Интервју со д-р Владимир Лазаревиќ, основач и извршен директор на Healthgrouper

Д-р Владимир Лазаревиќ е присутен во јавноста во изминатите десетина години и често се појавува во медиумите на теми поврзани со реформите во здравството. Има завршено Медицински факултет во Скопје, магистрира јавно здравје во Израел во 2003 година, а сега е на докторски студии во Холандија.

Неговата кариера во јавното здравство започнува во 2000 година кога беше вработен како прв портпарол во министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување. Во 2006 година беше назначен на позицијата заменик министер за здравство, при што беше предводник на реформските процеси и потребата од зголемување на автономијата на јавните здравствени установи и воведувањето менаџмент во здравството. Од 2008 година Владимир ја продолжи кариерата во Светската Здравствена Организација како Претседател со Постојаниот Комитет на СЗО за Европа, и Извршен претседател со 60 Регионално Собрание на СЗО за Европа кое се одржа во Москва, Русија.

 

Доктори.мк: Има повеќе причини да се направи разговор со д-р Лазаревиќ, но најактуелната е меѓународниот интернет проект Healthgrouper.com чиј основач е токму д-р Лазаревиќ и каде на едно место пациентите може да се информираат за сите доктори на медицина и стоматологија, како и за сите здравствени установи во Македонија и соседните држави. Која беше идејата која доведе до создавање на Хелтгрупер? Што всушност преставува овој проект?

Д-р Владимир Лазаревиќ: Healthgrouper.com е проект кој ги обединува интересите на докторите и пациентите. Формиран е со цел од една страна да им овозможи на сите доктори на медицина и стоматологија, како и на сите здравствени установи на едно место да можат да ги презентираат преку Интернет услугите кои ги нудат до пациентите, специјалностите со кои располагаат, а од друга страна Хелтгрупер на пациентите им понуди можност да бидат подобро информирани и да имаат поголем избор кога ќе им треба да донесат одлука каде да се лекуваат.

Хелтгрупер е бесплатен проект за користење од страна на докторите и пациентите. Докторите аплицираат и добиваат бесплатни профили кои потоа сами ги уредуваат со податоци. Можат да ги менуваат податоците во секое време. Пристапот до профилот им овозможува на докторите да разменуваат пораки со своите колеги, како и да отворат можност за соработка. Healthgrouper.com е достапен на 9 јазика, така да секој уреден профил може да се чита на повеќе јазици.

Пациентите пак, исто така можат да отворат свои профили, преку кои можат да го оценат задоволството од здравствените услуги кои ги добиле во конкретната здравствена установа или пак да напишат препорака за нивното лекување.

Доктори.мк: Врз што се темели работата на Хелтгрупер?

Д-р Лазаревиќ: Healthgrouper.com е заснован на три носечки столба, првиот е достап до информација на пациентите за докторите и здравствените установи, вториот е истражувачкиот аспект на проектот и третиот е базиран на воведување систем за проценка на квалитетот на услугите кои ги нудат докторите и здравствените установи. Секој од овие три носечки столба на проектот го развиваме паралелно и во изминатите неколку месеци имаме постигнато многу резултати. Се гордееме да кажеме дека Хелтгрупер е напреден проект кој го следи и во многу аспекти и предводи модерниот развој на интернет проектите во областа на здравството кои се актуелни во САД и високо развиените европски земји. Она што е посебно важно е дека нашиот проект има за цел да ги обедини сите лекари кои работат на Балканот и со тоа да прерасне во најголема онлајн мрежа на доктори и здравствени установи во овој дел на Европа која ќе претставува еден интегриран регионален здравствен систем.  

 

Доктори.мк: Вашите истражувања во повеќе наврати го свртеа вниманието на стручната, но и на пошироката јавност. Можете ли да наведете за какви истражувања се работеше и каков е заклучокот од нив?

Д-р Лазаревиќ: Во рамките на Хелтгрупер проектот во изминатите шест месеци спроведовме повеќе истражувања чии резултати беа објавени во преку 200 печатени и електронски медиуми во Македонија, Бугарија и Србија.

Во Македонија првото истражување беше помеѓу матичните лекари при што утврдивме дека административната работа им одзема повеќе од 40% од времето кое го минуваат со пациентите. Ова истражување иницираше серија реакции од страна на здравствените власти при што и тие почнаа да спроведуваат нивни истражувања. Во Бугарија нашите истражувања беа презентирани на водечките медиуми и за резултатите се дискутираше јавно во повеќе медиуми при што директно беа вклучени и високите претставници на здравствениот систем. Тоа е практично и една од целите на Хелтгрупер да влијае во креирањето на здравствените политики преку објавување податоци од релевантни истражувања на актуелни теми.

Понатака спроведовме две големи истражувања паралелно во три земји: Македонија, Србија и Бугарија.

Првото истражување беше да го измериме задоволството помеѓу лекарите од нивната работа, додека второто регионално истражување се спроведе во форма на кампања “Помогни да биде подобро”, каде и вашиот тим од Doktori.mk даде голем придонес да истражувањето се спроведе успешно. Кампањата “Помогни да биде подобро” го мереше задоволството на пациентите од здравствените услуги во Балканските земји. Резултатите од овие истражувања беа објавени и направија големо влијание во медицинските и професионалните кругови.

Во текот на летото ќе подготвиме и неколку научни публикации кои ќе бидат објавени во научни журнали. Нашите истражувања се засновани на јасен научен пристап, но се воздржуваме да ги користиме сите модерни технологии со цел да пристапиме до поголем број испитаници, а притоа да имаме минимални трошоци.

 

Доктори.мк: Во неколку наврати резултатите од вашите истражувања беа оспорувани од страна на некои од здравствените институции. Кои се Вашите коментари?

Д-р Лазаревиќ: Видете, ние во Хелтгрупер работиме и произведуваме наука, институциите кои ги споменавте се занимаваат со политика. Ние едноставно таквите коментари ги ингорираме. Така, нашето работење нема никаква врска со политиката, но сакам да потенцирам дека секогаш ќе имаме за цел да актуелизираме теми кои се од интерес за граѓаните и лекарите чии резултати може да имаат политичко влијание. Нашиот проект е меѓународен и нашата работа е целосно транспарентна и независна од политиката во државите во кои работиме.   

 

На сликата: Маргарет Чен, генерален Директор на СЗО; Зузана Јакаб, Регионален директор на СЗО за Европа и Владимир Лазаревиќ, извршен претседател на 60 Регионално Собрание на СЗО за Европа;

 

Доктори.мк: Каква е иднината на македонското здравство, тргнувајќи од фактот дека сте еден од најдобрите познавачи на здравствениот систем во Македонија, а и во регионот?

Д-р Лазаревиќ: Видете, иднината на македонското здравство ќе биде различна во зависност од која призма го гледате развојот. Ако го следиме трендот на развој на приватното здравство, можеме со сигурност да кажеме дека здравството ќе се развива и ќе се унапредуваат можностите и квалитетот на услугите кои ги нудат приватните здравствени установи.

Но, паралелно со тоа, ќе осиромашуваат граѓаните ако нештата не се променат и приватното здравство не се стави во систем на здравствено осигурување, независно дали тоа е приватно или социјално. Ако пак ги гледаме состојбите во државното здравство, тешко е да се поверува дека некое значајно подобрување би се случило во наредиот период. За жал ние се уште не успеавме да го трансформираме и прилагодиме државното здравство на потребите кои ги налага новото време и начин на живеење. Огромното влијание на политиката во речиси сите сегменти од работењето на државните здравствени установи, едноставно го оневозможува развојот. Вие не може да очекувате развој, кога сите креативни идеи треба да ги даде министерот за здравство, дури ако станува збор и за висината на шалтерите во болниците. Се додека политиката не ги тргне рацете од здравството, нема да можеме да очекуваме подобрување во државното здравство. Но, исто така очекувам дека пациентите и корисиниците на здравствените услуги во наредните години ќе станат многу поинформирани, активни и позахтевни во контекст на барањата и очекувањата кои ќе ги имаат од здравствениот систем. Влијанието на пациентите ќе се зголемува и може директно да биде причина за позитивни и потребни промени и во државното здравство.

60 та Сесија на Регионалниот комитет на СЗО за Европа

на сликата: д-р Владимир Лазаревиќ, Зузана Јакаб, Татјана Голикова, Владимир Путин, д-р Маргарет Чен.

 

Доктори.мк: За крај, ќе Ви го поставиме прашањето кое Вие  изминатиов период и го поставувате на јавноста - "Како да направиме да биде подобро"?

Д-р Лазаревиќ: Подобро може да биде ако си ги признаеме грешките и им покажеме на граѓаните дека знаеме да учиме од тоа што сме згрешиле во спроведувањето на реформите, во процесот на лекување, во управувањето со здравствените установи. Подобро може да биде ако здравствениот систем се отвори и почне реално јавно да се дебатира за проблемите, а не секоја критика да биде прифатена единствено од политичка гледна точка. Подобро може да биде ако имаме повеќе научни истражувања и извештаи за причините поради кои се појавуваат одредени проблеми со цел да се изнајдат соодветни решенија.

 

Доктори.мк: Од име на тимот на Доктори.мк Ви благодариме за одвоеното време. Ви посакуваме успех во понатамошната работа и се надеваме дека и во иднина ќе имаме чест да соработуваме со Вас и со Хелтгрупер.

Д-р Лазаревиќ: Ви благодарам на поканата и Ве охрабрувам да продолжите и понатаму со одличната работа која ја правите на полето на здравствената едукација во Македонија.

www.doktori.mk, 17.06.2012

Последна вест

Најчитани статии - занимливости