Доктори.мк | Миокарден инфаркт – водич за општата популација | miokarden-infarkt-vodic-za-opstata-populacija | Портал за медицина и здравје

Миокарден инфаркт – водич за општата популација

студент по медицина

Оваа статија е наменета за општата популација. Се надевам дека во текстот подолу ќе најдете корисни информации кои ќе одговорат на поголем дел од вашите прашања. Доколку добро го прочитате текстот ќе бидете информирани како да препознаете срцев удар, како да си помогнете самите или на некој ваш ближен, ќе бидете запознаени со потребните испитувања кои се вршат кај миокардниот инфаркт, а исто така и за медикаментозниот и инвазивниот третман.

Годишно, повеќе од еден милион Американци имаат срцев удар. Засегнатите Американци кои не бараат медицинска помош најчесто завршуваат фатално.

Миокарден инфаркт во најтесна смисла на зборот претставува смрт на мускулните клетки на срцето поради недостаток на кислород во некоја од артериите кои срцето го снабдуваат со крв.

Зошто и како се јавува срцевиот удар?

Срцевиот мускул има потреба постојано да биде снабден со крв богата со кислород. Коронарните артерии (срцеви артерии) му ја овозможуваат оваа достава со крв на срцето. Доколку постои коронарна артериска болест, овие крвни садови стануваат тесни. Низ тесните крвни садови не може да помине доволно количество на крв. Стеснувањето го прават т.н. атеросклеротични плаки кои се составени од масти, калциум, протеини и клетки одговорни за воспаление. Плаките имаат т.н. „капа” која што е цврста и внатрешност која е мека и е изградена од масни густи материи. Ваквата плака не допушта нормално количество на кислород да стаса до срцевите мускулни клетки. Кога до срцевите клетки доаѓа мало количество на кислород се јавува т.н. состојба на исхемија. Исхемијата доведува до градна болка, наречена Angina pectoris. При прскање на „капата” може да дојде до излевање на густиот материјал кој има тенденција да формира грутки. Грутките од своја страна пак доведуваат до комплетен застој на крвта во артериите. Тогаш, мускулните клетки кои се снабдуваат со крв од блокираната артерија „гладуваат” за кислород. Бидејќи кислород нема, тие умираат. Ова се нарекува инфаркт.

Мускулните клетки кои изумреле по медицинскиот третман се заменуваат со сврзно ткиво и се формира лузна во срцето. Тоа е идентично, на пример, како при некоја надворешна повреда на кожата, каде по заздравувањето се формира лузна. Срцевата лузна веќе не може да се стега и да помага во пумпањето на крв од страна на срцето. Па така, срцето пумпа со помала сила. Многу е важно местото каде е настанат срцевиот удар и важно е колкав дел од срцето ја губи функцијата. Поради тоа најдобро е по чувствување на некој од симптомите ВЕДНАШ ДА СЕ ОБРАТИТЕ ВО НАЈБЛИСКАТА БОЛНИЦА.

Кои се фактори на ризик?

Постојат поголем број на ризик-фактори за појава на срцев удар. На некои од овие фактори не може да се делува, но на поголем број може.

  • Дебелина;
  • Консумирање на алкохол;
  • Пушење;
  • Висок крвен притисок;
  • Шеќерна болест, тип 1 и тип 2;
  • Орални контрацептиви (кај жени кои користат комбинирани контрацептиви постои ризик од инфаркт);
  • Висок холестерол или дислипидемија;
  • Возраста на пациентите;
  • Фамилијарна историја за исхемична срцева болест.

По кои симптоми може да го препознаете миокардниот инфаркт?

Инфарктот на миокардот е ургентна состојба. Ако имате некои од подолу наведените симптоми повикајте 194. Важно е да запаметите:

1. НЕМОЈТЕ да возите сами до болница;

2. НЕМОЈТЕ ДА ГО ОДЛОЖУВАТЕ ОДЕЊЕТО ВО БОЛНИЦА. Вие имате голем ризик од ненадејна смрт во раните часови од срцевиот удар.

  • Градна болка - Болката може да не биде јака. Често постои чувство на притисок на градниот кош (како да ви седи нешто тешко на градите) или може да почувствувате болка како стегање со тесен обрач околу градниот кош или пак болка во вид на лоша дигестија. Болката може да се шири кон левата рака, кон вратот, долната вилица и кон горниот дел од стомакот. Болката може да трае од 30 мин до неколку часа. Со одмор и со ставање на нитроглицерин под јазик не поминува, за разлика од исхемијата, кај која болката трае помалку од 10 минути и поминува со одмор или со земање на нитроглицерин.
  • Глад за воздух (чувство на недостаток на воздух, луѓето се длабоко задишани)
  • Гадење и повраќање
  • Потење (кај некои луѓе може да биде многу изразено)
  • Слабост
  • Стомачна нелагодност
  • Вртоглавица
  • Палпитации (чувство како да ви чука срцето премногу брзо или нерегуларно)

Дијагноза

За да Ви се дијагностицира инфаркт на миокардот потребно е да се направат неколку медицински иследувања.

Најпрвин лекарот кој ќе Ве прими во амбуланта ќе ви направи интервју за Вашата актуелна состојба, за тоа што чувствувате, што сте правеле пред да добиете болка, каква била болката, колку време траела, каде се појавила, дали се ширела итн.

Потоа ќе Ви биде направен ЕКГ (електрокардиограм). Со помош на ЕКГ–то докторот ќе може да увиди во кој дел од срцето е настанат инфарктот, колкаво е оштетувањето, а исто така ќе увиди дали кај вашето срце постојат и друг тип на нарушувања.

Исто така, ќе Ви биде земена и крв за анализа. Во крвта ќе бидат испитани ензими кои нормално се наоѓаат во срцевите клетки и кои се важни за функционирање на мускулната клетка. Кога мускулната клетка се оштетува доаѓа до ослободување на овие ензими надвор во циркулацијата. Со мерење на нивоата на овие ензими докторот ќе може да ја одреди големината на срцевиот удар и времето кога тој започнал. Едни од најважните ензими, ако не и најважни за дијагноза на срцев удар се креатин киназа – МВ и тропонини. Тропонините се ензими кои се наоѓаат во срцевата мускулна клетка, тие се ослободуваат од неа кога има оштетување поради исхемија. Со нивна помош може да се детектираат мали инфаркти.

Освен ЕКГ и лабораториски тестови, како дијагностичка метода е понудена и ехокардиографијата. Со оваа метода на екран може да се забележи како срцето ја пумпа крвта и кои делови не пумпаат нормално. Ехокардиографијата може да се направи во тек или по срцевиот удар. Исто така, со оваа метода може да се види и состојбата на срцевите залистоци и срцевата преграда.

Доколку во првите часови од срцевиот удар терапијата не Ви ја намалува исхемијата или Вашите симптоми, тогаш докторот може да Ви направи срцева катетеризација. Тоа е постапка со која докторот директно може да ја визуелизира блокираната артерија, а тоа ќе му помогне понатака за избор на процедура со која ќе се отстрани блокот.

СЗО во 1979 година формирала критериум за дијагноза на срцевиот инфаркт. На пациент може да му се постави дијагноза за миокарден инфаркт доколку има два (работна) или три (дефинитивна) од подолу наведените критериуми:

1. Постоење на исхемичен тип на градна болка која траела подолго од 20 минути.

2. Постоење на ЕКГ промени при сериско следење.

3. Покачување и намалување на серумски срцеви биомаркери, како на пример креатин киназа – МВ и тропонини.

Според најновите препораки, пораст на срцевиот тропонин придружен со типични симптоми или патолошки Q забец, ST елевација или депресија, или пак претходна коронарна интервенција е дијагноза за миокарден инфаркт.

Третман

Знаењето кое е стекнато во последниве години, истражувајќи го акутниот коронарен синдром и процесите што се случуваат во артериите за време на срцевиот удар, помогнаа да се направат медицински терапевтски протоколи за третман. Целта на терапијата е да не се дозволи создадените грутки да се налепат на распуканите плаки, да не се дозволи плаките да се зајакнат и исто така да се превенира понатамошна исхемија.

Лековите треба да се дадат што е можно побрзо (во првите 30 мин од почетокот на симптомите) за да го намалат степенот на срцевото оштетување. Колку повеќе се одложува со давање на овие лекови, толку повеќе доаѓа до оштетување на срцето, а се намалува и бенефитот од нивното земање.

Некои од лековите кои е потребно да се земат се следниве:

  • Ацетилсалицилна киселина
  • Хепарин
  • Тромболитична терапија
  • Друг тип на антиагрегациони лекови
  • Било каква комбинација од погорните лекови

Други лекови дадени за време или по срцевиот удар ја подобруваат срцевата работа, ги прошируваат срцевите артерии, ја намалуваат болката и го чуваат срцето од било каков живото-загрозувачки ритам.

Докторот ќе Ви препише соодветен лек за вашата состојба.

Доколку има можност, во првите часови од инфарктот треба да се изврши инвазивна дијагностика и лекување.

PTCA – Перкутана транслуминална коронарна ангиопластика е постапка со која се отвара блокираната коронарна артерија. Постапката се состои во следново: преку некоја од големите артерии на раката или препоните се влегува со мала жица и се оди се до местото каде се наоѓа плаката во коронарната артерија. На самата жица постои мал балон кој се отвора во најстеснатиот дел од артеријата. Со надувување на балонот тромбот се разрушува. Потоа се става флексибилна, метална мрежа, наречена стент, со цел да ја држи артеријата отворена.

При поекстензивни запушувања на крвните садови на срцето се изведува хируршко лекување: Коронарен артериски by-pass графт – постапка со која оштетениот дел од срцевиот крвен сад се премостува со друг, земен од било кое место на телото (најчесто од рацете или нозете). Со оваа постапка се овозможува крвта да го заобиколи/премости блокираниот дел од крвниот сад и да стигне до останатиот дел од срцевиот мускул.

Што треба да превземете за да не дојдете до состојба на срцев удар?

Потребно е да имате мотив да го смените неправилниот начин на живот. Поголема мотивација од тоа да останете живи не постои. Доколку ги исполните долунаведените 10 правила на здраво живеење, Вие најверојатно нема да доживеете срцев удар.

1. Престанете со пушењето.

2. Јадете храна која изобилува со овошје, зеленчук и риба.

3. Не пијте алкохол.

4. Вежбајте редовно.

5. Ако имате шеќерна болест, без отстапки одржувајте ги нивоата на шеќерот во нормалните граници.

6. Контролирајте го вашиот крвен притисок.

7. Одржувајте ја телесната тежина која одговара на вашата возраст. Доколку сте со прекумерна тежина ослабете на здрав начин со вежби и со редуцирање на оброците.

8. Избегнувајте стресни ситуации, а ако ги имате научете како да го менаџирате стресот.

9. Одржувајте го холестеролот во нормални граници.

10. Спијте долго и квалитетно.

 

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијали цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 12.06.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина