За среќа е потребен секс, а не пари

специјалист уролог, Специјална болница "Св. Еразмо" - Охрид
професор по "Хирургија со нега" и "Полово образование" на Универзитетот "Св. Климент Охридски" - Битола

Парите не даваат повеќе секс, тие не се главен креатор на среќата, туку повеќе секс со саканата особа го збогатува животот и нé прави посреќни! Тоа економистот Дејвид Блекфлауер и психологот Ендру Освалд го објавија во студијата „Money, Sex and Happiness“ во американскиот National Bureau Economic Research. Била спроведена анкета на 16 000 Американци, кои сами си ја бележеле својата сексуална активност и висината на постигнатата среќа. Притоа, одредената количина на среќа ја доведувале во врска со соодветната количина на пари.

Парите пружаат помалку среќа од сексот

Блекфлауер и Освалд откриле дека во трката меѓу сексот и парите, парите даваат помалку среќа, односно дека за нашето чувство на среќа поважен бил сексот отколку парите. Тоа не значи дека сме посреќни што сме посиромашни, зашто со парите ги плаќаме сметките, па тој фактор не е неважен, ама не е толку важен како што тоа го тврдат економистите и како што тоа ние сакаме да мислиме.

Освен тоа, среќата што ја даваат планина пари можеме да ја надоместиме со вистинска доза на секс. Така, покажуваат истражувањата, зголемениот број на полови односи со еден месечно на еден неделно одговара на чувството што го дава годишната дополнителна заработувачка од 50 000 долари. За споредба, толку во САД за една година заработуваат сметоводителите, банкарите или државните службеници.

Откриле уште нешто. Повеќе секс ја зголемува количината на среќа кај високообразованите мажи и жени, па и кај оние со брачен стаж. Количеството на среќата што е последица од 30% повеќе активности во креветот може да се мери со онаа што предизвикува екстра годишна заработувачка од 100 000 долари. Спротивно, разводот оди кон самостоен живот и е причина за несреќа, како онаа кога ќе се олесните за 66 000 долари.

Во нашата земја вакви истражувања нема, но можеме само да претпоставуваме дека по прашањето на парите и сексот Македонците и Македонките многу не се разликуваат од Западњаците. Така што и нам, без разлика на гласното молчење околу ова прашање, сексот ни е извор на среќа и компензација за дупките во сметките. Со други зборови, ни помага нашиот поглед во паричникот да ни биде розеникав!

Жарче во четириесеттите

Во едно англиско испитување (Health Plus) опфатени се 2000 жени од 40 и повеќе години. Се покажало дека 75% од жените постари од 40 години оценуваат дека сексот сега им е подобар отколку кога имале 20 години. Дури 77% изјавиле дека повеќе уживаат отколку на почетокот на љубовниот живот, а 69% признале дека сега се чувствуваат повеќе секси. Ако момчињата мислат дека се тие заслужни за таквите резултати, се мамат, зашто само 33% од испитаничките изјавиле дека преферираат помлади партнери, додека 51% се склони кон своите врсници. Најчесто се со своите партнери, со кои се во долга врска.

Зошто 40-годишните прозбореле за своите сексуални потреби и навики, иако знаат дека се предмет на многу сексуални вицеви? Токму поради тоа! Колет Херис објаснува: „Старите жени се уморни од луѓето што мислат дека сексот е само за жени од 16 до 39 години, кои изгледаат како провокативните модели на Версаче“.

Веројатно дел од одговорот се крие во тоа што сега се живее подолго, па е ненормално на половина (и помалку од тоа) од својот живот да се одрекнуваме од сексот. Посебно што повеќето жени во зрелите години научиле да се ценат себе си и своето тело, што е предуслов за животно и сексуално уживање.

Како до подобар секс?

Секој ден, без разлика на количината на работата што сте ја завршиле на работното место или што ве чека дома, обезбедете си 15 минути разговор со партнерот. Но, темата не треба да е за плаќање на сметки или за инвестиции во станот, туку она што вам и на вашиот партнер денот ви го прави поубав.

Барем два пати неделно прошетајте со партнерот по половина час пред вечера. Пешачењето го зацврстува и го формира телото, а помага и за добро расположение. Од него до нежностите во креветот ве дели само еден чекор.

За викенд организирајте романтична вечера. Намалете го светлото, пуштете музика што ја сакате двајцата, масата нека е украсена со свеќи и цвеќе, дозволете си чаша добро вино. Каде тоа ќе ве донесе, ќе видите.

Ако не сте задоволни со својот изглед или со изгледот на партнерот, поработете на тоа. Правете вежби, а козметиката и храната можат да направат чуда за сексуалниот живот.

Ако не можете сами да си го поправите бројот и квалитетот на љубовните односи, побарајте помош од стручњак.

Уживање за виталност

Сексот е составен дел од нашиот живот. Без него не би бил светот, ама тоа не му е единствената смисла.

Освен што троши калории, помага за добриот изглед, сексот ја подобрува работата на срцето и органите за варење, ја одржува напнатоста на кожата, го разубавува лицето и го подобрува расположението.

Никој нема совршено тело. Активностите во креветот не се право само на младите од 20 или од 30 до 40 години. Не се резервирани за оние идеални килажи, со помалку од 50, 60 или 70 килограми, ниту само за русокоси или за оние што убаво изгледаат.

Празен љубовен живот ги празни телесните батерии, па набрзо доаѓа до паѓање на животната енергија, а почесто и желбата за живот. Колку секс ќе има во брачната постела и со каков квалитет ќе биде - зависи од вас.

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Останати статии од авторот >>>

www.doktori.mk, 06.05.2012

Последна вест

Најчитани статии - животен стил