масажа директно на скалпот, не само што релаксира, туку на тој начин се избегнува неговото сушење, што е причина за појава на првут, доведува до обновување на оштетената и опаднатата коса и дава сјај и природна убавина.
  • Мали количини на масло од јојоба во комбинација со мед можат да помогнат во превенирање на кашлица кај пушачи.
  • Може да се користи во исхраната, иницира разградување на маснотиите во телото, што во крајна линија доведува до губење на телесната тежина.
  • Jојобата, исто така, се користи во третман на интестинални улцерации (чирови) и при опстипација (запек).

Природен рецепт за убава коса

Состојки:

  • 2 мали лажички масло од јојоба;
  • 1 мала лажичка масло од соја.

Подготовка и начин на употребa:

Измешајте ги состојките во сад и загрејте ги на температура до 35 степени. Потоа смесата втријте ја во косата, обвиткајте ја со пластична ќеса и загреан пешкир и оставете ја 15 минути. На крај, косата измијте ја со шампон. За долга коса, состојките треба да се удвојат.

 

 

Повеќе за авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 16.06.2014

Последна вест

Најчитани статии - фармација