Ацетилсалицилна киселина - фасцинантна историја

магистер по фармација

Сер Џон Вејн рекол: „Успешната медицина секогаш пронаоѓа нови лекови кои светат како ѕвезди на небото, но, се додека не дојдат нови лекови кои им го заземаат местото. Ова не важи само за еден лек. Тоа е Ацетилсалицилната киселина која упорно, и повеќе од 100 год., свети на медицинското небо. Ни еден досега откриен лек нема толку долга и фасцинантна историја како Ацетилсалицилната киселина”.

Почетоците на употребата на лекот

Историјата на Ацетилсалицилната киселина започнала во 1897 год. Меѓутоа употребата на оваа киселина во хумани цели датира од многу порано, од времето на Хипократ (460-377 год. п.н.е.) кој се смета за татко на сите лекари. Овај познат научник направил декокт од кората на растението Salix alba (Бела врба) и го употребил против трески и болки. Активната компонента во ова растение е Салицилната киселина. Во митологијата Богот над боговите Зевс исто така го употребувал ова растение против болки.

Првите научни достигнувања од употребата на Салицилната киселина во хуманата медицина потекнуваат од 02.07.1763 кога Едвард Стоун од Англија во Кралското здружение во Англија (реномирано научно здружение кое и денес постои) го презентирал успешниот експеримент кој го извршил на 50 пациенти кои биле болни од треска и кои имале висока температура. Тој им давал да пијат екстракт од бела врба. Екстрактот се состоел од пулверизирана (иситнета) сува кора од бела врба растворена во вода.

Во 1828 год. професорот по фармација Џон Андреас Бихнер го припремил екстрактот од бела врба со вода и ги инактивирал танините. На овој начин тој добил жолта супстанца која ја нарекол „САЛИЦИН”. Во 1838 год. младиот италијански хемичар Рафаеле Пириа ја трансформирал активната супстанца од кората на белата врба во киселина која ја нарекол „САЛИЦИЛНА КИСЕЛИНА”.

Во 1853 год. хемичарот Чарлс Фредерик Герхарт успеал да ја ацетилира Салицилната киселина и да добие Ацетилсалицилна киселина, но не успеал да ја стабилизира. Сепак во тоа време имало масовна употреба на овој препарат во третманот на лечење на висока телесна температура, ревматични болки, главоболки и мигренозни болки. Меѓутоа недостатокот на овој „лек” бил тоа што пациентите се жалеле на болки во стомакот, а истиот ја оштетувал и мукозната мембрана на устата. Ова биле првите обиди за добивање и употреба на лекот кој ќе се пронајде покасно и кој ќе предизвика револуција во фармацијата.

На 10.08.1897 год. научникот д-р Феликс Хофман, кој во тоа време работел во фабриката „Бајер“ ја добил првата 100% хемиски чиста и стабилна форма на Ацетилсалицилна киселина која можела да се употребува, без никаков ризик за пациентите, како лек. Тоа го докажале клиничките испитувања што ги направила фабриката „Бајер“.

Интересно е да се напомене дека д-р Хофман во тогашната лабораторија, освен Ацетилсалицилната киселина, го синтетизирал и за жал денес многу познатиот Хероин.

Првите испитувања – доказ за успешноста на ацетилсалицилната киселина

Д-р Курт Витхауер го испитувал дејството на Ацетилсалицилната киселина. Тој напишал: „Лекот покажа неверојатен ефект во лечењето на болки, разни видови воспаленија и треска. Лекот немал никакви несакани ефекти врз срцето и стомакот, дури и кај сериозно болни пациенти”. И резултатите добиени од другите клиники кои ја употребувале оваа киселина биле позитивни. Овие резултати го натерале д-р Хајнрих Дрејсер (директор на институтот за фармакологија), кој мислел дека оваа киселина и не е некој лек, да го смени своето мислење и да го прифати овој лек.

Овој огромен успех го изненадил и д-р Феликс Хофман, но сепак, како мирен и скромен човек, тој бил задоволен не од славата што ја добил туку поради фактот што конечно неговиот татко кој боледувал од ревматичен артритис нема да трпи болки.

Во почетокот на 20 век, кога во Европа, а и ширум светот постоеле епидемии на трески, Ацетилсалицилната киселина била лек кој најмногу се употребувал. Луѓето го употребувале при забоболка, главоболка, ревматични болки и високи температури. Во наредните години лекот бил испитуван од многу научници. Тие докажале дека Ацетилсалицилната киселина е единствено активна компонента, досега откриена, која може ензимите постојано да ги инактивира. Сите други супстанци што ги инхибираат хидрогеназите, ензимите ги инактивираат само на одредено време, после што понекогаш тој процес е фатален за нас. Еден од нив - Карл Линк, професор на универзитетот Висконсин, Америка, увидел дека лекот има антикоагулантно дејство.

Ацетилсалицилната киселина – корисна за кардиоваскуларниот систем

Во 1948 год. лекарот Пол Гибсон во реномираниот англиски медицински журнал објавил дека Ацетилсалицилната киселина може да се употребува при коронарна тромбоза.

Во 1950 год. калифорнискиот лекар Лоренс Крејвен на еден собир го искажал своето искуство од употребата на Ацетилсалицилната киселина кај пациенти на возраст од 40-65 год., при превенција на миокарден инфаркт. Ова било доволно за научниците да почнат со испитувања за антиагрегационото дејство на лекот.

Во 1967 год. васкуларниот специјалист професор Ханс Клаус Бредин од Франфуркт го демонстрирал за прв пат антиагрегационото дејство на Ацетилсалицилната киселина. Механизмот на ваквото дејство го докажал пак, Сер Џон Вејн во 1971 год. (човек кој во 1982 год. ја добил Нобеловата Награда од областа на медицината). Д-р Карстен Ранке, васкуларен специјалист на универзитетот во Хановер, вршел испитувања за дејството на лекот врз артериосклерозата и докажал дека тој е моќен лек кој може да ја спречи оваа болест во раната фаза.

Испитувањата продолжиле и понатака, на 09.10.1985 год. американските научници излегле со студија за успешноста на употребата на Ацетилсалицилната киселина при превенција на инфаркт кај болни од ангина пекторис.

Во 1990 год. професор Џејмс Фројс од Стенфорт универзитетот, еден од водечките универзитети за медицински науки во светот, лечел илјадници луѓе болни од реуматски артритис. Резултатите од ова лечење ги објавил во 1996год. и истите ги изненадиле експертите. Негово е мислењето дека Ацетилсалицилната киселина не смее да се употребува во многу големи дози заради иритација на желудникот. Меѓутоа употребен во терапевски дози не влијае на стомакот.

Денес, Ацетилсалицилната киселина е водечки антиагрегантен и антивоспалителен лек во светот.

 

 

Дознајте  повеќе за авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 15.05.2012

Последна вест

Најчитани статии - фармација