Доктори.мк | Што е тоа епидурален хематом (Haematoma epidurale)? | epiduralen-hematom | Портал за медицина и здравје

Што е тоа епидурален хематом (Haematoma epidurale)?

специјализант по општа хирургија

Епидуралниот хематом спаѓа во групата на трауматски интракранијални компресивни крварења. Под терминот епидурален хематом се подразбира колекција на полна артериска крв помеѓу черепот и површинската мозочна обвивка или дура матер.

Локализацијата на епидуралните хематоми најчесто е во темпоралната регија (слепоочниците), иако не се исклучува постоење на епидурален хематом и на други локализации.

Најчеста причина за настанување е раскинување на a.meningica media од фрактура на черепот.

Клиничка слика

Епидуралниот хематом најчесто се јавува во првите 24 часа од повредата, но понекогаш овој период, уште познат како слободен интервал, може да изнесува и 72 часа. По периодот на наполно зачувана свест и уреден невролошки статус (слободен период - интервал) со стабилни витални функции, постепено се јавуваат симптоми на покачен интракранијален притисок: главоболка, гадење, повраќање, брадикардија (пулс <60/мин), брадипнеа (лесно забавено дишење) и хипертензија.

Во следната фаза се јавува дискретен или поизразен невролошки дефицит, најчесто изразен како моторна слабост со истовремено отсуство на реакција на зеницата на светлост, а дишењето станува ирегуларно со повремени апнеи.

Појава на децеребрациони движења (внатрешна ротација и екстензија на горните екстремитети) често придружени со опистотонус се последната фаза во која се уште може да се пристапи кон итно оперативно отстранување на компресивното крварење.

Во најголем број од случаите, проширената зеница е од страната на интракранијалниот хематом, а моторната слабост на спротивната страна.

Дијагноза

  • Анамнеза;
  • Невролошки статус;
  • Краниограм;
  • Компјутерска томографија на мозокот;
  • Церебрална ангиографија (поретко).

Треба да се ВНИМАВА на фактот дека 80% од пациентите со епидурален хематом на краниограм имаат линеарана фрактура во темпоралната регија.

Лекување

Исклучиво хирушко отстранување на хематомот.

 

Погледнете го следното видео во кое е прикажана декомпресивна краниектомија за десен епидурален хематом:

Прогноза

Прогнозата е добра ако хирушката евакуација е рано извршена. Смртноста во европските земји не е поголема од 5%.

 

-авторски текст , не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

останати статии од авторот > > >

www.doktori.mk, 09.05.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина