Доктори.мк | Специфичен ларингитис – Туберкулоза на ларингс | specificen-laringitis-tuberkuloza-na-larings | Портал за медицина и здравје

Специфичен ларингитис – Туберкулоза на ларингс

дипломиран логопед
Претседател на Здружение на логопеди

Ларингитис претставува воспалителен процес на ларингсот (гркланот).

Симптоми за ларингитис се:

  • Засипнатост (дисфонија);
  • Едем (оток) на ларингсот;
  • Леплив субмукопурулентен секрет;
  • Десквамација на епителот;
  • Миозит;
  • Перихондритис (воспаление на ‘рскавицата);
  • Отежнато голтање (дисфагија);
  • Тешкотии при дишење (диспнеа);
  • Зголемена продукција на плунка во уста.

Етиолошки фактори за ларингитис се: вирусни инфекции, бактериски и габични инфекции, злоупотреба на гласот, пушење, алкохол, алергии, употреба на инхалациони кортикостероиди за астма третман.

Ларингитот може да се категоризира како акутен, кој трае неколку дена и хроничен кој може да трае повеќе од 3 недели. Хроничната форма се јавува главно во средната возраст и е почеста кај мажите отколку кај жените. Исто така, ларингитите можат да се поделат на неспецифични и специфични.

Во групата на специфични ларингити се разликуваат неколку форми: Tuberculosis laryngis, Lues laryngis, Scleroma laryngis, Lepra laryngis и микотични воспаленија на ларингсот. Подолу во текстот ќе стане збор за туберкулозата на ларингсот.

Tuberculosis laryngis

Туберкулозата на ларингс претставува инфективно заболување кое пропагира од белите дробови кон ларингсот. Предизвикана е од бактеријата Mycobacterium tuberculosis – Koch-ов бацил.

Всушност се работи за примарна туберкулоза на ларингс. Воспалението настанува како резултат на веќе постоечки процес во белите дробови и присуство на спутум. Настанувањето на туберкулозата е овозможено преку хематогена дисеминација на бацилот. Како специфичен процес во минатото бил доста чест, а денес е ретка појава.

Од патохистолошки аспект се манифестира во неколку форми:

  • Monohorditis;
  • Tuberculosis infiltrativa et ulcerosa;
  • Lupus laryngis;
  • Tuberculosis milliaris laryngis.

Во основа кај сите форми се случува специфична инфламација и настанување на типични чворови кои покасно некротизираат како реакција на штетното дејство на Коховиот бацил.

  • Monohorditis

Monohorditis е патогномичен за туберкулозата. Субепително постои инфилтрација, а гласницата е хиперемична и задебелена (инфилтрација и хиперемија на една plica vocalis). Туберкулусите подоцна подлежат на казеозна некроза со што се ствара улцерација и слободниот раб на гласницата добива нарецкан изглед. Понатаму процесот напредува и се шири на останатите ларингеални структури.

  • Tuberculosis infiltrativa et ulcerosa

Tuberculosis infiltrativa et ulcerosa е најчест облик. На почетокот настануваат субмукозни инфилтрати по ларингсот. Со нивната казеоза настануваат дефекти на ткивата – улкуси, кои со своето зголемување придонесуваат зафатеност на перихондриумот и на ларингеалните ‘рскавици. На работ на улкусот доаѓа до буење на гранулационо ткиво.

  • Lupus laryngis

Lupus laryngis настанува како резултат на десцендентен процес од лупус на носот и фарингсот. Зафатени се: epiglottis, ариепиглотични набори, поретко гласните жици. Процесот прво го зафаќа епиглотисот кој е задебелен со црвено-жолти чворчиња кои подоцна некротизираат и предизвикуваат големи дефекти на ткивата.

  • Tuberculosis milliaris laryngis

Tuberculosis milliaris laryngis се одликува со создавање на туберкулуми кои не се локализирани на едно место, туку се расфрлани по слузокожата на ларингсот (хематогена дисеминација). Тие покасно исто така покажуваат казеоза и клиничката слика се развива постепено. Најпрво настанува замор на гласот, односно дисфонија, која може да премине до потполна афонија. Улцерацијата која го зафаќа перихондриумот предизвикува болка која се зголемува при голтање. Овие болки се многу резистентни на аналгетици. Се јавува и отежнато дишење (диспнеа). Степенот на диспнеа зависи од тоа колку е зафатен луменот на ларингсот.

Предиспозиција: 20–30% од пациентите се мажи на возраст од 20 до 30 години, поретко заболуваат жените.

 

Дијагнозата се поставува врз основа на анамнеза, ларингоскопски наод, RTG снимка, туберкулинска проба, биопсија, бактериолошки култури и испитување на спутум.

 

Терапија: туберкулостатска, ако е загрозено дишењето потребна е трахеотомија.

 

 

Повеќе за авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 16.04.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина