Доктори.мк | Црвени банани | crveni-banani | Портал за медицина и здравје

Црвени банани

нутриционист

Најпопуларното светско овошје – бананата, се смета за најголема светска билка. Содржи 3 вида природни шеќери: сукроза, фруктоза и гликоза. Со својата богата калориска вредност, 6 витамини и 11 минерали, има огромни бенефиции за здравјето на луѓето и инстатно ја зголемува енергијата. Но, дали сте слушнале дека освен класичните жолти банани, во светот постојат уште најмалку 5 видови банани?

Што претставува црвената банана?

Можеби сте слушнале, виделе или пробале друг вид банана, уште послатка од класичната жолта банана - ЦРВЕНАТА БАНАНА.

Доколку веќе уживате во вкусот на жолтата банана, а барате други видови банани, можеби треба да пробате од црвените. Овие банани имаат плод сличен на класичната банана, меѓутоа со уште побогат вкус кој потсеќа на мешавина од банана и малини. Овој егзотичен тип на банана потекнува од Коста Рика и е особено популарен во Средна Америка, Мексико и некои делови од Австралија.

Црвените банани се обвиткани со лушпа од темна костенливо-црвеникава боја и најчесто се помали од обичните жолти банани. Од внатре, плодот има мека, кремаста текстура, со бледо-розеникава боја што доаѓа од содржината на бета-каротенот и има слатка арома на јагодесто овошје.

Црвените Банани се спремни за консумирање кога добиваат темна костенливо-црвеникава боја со неколку кафеави дамки. Кога плодот е премногу мек и добива интензивна арома, бананата е презреана и не се препорачува да се консумира, бидејќи започнал процес на ферментација, губење на ензимите и развивање на нови бактерии.

Што содржат црвените банани?

Црвените банани имаат богата хранлива вредност и содржат големи количества на калиум, бета-каротен и витамин Ц.

Банана со средна големина содржи 400 мг калиум, што значи го обезбедува организмот со 11% од дневната потреба од овој минерал и електролит. Калиумот во црвените банани е потребен за правилно работење на срцето, правилна мускулна контракција и функција на дигестивниот систем. Овој извонреден вид банани е богат и со витамин Ц. Една црвена банана покрива 15% од дневните човечки потреби од витамин Ц. Овој моќен антиоксидант не само што го штити организмот од болести, туку и го заштитува од слободните радикали, што значи намалување на ризикот од срцеви заболувања и одредени видови малигни заболувања.

Црвената банана, исто така, е богата и со хранливи влакна и само една банана обезбедува 16% од дневната препорачана количина на хранливи влакна. Овие хранливи влакна го намалуваат ризикот од срцеви болести и дијабетес тип 2. Благодарение на големото количество витамин Б6 што го содржи, една црвена банана може да обезбеди дури 20% од дневните потреби од овој витамин и да го помогне метаболизмот на протеините и на црвените крвни клетки.

Уживајте во црвените банани

Овие ароматични банани со својот уникатен вкус на жолти банани и малини, се одличен додаток во овошна салата, сладолед или банана сплит. Може да се јадат сирови, суви како банана чипс или печени во рерна. Ова вкусно овошје има уште помек и поблаг плод и од обичната банана.

Успева само во тропските и суптропските предели и обично се потребни околу 9 месеци да се добие зрел црвен вкусен плод. Вие кои ќе имате можност и среќа да го пробате овој прекрасен плод – уживајте максимално. :-)

 

 

дознајте повеќе за Зорица Стоименова, нутриционист >>>

-авторски текст, не смее да се кортисти за комерцијјални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 21.06.2014

Последна вест

Најчитани статии - исхрана