Доктори.мк | Манична депресија – биполарно нарушување | manicna-depresija-bipolarno-narusuvanje | Портал за медицина и здравје

Манична депресија – биполарно нарушување

студент по медицина

Маничната депресија, позната како биполарно нарушување помеѓу експертите што се занимаваат со психијатрија, е сериозна душевна болест која има две крајности. За разлика од постојаната мрачност на општата депресија (технички опишана како поларно нарушување), маничната депресија се одликува со циклични скокови на воодушевување и очај.

Образецот на промената на расположението често се разликува кај заболените. Во некои случаи цели години на нормално функционирање ги одвојуваат маничните од депресивните епизоди. Во други случаи нападите се менуваат често, три или четири пати годишно со периоди на заздравување меѓу периоди на напади. Кај некои лица депресијата и манијата постојано се менуваат, а понекогаш дури и многу брзо. Во некои ретки случаи епизодата на манична депресија може да се појави само еднаш во животот (ако се појави два пати - обично следува нова епизода). Општо земено, депресивната фаза трае подолго од маничната и се јавува почесто, а циклусот може да биде нерамномерен.

Познато е дека маничната депресија се дијагностицира кај 1% од населението иако веројатно е многу пораспространета и може да се појави многу почесто. Ова е затоа што 75% од случаите поминуваат без лекување. Подеднакво често маничната депресија се јавува и кај мажите и кај жените. Многу докази упатуваат на тоа дека болеста има генетска структура, но причината за неа се уште не е со сигурност утврдена.

Симптомите се појавуваат како резултат на хемиска нерамнотежа во мозокот, тие не се под контрола на волјата. Ова нарушување не го разорува само нормалниот живот, туку е и опасно. Околу 20% од заболените од манична депресија си го одземаат животот, а обично се чувствуваат како изгубени кога преминуваат од една фаза во друга. За среќа лекувањето е напреднато, во повеќето случаи со лекови и со други терапии и симптомите значително можат да се намалат.

Нарушувањето се јавува во два облици, повеќе познати како биполар 1 и биполар 2, кои можат да имаат посебни генетски корени. Кај биполар 1 двете фази на болеста се јасно изразени. Кај биполар 2 манијата се јавува во полесен облик (се нарекува хипоманија), а депресијата може да биде слаба или силна. Нарушувањето на биполар 2 се дијагностицира многу потешко, а често се дијагностицира како општа депресија. Постојат помалку периоди на мирување на болеста кои се пократки отколку кај биполар 1, постои семејна предодреденост и послабо се реагира на лекови. Тоа може да биде најчестиот облик на манична депресија.

Болеста понекогаш е поврзана со сезонска потиснатост, кај која депресијата се појавува во доцна есен или зима, ремисиите во пролет, а напредувањето на манијата или хипоманијата во лето.

Еден од пет случаи на манична депресија почнува во периодот на детството или пубертетот, а адолесцентите почесто отколку возрасните имаат телесни и психотични проблеми како халуцинации и делузии. Сепак, од овој тип на болест се заболуваат и на возраст од 25 до 35 години. Првата епизода кај мажите е почесто манична, а првата епизода кај жените е депресивна. Многу често кај жените прво се јавуваат неколку епизоди на депресија пред појавата на манична епизода. Како што стареат болните, повторувањата на фазите биполар 1 и биполар 2 стануваат почести и траат подолго.

Причинители

Се смета дека маничната депресија е резултат на хемиска нерамнотежа во мозокот, предизвикана од оштетен ген или оштетени гени. Од невротрансмитерите во појавата на болеста, веројатно се вклучени серотонинот и норепинефринот, но неврохемиското дејство е сложено и до сега е недоволно проучено. Веројатноста дека гените имаат одредена улога поткрепена е со фактот дека постои семејна историја на промена на расположение, депресии или самоубиства.

Симптоми

Во манична фаза:

  • Еуфорија или раздразливост, непрекинато зборување и навирање на мисли;
  • Надмено самопочитување;
  • Наглост, неразумна потреба за уживање, купување, нагли патувања, желба за повеќе секс, ризични деловни вложувања, брзо возење;
  • Халуцинации.

Во депресивна фаза:

  • Потиснатост и ниско ниво на самопочит;
  • Голема отапеност и апатија;
  • Тага, осаменост, беспомошност, чувство на вина;
  • Забавено зборување, слабост и слаба координација;
  • Несоница;
  • Примање на психостимулатори, како што се амфетамините, кои ја засилуваат енергијата и духот.

Дијагностички постапки

Поради постоењето на општествена обележаност кај маничната депресија и кај другите психички болести, болните често не сакаат да кажат дека не е нешто во ред со нив, а лекарите не можат да го препознаат нарушувањето. Исто така, симптомите некогаш може да изгледаат како мали нагласени облици на нормално однесување. Затоа проучувањата докажуваат дека 75% од сите случаи не се лекуваат или се лекуваат на несоодветен начин. Пред да почне лекувањето, болниот треба да направи темелен здравствен преглед и анализа на крвта и урината за да се утврди дали постојат причини што би го ограничиле изборот на лекување. Особено е важно да се направи анализа на штитната жлезда затоа што хипертиреодизмот може да личи на манија и затоа што литиумот, основниот лек на маничната депресија, ја слабее функцијата на штитната жлезда. Во текот на лекувањето неопходни се чести анализи на крвта за да се види дали е постигнато соодветно ниво на лекот и рано да се утврдат евентуалните несакани реакции.

Лекување

Денес маничната депресија најчесто се лекува со комбинација на лекување со литиум и психотерапија. Иако фармаколошката терапија е примарна, психотерапијата е важна за болниот за да може да ја разбере и да ја прифати болеста, како и личните и општествените тешкотии кои се поврзани со изминатите напади, за подобро да се соочи со идните напади. Натаму, со оглед што чест проблем е негирањето, редовната психотерапија му помага на болниот да биде истраен во примањето на лекови (придружувањето на препишаното лекување е особено проблематично во адолесценцијата). Може да се употребуваат сите облици на психотерапија, како конгитивна бихејвиористичка или психодинамичка, индивидуална, семејна или групна терапија.

  • Конвенционално лекување

Литиум-карбонатот е основен лек што се употребува во лекувањето на маничната депресија и може да биде исклучително делотворен при лекувањето на манијата. Литиумот, исто така, може да го спречи појавувањето на депресијата, а често пати се дава во комбинација со антидепресиви. Новите селективни инхибитори на повторното прифаќање на серотонин (selective serotonin reuptake inhibitors - SSRI), кои дејствуваат специфично на невротрансмитерот серотонин, се обично најдобри антидепресиви затоа што имаат помалку придружени дејства отколку другите лекови. Во оваа група спаѓаат: флуоксетин, сертралин и пароксетин. Другите антидепресиви содржат трициклични соединенија, како: дезипрамин, имипрамин, амитриптилин и бупропион, различна група на лекови, но слични на SSRI. Халоперидолот понекогаш им се дава на болните кои не реагираат на литиум или за лекување на акутните симптоми на манијата пред да почне да дејствува литиумот (7 до 10 дена). Кај потешките случаи, или кога болниот не реагира на литиум, може да се препишат други лекови како што се карбамазепин и валпроична киселина, кои се употребуваат сами или во комбинација со литиум. Многу од овие лекови можат да бидат штетни па треба внимателно да се надгледува дозирањето со анализи на крвта, за да се утврди соодветното ниво и да се откријат можните негативни реакции. Кога почнува со лекувањето, психијатарот е подложен да експериментира со лекови. Речиси е невозможно да се предвиди кој болен како ќе реагира на кој лек и колкаво би требало да биде количеството на лекот.

  • Електроконвулзивна терапија (ЕКТ)

Овој вид на терапија понекогаш се применува кај изразено манични или депресивни болни. Со оглед на тоа што дејствува брзо, може да помогне кај болните кои имаат изразена склоност кон самоубиство. Болниот прво се успива. Потоа низ темпоралниот резен се пушта електрична струја која создава гранд мал удари со кратко траење – не подолго од неколку секунди. Во текот на траењето на ЕКТ лекувањето, обично од околу две до три недели, не се дава литиум за да се спречат невротоксичните компликации. Лекувањето со светло се покажа делотворно кај биполарното нарушување кое е поврзано со зимската депресија. Кај луѓето кои во зима стануваат потиштени, седењето 20 до 30 минути пред специјална светлечка кутија која произведува светло со полн спектар од околу 10 000 лукса може делотворно да ја лекува нивната потиснатот.

  • Алтернативен начин на лекување

Кај силната манична депресија (биполар 1) алтернативните лекови и постапки не мора да се полезни во текот на самите епизоди. Депресивните болни често се во претешка состојба за да се иницираат какви било вежби или техники на енергизација. Маничниот човек е многу активен за да преземе техники на олабавување. Сепак, алтернативните пристапи може да бидат полезни меѓу две епизоди и кај послаби случаи на манична депресија (биполар 2). Една истражувачка студија упатува на тоа дека магнезиумот може да биде можна замена во случаите кај кои има чести скокови од една фаза во друга на манично депресивно нарушување. Предноста е во тоа што магнезиумот е неотровен и може да се набави во продавниците за здрава храна и во билните аптеки. Потребни се натамошни проучувања, но истражувачите веруваат дека изгледите за употреба на магнезиум се добри.

Кинеските тревки може да ги намалат промените во расположението, да придонесат за олабавување во маничната фаза и да ја намалат потиснатоста во депресивна фаза. Сепак, за ваков експеримент е потребен експерт за кинеска медицина со искуство со лекување на депресија и кој знае да ги ползува тревките. Исхраната во која има малку ванадиум (минерал што се наоѓа во месото и другата храна) и многу витамин Ц може да биде многу полезна, но таквата исхрана треба да ја контролира експерт нутриционист или ортомолекуларен лекар. Вештиот хомеопат, исто така, може да ја намали силата на наглите промени на расположението. Одредени лекувања со акупунктура или со олабавување на телото, зависно од тоа кои акупунктурни точки се користат, може да помогнат. Масажата со масло, исто така може да олабавува и да даде енергија.

  • Биофидбек

Практичарите сметаат дека биофидбекот е делотворен во извежбувањето на манично – депресивните болни за да можат да контролираат некои состојби поврзани со мозочните бранови што се во основата на нивната хиперактивност, забрзаните мисли, радразливоста, несоницата и слабата самоконтрола. Изгледа дека се употребуваат и активностите на мозочните бранови поврзани со слабата енергија, ниското ниво на сампочитување и ослабената координација на движењата. Кога маничната депресија е во лесен облик, овој вид на биофидбек може да го замени литиумот и другите лекови, иако може сигурно да се користи заедно со литиумот. Со оглед на тоа што биофидбекот е нова техника, има само 1000 практичари во САД кои се оспособени за нејзино спроведување.

  • Лекување дома

Погрижете се за средината во која живее болниот да биде смирена, особено кога станува збор за маничната фаза. Задржете го вообичаениот распоред на дневните активности, спиење, јадење и вежбање. Соодветен сон е многу важен за спречување на нападите. Избегнувајте изразито поттикнувачки забави, весел разговор или долготрајно гледање на телевизија, бидејќи може да ги влошат симптомите на маничната депресија. Во маничната фаза болните можат да се впуштаат во многу опасни активности, како што е брзото возење или одредени спортови, но треба да се контролираат и да се спречат во тоа, особено кога станува збор за брзо возење на автомобил. Пијалоците и храната што содржат кофеин, како чајот, кафето, кока-колата и чоколадото во маничната фаза не треба да се дел од исхраната. Алкохолот секогаш мора да се избегнува.

 

дознајте повеќе за авторот >>>

-aвторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 19.07.2014

Последна вест

Најчитани статии - медицина