Адисонова болест (Morbus Addison)

студент по медицина

Надбубрежните жлезди се две жлезди кои се наоѓаат буквално над бубрезите. Секојa надбубрежна жлезда има кора и јадро кои се разликуваат во структурата и функцијата. Кората на надбубрежната жлезда произведува хормони: кортизол, алдостерон и андрогени, а надбубрежната срцевина произведува хормони: адреналин и норадреналин. Дифузно оштетување на кората на надбубрежните жлезди доведува до недостаток на сите три групи на хормони кои се произведени во неа. Потребно е да недостасува повеќе од 90% маса од кората на надбубрежните жлезди за да дојде до појава на Адисонова болест.

Постојат многу причини кои се поврзани со развојот на Адисонова болест, но најчесто се јавува автоимуниот Адисон (организмот создава антитела против кората на надбубрежните жлезди), а може да биде поврзана и со други типови на болести, како што се: целијачна болест, дијабетес мелитус, витилиго, тиреоидитис Хашимото, мијастенија гравис, примарна билијарна цироза.

Исто така, болеста може да настане и како дел од туберкулоза, саркоидоза, бластомикоза, криптококоза, амилоидоза, хемохроматоза, и не-Хочкинови и Хочкинови лимфомалигни метастази во надбубрежните жлезди, со опортунистички инфекции во тек на СИДА, габични инфекции, употреба на некои лекови (кетоконазол, метадон, етомидат...), по зрачење на регионот на стомакот, крварење (при употреба на антикоагуланти, хирургија, бременост), при емболија од какво било потекло, по отстранување на надбубрежната жлезда итн.

Статистичките податоци покажуваат дека Адисонова болест се појавува на секои 50 милиони луѓе. Не постои јасна предилекција, но некои податоци укажуваат на тоа дека одредени форми на Адисонова болест се јавуваат почесто кај деца и жени. Оваа болест е наречена по лекарот кој прв ја опишал.

Клиничка слика

Почетокот на болеста е обично постепен.

Симптоми на Адисонова болест се:

  • Потемна пребоеност на кожата и слузницата, месеци пред појавување на други симптоми (потемната дисколорација прв пат се појавува на изложените делови од кожата, дланките се поштедени, а врвовите на раката се многу пребоени и пигментацијата се јавува и на очните капаци, устата, кожата околу анусот и гениталиите, слузницата итн.);
  • Постои слабост и неподносливост на напор, губење на апетитот и губење на тежината;
  • Може да предизвика гадење, повраќање и дијареа;
  • Постои сувост на мукозните мембрани на устата и општа дехидрација на организмот;
  • Вртоглавица и низок крвен притисок може да доведе до падови и губење на свеста;
  • Болка во мускулите и млитава парализа се случува поради ниско ниво на калиум во крвта;
  • Постои промена во сетилото за мирис, сетилото за вкус и потребата за сол;
  • Кај мажи може да се развие импотенција и губење на либидото;
  • За жените постои аменореа (загуба на менструацијата);
  • Многу ретко доаѓа до симптоми на акутен абдомен, треска и шокова состојба.

Како се поставува дијагноза за Адисонова болест?

Анамнезата и клиничката слика, како и објективното испитување се доволни за да се фрли сомнеж врз Адисоновата болест, но мора да се направи дополнителна проверка со цел да се постави правилна дијагноза.

ACTH стимулацискиот тест често се спроведува (по инфузија на ACTH - адренокортикотропен хормон се мери нивото на кортизол, кој треба да биде зачуван -нормален, а во Адисонова болест е намален).

Во кризата на надбубрежната жлезда, кога не смее да се чека за да се започне терапија, доаѓа во предвид само мерење на плазма нивоа на кортизол.

Меѓу другите анализи, може да се најде хипонатремија (ниско ниво на натриум во крвта) и хиперкалиемија (висок калиум во крвта), анемија, лимфоцитоза, хиперпролактинемија, хипер или хипокалцемија... Неопходно е да се направи серолошка анализа на антитела, пронајдени во ткивото на надбубрежната жлезда.

Рутина е рентгенска снимка на градниот кош при барање на жаришта на туберкулоза, како и Манту-ов тест и анализа на плунка за ТБЦ бацил. CT Скен (компјутерска томографија) на абдоменот може да открие неспецифични промени во надбубрежните жлезди.

Како да се третира Адисонова болест?

Кај адреналната криза се врши замена на течност и јаглени хидрати преку интравенска администрација на хидрокортизон.

Во текот на топло време, препорачливо е да се зголеми внесувањето на сол. Исто така, потребата за повисоки дози на кортизол е поголема за време на инфекција, хирургија, траума и стрес. Неопходно е доживотно внесување на определени дневни дози на кортизон.

Потребно е и лечење на примарната болест што е предизвикувач на Адисоновата болест (ако постои модалитет на лечење).

Што е тоа адренална (Адисонова) криза?

Треба да се разликуваат адреналната криза со Адисоновата болест. Кај Адисонова болест симптомите се развиваат месеци или години наназад, а во адреналната криза знаците и симптомите се развиваат многу брзо и може да се опасни по живот.

Како надбубрежната кора произведува три хормони - кортизол, алдостерон и андрогени, при адренална криза нема лачење (или има, но во мала мера) на овие хормони.

Кортизолот влијае на метаболизмот на глукозата, протеините, вкупниот метаболизам, апетитот итн. Алдостеронот делува на бубрезите во метаболизмот на електролите и кога постои негова несоодветна секреција се случува пореметување на ниво на електролити во организмот. Кога им се намалува лачењето на овие хормони од било која причина (автоимуна болест, инфилтрација, инфекција, крварење, хематолошки заболувања, дејство на одредени лекови), во текот на еден период на стрес, акутна болест, шокова состојба и операции, може да се развие адренална криза.

Нема прецизни статистички информации за бројот на пациенти кои развиваат адренална криза. Оваа состојба ги опфаќа и двата пола подеднакво.

Како се манифестира адреналната криза?

  • Адреналната криза се манифестира со знаци на шок (губење на притисок, забрзување на пулсот, губење на свеста, со бледило, збунетост и страв) кои не одговараат на надокнадената течност и електролити;
  • Често постои висока температура со треска;
  • Може да предизвика мачнина, повраќање и болки во стомакот;
  • Количината на урина се намалува;
  • Постојат поткожни крварења;
  • Може да се развие делириум.

Како се дијагностицира адренална криза?

Анамнезата и клиничката слика и објективното испитување можат да укажуваат на оваа состојба.

Лабораториските наоди покажуваат хипонатриемија (ниско ниво на натриум во крвта), хиперкалиемија (покачен калиум), метаболна ацидоза и хипогликемија (ниско ниво на шеќер во крвта). Може да има анемија, лимфоцитоза и еозинофилија во крвта.

Мерење на нивото на кортизол во крвта, кое е многу ниско, а тоа е доволно за да се дијагностизира адреналната криза.

Како да се третира адренална криза?

Администрација на глукокортикоиди е од суштинско значење (дексаметазон е лек на избор).

Задолжително е надокнадување со електролити, гликоза и течност.

Со цел да се избегне повторување на адреналната криза, потребно е да се препишат малку повисоки дози на глукокортикоиди во стресни ситуации, пред хируршка интервенција и за време на акутна болест.

Потребно е и лечење на примарната болест која предизвикала инсуфициентност на кората на надбубрежната жлезда.

 

 

Повеќе за авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 21.05.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина