Доктори.мк | Percutaneous Transluminal Coronary Angioplasty – Идеална интервентна процедура за третман на коронарната артериска болест | ptca-interventna-procedura | Портал за медицина и здравје

Percutaneous Transluminal Coronary Angioplasty – Идеална интервентна процедура за третман на коронарната артериска болест

студент по медицина

Што е коронарна артериска болест?

Коронарната артериска болест претставува клинички ентитет со кој се среќаваме секојдневно. Иако ги знаеме ризик факторите кои ја зголемуваат можноста да се јави ова заболување и постојано даваме совети за здрав живот, сепак кардиолозите секојдневно се среќаваат со ова заболување.

Коронарната артериска болест претставува состојба на појава на атеросклеротична плака во луменот на коронарните артерии (оние кои го исхрануваат срцевиот мускул) што клинички се манифестира како градна болка. Во зависнот од степенот на оклузијата на крвните садови кои го исхрануваат срцето, можеме да зборуваме за стабилна ангина пекторис (angina pectoris stabilis) кога луменот на крвниот сад е смален за 70%, нестабилна ангина пекторис (angina pectoris non stabilis) кога оклузијата на луменот е 95% и акутен миокарден инфаркт (infarctus myocardii acutus) кога оклузијата на коронарниот крвен сад е 100% при што крвниот проток во делот од артеријата по оклузијата и делот од срцевиот мускул кој таа го исхранува се комплетно прекинати.

Без оглед која и да е формата на заболувањето кое се јавува, тие клинички се манифестираат со градна болка која исто така во зависнот од заболувањето може да има свои специфики. Но, кога пациентот се жали на такви болки и доколку со други неинвазнивни иследувања, како ЕКГ, лабораториски анализи и ехокардиографија, се добијат наоди кои одат во прилог на коронарна артериска болест, тогаш следна метода која ќе се користи во дијагностички, но и терапевтски цели, е перкутаната транслуминална коронарна ангиопластика - скратено РТСА.

PTCA – идеална за третман на КАБ

РТСА е инванзивна метода која се прави во катетеризациона лабораторија со употреба на долги катетери, кои се внесуваат во артерискиот систем на крвните садови преку радијалната артерија (трансрадијален пристап) или преку феморалната артерија (трансфеморален пристап). Сето тоа е под контрола на рентгенски зраци, односно радиоскопија. Озрачувањето на пациентот при оваа метода е занемарливо во однос на бенефитот. Оваа метода ја изведува специјалист интервентен кардиолог и спаѓа во доменот на интервентната кардиологија, која како гранка на медицината направи многу во нехируршкиот начин на решавање на многу заболувања на срцето и периферните крвни садови.

Кога еднаш катетерот ќе биде внесен во артерискиот систем на пациентот, тогаш се вбризгува контрастно средство со кое добро се визуелизираат артериите и катетерот се движи се до аортата. Од таму се влегува во левата или десната коронарна артерија, притоа вбризгувајќи контраст, кој добро ќе ни го покаже луменот на артеријата и исто така нејзината проодност. Доколку постојат атеросклеротични плаки кои го стеснуваат луменот на левата или десната коронарна артерија, или пак постојат комплетни оклузии како кај акутните инфаркти каде се забележува комплетна непроодност на крвниот сад, тогаш сигурно говориме за коронарна артериска болест.

Текот на интервенцијата и постинтервентниот период

Кога ќе заврши дијагностичкиот дел од процедурата, доколку има потреба, преку истиот тој катетер со кој се снима левата, односно десната коронарна артерија, се внесува балон катетер, кој се надувува под одреден притисок и има за задача да ги втисне атеросклеротичните плаки во ѕидот на крвниот сад. При тоа овозможува по таа балон дилатација (проширување) да се постави стент, односно да се стентира артеријата. Стентот може да е направен од метал (BMS) и во крвниот сад се шири и става на местото на кое била артериската оклузија. Постојат стентови кои се обложени со цитостатик, или се означуваат како DES (drug eluting stents), кои испуштајќи материја со цитостатски ефект, оневозможуваат на местото на стентирање да се развие фиброзно ткиво (лузна) и ја намалуваат можноста за истата артерија повторно да биде оклудирана од атеросклеротична плака. Инаку стентот може да се постави и директно, без претходно надувување со балон катетер.

По поставувањето на стентот, повторно се вбризгува контраст со кој се визуелизира резултатот од направената ангиопластика, односно стентирањето. Се разбира по секое стентирање се забележува значајно подобрување на крвниот проток и добра проодност на крвните садови. За цело време додека трае процедурата кај пациентот се следат виталните знаци и пациентот е поставен на ЕКГ мониторинг. По стентирањето пациентот треба да биде поставен на двојна антиагрегантна терапија со Аспирин и Клопидогрел, кои треба да спречат прекумерно слепување на тромбоцитите и формирање на тромби.

Компликации и прогноза

Најчеста компликација од оваа метода е крварењето од местото преку кое е внесен катетерот и болки во раката доколку пристапот е преку радијалната артерија. Времето кое треба да се помине во болница по ваквата интервенција е индивидуално и зависи од многу околности, но главно е од 24 до 48 часа.

Резултатите од оваа метода се извонредни. Ова е нехируршка метода на реваскуларизација, односно повторно обезбедување на нормален крвен проток и нормална проодност на срцевите артерии. Притоа се подобрува контрактилната моќ на срцето и се разбира срцевата функција. Многу поважно, се спречуваат опсежни инфаркти кои можат да бидат и смртоносни. Доколку е потребно процедурата може да се повторува и може да бидат аплицирани повеќе од еден стент вклучувајќи ги и периферните крвни садови. Денеска се повеќе се тежнее да се користи трансрадијалниот пристап, односно катетерот да се внесува низ радијалната артерија која се наоѓа во регијата на подлактицата. Со користење на овој пристап многу се скратува времето на хоспитализација и можноста за крварење, бидејќи феморалната артерија е многу поголема по калибар од радијалната, па хоспитализацијата поради можни компликации е подолга.

 

 

Погледнете ја следната видео анимација во која е прикажана PTCA, изведена трансфеморално:

 

 

дознајте повеќе за Филип Наумовски,

еден од најистакнатите студенти во тимот на Доктори.мк >>>

-авторски текст не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 31.05.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина