Кари - моќен индиски зачин

дипломиран стручен лаборант по медицинска лабораториска дијагностика, специјализиран за санитарна хемија

Кари е традиционална мешавина на зачини со широка примена во индиската кујна, особено во Јужна Индија. Познати се повеќе од 200 вида кари, од најблаг до најлут. Се работи за доста пикантен зачин кој служи како додаток во разни сосови и преливи, особено за зачинување на месо и зеленчук. Карито, помалку или повеќе, вклучува сложена комбинација на цимет, каранфилче, ловоров лист, ѓумбир, оревче, црн пипер, чили пиперки, ким, коријандер и турмерика (жолт корен).

Медицинска употреба

Исхрана богата со кари може да го заштити мозокот од стареење и да ги подобри когнитивните функции. Ефикасен е во намалување на ризикот од Алцхајмерова болест и деменција (губење на меморијата).

Турмериката, примарната состојка во карито, се поврзува со многу здравствени бенефеции. Поволно делува на лица со артритис. Може да го намали отокот и да ја ублажи болката при воспаление на зглобовите. Турмериката поседува и антиоксидантни својства и затоа може да биде ефикасна во терапијата на карцином на дојка, кожа, простата и колоректален карцином.

Другите состојки во карито, како што се чили пиперките, се корисни во зголемување на одбранбената (имунолошката) моќ на организмот, затоа што се богати со витамини, особено витамин Ц, витамин А и витамин Б6.

Црниот пипер, како и коријандерот во карито, може да биде корисен во олеснување на проблеми поврзани со варењето на храната, болки во желудникот и хемороиди. Ѓумбирот е ефикасен кај стомачните проблеми, вклучувајќи вознемирен стомак, дијареа, повраќање, како и при губење на апетит.

Циметот, заедно со турмериката, можат да помогнат во подобрување на изгледот на кожата, косата и ноктите, обезбедувајќи ги потребните протеини.

Предлог рецепт со кари

Потребно:

  • 250 гр. пилешки шницли;
  • 1 лажица кари;
  • 2 лажици лимонов сок;
  • 2 лажици сенф (лут);
  • 2 лажици оцет;
  • 3 лажици масло за јадење, сол и бибер;
  • 1/2 китка магдонос.

Пилешките шницли се посипуваат со кари зачинот, се пржат во врело масло од секоја страна по три минути, и се зачинуваат со сол, бибер и лимонов сок. Потоа се прави смеса од сенфот со остатокот од маслото, оцетот, солта, биберот и ситно исецканиот магдонос. На крајот, изладените шницли се прелеваат со сосот.

 

Bon Appétit :-)

 

 

Повеќе за авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 29.05.2012

Последна вест

Најчитани статии - исхрана