Доктори.мк | Сончаница | soncanica | Портал за медицина и здравје

Сончаница

доктор на медицина

Сончаницата настанува како последица на изложување на главата, а посебно на поттилниот дел на висока температура – т.е. на влијание на голема сончева топлина.

Етиологија и механизам на настанување

Причина за настанување на сончаница е изложеноста на сонце при високи температури.

Телото ја регулира топлината преку работата на кардиоваскуларниот систем и преку потењето. За потењето да биде ефикасно за време на високите температури низ кожата протекува поголема количина на крв. Дел од течноста во крвта се излачува и испарува при што истата се лади и по ова оладената крв се враќа назад во телото. Во овој механизам е важно да воочиме две работи:

  • Кога поголема количина на крв оди во кожата за ладење, може да доведе до проблем со притисокот бидејќи во останатиот дел на организмот останува помалку крв.
  • Се забрзува текот на крвта, за да може што повеќе крв да се олади и да проциркулира низ телото за да се намали температурата на самиот организам.

Кога крвта ќе се олади, телото ја користи за да може да се заштити од високата температура, при што прво ги штити најважните органи, првенствено мозокот.

Доколку невнимателно и долготрајно ја изложуваме главата на влијание на сонцето при високи температури, температурата во нашиот мозок ќе се зголеми баш како во експрес лонец. Телото ќе проба да го олади мозокот со праќање на што повеќе ладна крв во главата, односно мозокот. Како последица на ова може да дојде до отекување на крвните садови во мозокот, а и самиот мозок поради релативно наглото зголемување на волуменот. Симптомите на ваквата појава се многу слични на потрес на мозокот и не се ниту малку безопасни. Озбилните случаи на сончаница можат да завршат дури со долготрајна несвестица која ќе доведе до коматозна состојба и смрт.

Клиничка слика и симптоми

При сончаница се среќава сува кожа, заедно со осетно покачена температура. Личноста се жали на: главоболка, вртоглавица, немир, конфузност, како и видливо црвенило на лицето. Доколку не се реагира на овие случувања, набрзо ќе настанат: зуење во ушите, проблем со видот и малаксаност, а во тешки случаи личноста е со проширени зеници, т.е. е на раб на онесвестување. Дишењето е плитко и брзо.

Прва помош при сончаница

Личноста за која се смета дека има сончаница треба веднаш да се смести под сенка, во полу-лежечка положба и да се раскомоти во облеката. Во случај да имаме несвестица, треба веднаш да се легне на страна. Треба да се разлади со поливање на вода (не со нагло истурање од кофа), т.е. ставање на ладни облоги или вреќички со мраз на поттилниот дел и главата. Телесната температура треба постојано да се контролира, при што со ладењето не треба да се прекине додека не се нормализира температурата, односно не се спушти под 38 степени Целзиусови.

На погодениот се даваат ладни напитоци (ако е во свесна состојба), т.е. се забрануваат пијалоци кои влијаат на крвотокот и притисокот - најнапред се мисли на кафе и алхохол.

После сончаницата најчесто се јавува главоболка која може да потрае со денови, осетливост на звуци и визуелни надразнувања, шумови во ушите, дури и раздразливост и општо незадоволство поради сопственото невнимание и уништениот одмор. Болниот мора да се одмара во замрачена и ладна просторија, во мир, без телевизија, радио, компјутер и слично. Последиците можат да се чувствуваат и повеќе години после настанот.

Во случај на несвестица, треба да се пружи помош со ладење на телото и главата, но веднаш треба да се повика брза помош.

Превенција

За заштита од сончаница најдобро е да се избегнува изложување на сонце и високи температури, да се набават сламени шапки со широк раб, кој ќе не штити од директно влијание на сонцето. Доколку сме приморани подолготрајно да се изложуваме на сонце, редовно треба да се лади косата, главата и поттилниот дел со вода, како и да се пијат повеќе ладни пијалоци за да се олади телото од внатре. Добриот одмор е исто така важен.

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Дознaјте повеќе за авторот >>>

објавено на 2012-06-19

www.doktori.mk, 31.07.2014

Последна вест

Најчитани статии - медицина