Кардиоверзија – враќање на нормалниот срцев ритам

студент по медицина

Витално важната срцева функција на испумпување на крвта во артериската циркулација, или таканаречениот cardiac output, не е ниту од блиску едноставен процес. Навидум изгледа едноставно и се објаснува со синхроната мускулна контракција на срцевиот мускул, но ако подобро погледнеме тоа е премногу сложен процес и не претставува само совладување на притисочни градиенти (оние кои владеат во аортата). Се работи за многу посериозно пренесување на електрични импулси низ спроводниот систем на срцето и се разбира крајно пренесување на импулсот и врз работната мускулатура, кој потоа едновремено ќе се контрахира со цел испумпување на крвта која во дијастолната фаза дошла до срцето преку големите венски садови.

Срцевиот циклус, исто така, се објаснува едноставно, но тој претставува сложен процес на промена на потенцијалите на клеточните мембрани на клетките на миокардот (работната мускулатура) овозможена од билатералната размена на јони, пред се натриум и калиум за воопшто да може да настане една мускулна контракција. Но, ниту тоа не е клучно за 24 часовното срцево функционирање, а притоа да срцето не се потчини на ниту еден регулаторен механизам во организмот.

Синоатријалниот јазол – генератор на срцевата работа

Срцето поседува свој сопствен автоматизам на работа кој му го овозможуваат клетките кои го чинат синоатријалниот јазол или ЅА јазолот. ЅА јазолот е структурата која во нормални услови го диктира срцевиот ритам и го овозможува секое негово отчукување. Вообичаено ЅА јазолот генерира импулси со брзина од 60 до 80 удари во минута, што се смета за нормална срцева фреквенција која во услови на мирување обезбедува одличен ударен и минутен волумен (она количество на крв кое се испумпува во една минута), а со тоа ги задоволува потребите за кислород и хранливи материи на сите периферни ткива. Оттука ЅА јазолот ја има клучната функција за синхроното миокардно контрахирање, не препуштајќи ништо на случајноста. Всушност, ЅА јазелот е нашиот природен pacemaker, односно физиолошки предводник на срцевата акција.

Што претставуваат аритмиите, како се презентираат и како се лекуваат?

Сето она што подразбира абнормалност во генерирањето, односно создавањето на импулсите во ЅА јазолот, абнормалитети во спроведувањето на импулсите или евентуална појава на нов и ектопичен срцев предводник се дефинира како аритмија. Аритмиите се група на заболувања кои грубо можеме да ги поделиме на брадиаритмии (оние кои се пратени со забавување на срцевата фреквенција) и тахиаритмии (оние кои се пратени со забрзување на срцевата фреквенција). Кај аритмиите не само што е нарушена срцевата фреквенција, туку нарушен е и срцевиот ритам. Друга груба поделба на аритмиите е на атријални или преткоморни и вентрикуларни или коморни аритмии. Кај преткоморните или атријални аритмии во фокусот се случувања во преткоморите, што на ЕКГ записот ќе се презентира како аритмија со тесен QRS комплекс, односно кај коморните или вентрикуларни аритмии главните настани за нивно јавување се наоѓаат во коморите и се презентираат со широк QRS комплекс на ЕКГ записот.

Аритмиите клинички може да не даваат никаква симптоматологија, но може да се презентираат и со палпитации, срцебиење, губење на свест, болки во градите што најчесто пациентите ги тераат да се јават на лекар.

Кога аритмијата ќе биде дијагностицирана, се приоѓа кон нејзино третирање. Некои од аритмиите бараат само медикаментозен третман на кој добро реагираат и посериозни последици не се јавуваат. Но, постојат и аритмии кои не може толку лесно да се менаџираат медикаментозно или пак се опасни по животот поради фактот што несинхроната контракција на срцевиот мускул и неговото треперење создава услови за тромбоемболични акциденти, односно создавање на тромби и нивно пропагирање во системската циркулација. Затоа неопходно е итно враќање на нормалниот срцев ритам и ЅА јазолот како предводник, но овој пат со помош на електрична енергија или синхронизиран DC шок.

Електрична vs фармаколошка кардиоверзија

Апликацијата на синхронизиран DC шок, или струен удар со извесна јачина на струјата, се означува како електрична кардиоверзија. Со помош на струјните импулси настанува реверзија на аритмичната срцева акција во нормална, ритмична срцева акција, каде предводник на ритамот во срцевиот циклус ќе биде ЅА јазолот. Постои и фармаколошка кардиовезија каде како тригер за враќање на нормалниот срцев ритам се користат лекови кои најчесто блокираат некои од каналите за транспорт на јони и на тој начин го враќаат нормалниот срцев ритам.

VF и VT – индикации за ургентна електрична кардиоверзија

Но, постојат ситуации каде овие лекови не може да се употребуваат поради високата опасност по живот. Тоа се таканаречените малигни аритмии, кога единствениот начин да се врати синусниот ритам е употребата на електричната кардиоверзија. Такви состојби се вентрикуларната тахикардија и вентрикуларната фибрилација, кога коморите на срцето се контрахираат со премногу брза фреквенција иако преткоморите може да функционираат нормално. Ваквата коморна аритмија оневозможува коморите добро да се полнат со крв и последователно нивното празнење е нарушено, што може да биде фатално, а сето тоа заради асинхроната мускулна контракција на преткоморите и коморите. Ова се апсолутни индикации за електрична кардиоверзија, било таа да е елективна (планирана) или ургентна.

Атријална фибрилација – индикација за елективна кардиоверзија

Друга состојба која може исто така да се третира со електрична кардиоверзија е атријалната фибрилација , или преткоморното треперење, кога преткоморите не се контрахираат, туку само треперат и крвта кружи во преткомората исто така како што кружи импулсот на клеточно ниво. Сето тоа води до склоност за создавање на тромби кои после лесно може преку левата комора и аортата да пропагираат понатаму и да завршат во било кој орган, вклучувајќи ги срцето, мозокот, бубрезите, црниот дроб, цревата и други, доведувајќи до акутен инфаркт на горенаброените органи и можна смрт. Исто така, и пароксизмалната суправентрикуларна тахикардија (PSVT) може да се третира со електрична кардиоверзија.

Процедурата може да биде елективна (планирана) или ургентна. На елективната кардиоверзија најчесто и претходат низа кардиолошки иследувања, како и медикаментозен третман со антикоагулантно средство, како варфарин или еноксапарин. Бидејќи процедурата е болна за човек кој е свесен пред самата постапка, пациентот се седира со соодветни опијатни лекови. Поради опијатната медикација на пациентот неопходно е да се има при рака и налоксон или флумазенил кои се антагонисти на опијатите, односно бензодијазепините. Потоа се пристапува кон кардиоверзијата, при што металните плочки се премачкуваат со гел кој ќе овозможи добар контакт со кожата на пациентот, а притоа ќе ја заштити од изгореници. Може да се користи струја со различна јачина, и тоа 100Ј, 200Ј или 360Ј. Вообичаено се почнува со помала јачина, а доколку тоа не е успешно се зголемува јачината на струјата.

Што по кардиоверзијата?

По обавената кардиоверзија пациентот е под мониторинг на соодветен тим на лекари и притоа му се аплицираат антиаритмични лекови, многу често бета блокери кои ќе ја намалат брзината на срцевата акција се до моментот кога ЅА јазолот ќе доминира во детерминирање на срцевиот ритам. Исто така, се даваат лекови кои пројавуваат антикоагулантен ефект околу 4 недели по изведената кардиоверзија. Понекогаш кардиоверзијата претставува единствен начин за враќање на нормалниот срцев ритам и избегнување на последиците од перзистирањето на малигните аритмии.

 

 

дознајте повеќе за Филип Наумовски,

еден од најистакнатите студенти во тимот на Доктори.мк >>>

-авторски текст не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 24.05.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина