Страст во зрели години

специјалист уролог, Специјална болница "Св. Еразмо" - Охрид
професор по "Хирургија со нега" и "Полово образование" на Универзитетот "Св. Климент Охридски" - Битола

Не е точно дека во зрелите години сексуалниот живот мора да е слаб, иако половите органи и сексуалниот нагон се менуваат. Со отворен разговор животот и понатаму може да биде убав и поттикнувачки.

Сексуални проблеми во зрелите години

Во нашата средина жените во климактериум многу ретко водат разговор или бараат совет од доктор поради проблеми поврзани со сексуалниот живот. Но, штом се решат за таков разговор, најчесто признаваат дека сексуалниот живот им е никаков или пак се состои само во „извршување на брачните должности“. Што значи дека не уживаат или уживањето е многу помало од колку кога имале редовен менструален циклус.

Сувата слузница на вагината и недостатокот на женскиот хормон естроген, предизвикуваат промени во сексуалниот живот на жената. Половиот однос станува болен и непријатен (диспареунија), па може да дојде до компликации и жената да не може да има полов однос (апареунија). Повеќето жени со тоа се помируваат, мислејќи дека така мора да биде и дека тоа е почеток на крајот на нивниот сексуален живот.

Како да се реши проблемот?

Но, ако може да се помогне во решавање на проблемот, што ве спречува да побарате помош? Ви треба само еден доверлив разговор со докторот и проблемот се решава.

Постојат различни креми и вагиналети за локална употреба - со хормонална база, што се користи за влажноста на вагината со длабоко и долготрајно дејство, и за враќање на еластицитетот на вагината со површен и краткотраен резултат. Можат да се користат и различни гелови без хормони. Со тоа ќе се намалат локалните пречки.

Секако, хормоналното надоместување во тоа помага. Дејството на хормоните во телото на жената овозможува слузницата на вагината да стане еластична, површинскиот слој подебел, крвотокот во неа се подобрува и е правилен.

Подобро речено, се обновуваат механизмите кои ја штитат слузницата од чести воспаленија и болки. Жената станува задоволна, мирна, сигурна во себе, а нејзиниот сексуален живот се враќа.

Сексуалните односи во овој период можат да бидат квалитетни

Уште нешто. Во овој животен период сексуалните односи, иако поретки (не само поради нејзините, туку и поради неговите можности) можат да бидат подобри зашто децата се веќе возрасни и како пар имате повеќе време за себе.

Американските истражувања покажуваат дека парот по 25 години заеднички живот поретко води љубов (еднаш неделно во 80% од случаите), но квалитетот на односот останува висок.

Дали знаете?

  • Сексуалната желба се поттикнува и се зајакнува со хормонална рамнотежа меѓу естрогените, прогестеронот и со нешто малку андрогени (машки полов хормон).
  • Поради недостаток на естрогени, гениталните органи кај жената ја губат еластичноста, вагината станува сува, пократка и потесна, ама доволно голема да го прими пенисот во ерекција. Односот може да биде болен и затоа слабее половиот однос. Можеби е парадоксално, но избегнувајќи ги половите односи - проблемот може да се влоши!
  • Клиторисот малку се намалува, а усните од вагината стануваат потенки и порамни. Делот што го покрива клиторисот (што одговара на машкиот препуциум) може да се истенчи и да се повлече, оставајќи го гол. Затоа може да биде многу чувствителен, па ќе мора добро да се навлажни (природно или со помош на крем или гел).
  • Истражувањата укажуваат дека редовните полови односи можат да ги одржат половите органи здрави, а ако се грижите за себе, можете полово активни да останете до крајот на животот.
  • Отворено треба да се разговара со партнерот и да се разбие рутината во водењето љубов. Ќе се почувствувате посакани. Посебно е важна предиграта, но и времето непосредно по односот ги разбудува нежностите.

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Останати статии од авторот >>>

www.doktori.mk, 27.05.2012

Последна вест

Најчитани статии - животен стил