Борбата против туберкулозата не смее да престане!

студент по медицина

Иако се мислеше дека туберкулозата е проблем на едно веќе минато време и дека се што требаше да направимеза да го спречиме нејзиното ширење- направивме, денеска се повеќе станува јасно дека светот нема причина да ја запре борбата против туберкулозата. Социоекономските случувања, ширењето на ХИВ вирусот, неадекватната здравствена заштита и беспрекорно моќните механизми на бактериска отпорност односно резистенција на вообичаените лекови ја ставаат туберкулозата повторно во центарот на здравствено-епидемиолошките случувања ширум светот.

"Туберкулозата е болест која оди рака под рака со сиромаштијата"

Туберкулозата е пред се болест на социоекономски загрозените групи, болест на инумодефициентните и болест на сиромашните подрачја кои немаат пристап до адекватна здравствена заштита. Се смета дека денеска дури 98% од сите заболени се жители на земјите во развој односно на неразвиените земји. Тоа е доволен податок кој ни дава на знаење дека туберкулозата е болест која оди рака под рака со сиромаштијата. Од откривањето на вакцината BCGод страна на Callmete& Guerinво 1900 година, светот бележи битно намалување на новопријавени случаеви на туберкулоза поради добро спроведената вакцинација и соодветната ДОТС стратегија. Но туберкулозата сеуште е присутна во краевите каде здравствената заштита и имунизацијата на популацијата е само недостижен сон бидејќи чинат премногу за и онака фрагилните буџети на еконосмки нестабилните и во развој земји.

Денеска бројот на новопријавени болни од туберкулоза се намалува во САД и високоразвиените земји каде не само имунизацијата туку и здравствениот систем функционира добро, навремено дијагностицирајќи ги новите случаи и соодветно третирајќи ги новите заболени. Но тоа не е случај со источно европските земји и Африка па и голем дел од азиските земји бидејќи таму финансиските проблеми на здравствениот систем детерминираат услови за успешно ширење на бактеријата и го ставаат проблемот со туберкулозата повторно на маса.Иако светот последните две декади бележи значаен пад на новопријавените случаеви, загрижувачки е фактот дека туберкулозата се буди во Азија и Африка. Се смета дека 59% од новопријавените случаеви потекнуваат од Азија, а 29% од Африка наспроти само 3% во САД. Екстремно нискиот процент на новопријавени случаеви во САД како и глобалниот пад на новопријавени болни се должи токму на ефикасната и агресивна кампања и активности во борба против туберкулозата финансирана од владата на САД. Тоа јасно говори дека луѓето во неразвиените и земјите во развој се осудени на ризикот да заболат од туберкулозата која своевремено си го доби епитетот „втор инфективен убиец во светот“.

Се проценува дека годишно има околу нови 12 милиони луѓе кои боледуваат од активна туберкулоза ширум светот, додека ТБЦ изминатата година однела околу 1.4 милиони животи.  Но многу позагрижувачки е фактот дека дури 650.000 болни се инфицирани токму од мултирезистентните соеви на бактеријата Мycobacterium tuberculosis (MDR-TB). MDR-TBе кратенка со која се означуваат бактериите кои се отпорни на лековите кои вообичаено се употребуваат во терапија на туберкулозата.Тие се здобиваат со оваа карактеристика како резултат на бројни промени во генетскиот материјал на самата бактерија која на тој начин многу мудро се обидува да остане жива и да победи во вечната борба за живот на пациентите болни од туберкулоза.

"ХИВ и СИДА-та го отвораат патот за настанување на туберкулоза"

Она што несомнено придонесува за лесно пренесување и заболување од туберкулоза е вирусот на ХИВ. Овој вирус и дефинитивно е најголемата загатка за научниците меѓутоа и за нашите леукоцити. За ХИВ знаеме толку многу, а сепак премногу малку за да може да го убиеме вирусот, а да ги поштедиме клетките во кои се размножува. Леукоцитите односно ЦД4+ лимфоцитите се клетките кои овој вирус ги напаѓа, а истовремено тоа се единствените одбрамбени клетки кои ја имаат моќта да покренат имунолошки одговор кон самиот вирус но и кон бактеријата која ја предизвикува туберкулозата. Токму фактот дека тие се нападнатите клетки и во исто време оние кои треба да го бранат организмот од вирусот лежи сложеноста на ХИВ инфекцијата и токму тоа е причина за нашата немоќност во третманот на овие болни.

Бидејќи ширењето на ХИВ е актуелно и ги прави болните неспособни да се бранат од инфекции, токму тоа е клучот кој и ја отвара вратата на туберкулозата и ги буди старите огништа кај заболени кои биле соодветно лекувани но сега како имунокомпромитирани се неспососбни да се одбранат од бактеријата дури и при највисоките терапевтски концентрации на лековите против туберкулозата. ХИВ позитивните во овој случај се многу чувствителни и лесно може да заболат од туберкулоза односно се смета дека ризикот заболен од СИДА да заболи од туберкулоза е дури 38 пати поголем од ризикот на кој е изложена општата популација.Од овде може да заклучиме дека порастот на бројот на заболени од СИДА ќе биде пратен со пораст на бројот на заболени од туберкулоза. Додека ХИВ умешно ги напаѓа клетките кои би требало организмот да го бранат од предизвикувачот на туберкулоза, проблемот со туберкулозата повторно се актуелизира со пораст на бројот на заболени во неразвиените земји, но истовремено и пораст на забоелни каде туберкулозата е предизвикана од MDR-MT.

Вакцинацијата е најдобриот профилактички модел и доколку правилно се спроведува битно влијае на ширењето на туберкулозата намалувајќи ја појавата на ова заболување поради тоа што се создава колективен имунитет. Вакцината го активира имунолошкиот систем така што во секоја наредна средба со причинителот ќе реагира бурно со цел да го елиминира, но вакцината не гарантира дека никогаш во животот пациентот нема да заболи од туберкулоза, се разбира под влијание на различни околности. Ширењето на сидата е типичен пример за тоа како дури и вакцинираните луѓе се разболуваат. Од друа страна изминативе две децении немаше многу нови откритија во врска со туберкулозата, едноставно како научниците да сметаа дека ништо и нема потреба понатаму да се прави. Токму таквата инертност како да ни се враќа како бумеранг па секојдневно по клиниките се среќаваат пациенти на кои изненадувачки им е дијагностицирана туберкулоза како на белите дробови така и на цревата, кожата, бубрезите и многу пострашно мозокот. Еден солиден здравствен систем не смее да си дозволи да се јавуваат пациенти со екстрапулмонална туберкулоза или пак доколку тоа се случи треба да се сфати сериозно и да се превземат соодветни мерки.

Очигледно е дека финансиските средства се критичниот момент во приказната за превенцијата за туберкулозата, а ширењето на ХИВ само алка во синџирот на фактори кои повторно ја актуелизираат туберкулозата како прашање на секој здравствен систем. Богатите земји на големо вложуваат во превентивните мерки и програми, и во подобрување на примарната здравствена заштита за рано препознавање и соодветно лекување на туберкулозата не препуштајќи ништо на случајноста, додека сиромашните земји каде здравствените системи не се способни да обезбедат здравствена заштита на секое лице во своите земји остануваат да живеат со ризикот и стравот дека ќе заболат од оваа смртоносна болест. Застрашувачки се фактите дека туберкулозата ги покажува своите заби во Азиските и Афричките земји што треба да се сфати како сериозен аларм дека борбата со туберкулозата не е завршена и дека има уште многу што можеме да направиме за да го спречиме понатамошното ширење на оваа болест.

Туберкулозата не е неизлечива болест и затоа не смееме да продуцираме општествени стигмати кон овие заболени туку треба да ја подигнеме националната свест дека борбата против туберкулозата не смее да застане тука.

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Дознајте повеќе за авторот Филип Наумовски >>> 

www.doktori.mk, 21.06.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина