Доктори.мк | Значење и обработка на лабораториските резултати | znacenje-i-obrabotka-na-laboratoriskite-rezultati | Портал за медицина и здравје

Значење и обработка на лабораториските резултати

дипломиран стручен лаборант по медицинска лабораториска дијагностика, специјализиран за санитарна хемија

Лабораториските резултати се многу значајни и важни за лекарите во секојдневната практика бидејќи со нив се врши:

  • Препознавање на разни знаци од одредени болести;
  • Дијагностицирање на одредени заболувања;
  • Процена на јачината на заболувањето;
  • Пратење на развојот на заболувањето;
  • Помош во преобразбата и истражувањето.

Значење на лабораториските резултати

Лабораториските резултати претставуваат составен дел од вкупните дијагностички постапки за скоро сите патолошки состојби и заболувања. Исто така, се користат во следењето на развојот на голем број заболувања, следењето на успешноста на примената терапија и како потврда за излекувањето. Се користат и во превенција на поедини патолошки состојби и заболувања.

Одредени лабораториски резултати претставуваат задолжителен показател на здравствената состојба при вработување на поедини работни места, односно, за извршување на поедини функции (полиција, војска, пожарна, спортисти, возачи на сите превозни средства итн.). Може да претставуваат и судски медицински резултати и докази.

Докторите на медицина од сите специјалности секојдневно на своите пациенти ординираат поедини лабораториски анализи. На основа на добиените резултати тие ја заокружуваат вкупната дијагностичка слика за своите пациенти. Заедно со резултатите од другите клинички испитувања поставуваат дијагноза на болеста за своите пациенти. Исто така, на основа на добиените резултати се одредува одговарачка терапија и се прати успешноста во нејзината примена, првенствено на медикаментозната терапија, како и пратење на евентуално непосакуваните ефекти со примена на терапијата.

За да може лабораторискиот резултат да биде искористлив тој мора да биде добар.

 

Што претставува добар лабораториски резултат?

Точна дефиниција не постои, но се смета дека добар лабораториски резултат е оној резултат кој нешто значи и може да послужи за нешто. Познато е дека, освен болеста, многубројни фактори можат да влијаат на вредноста на лабораториските резултати и да предизвикаат грешки пред или во текот на самиот процес на одредување. Со познавањето на овие фактори и отстранување на истите се постигнува главната цел - добивање на добар и исправен резултат, од кој зависи дијагнозата и третманот на болниот.

Многу е важно покрај лекарите, и пациентите да имаат минимална претстава за работата на една лабораторија, бидејки само на тој начин ќе знаат колку е важна меѓусебната соработка со лабораторијата и колку е важен уделот на пациентот пред почетокот на анализата.

Тука пациентите можат да дознаат повеќе за тоа што се случува при посетата на лабораторијата.

Постои златно правило за земање на примероци: на гладно (после 12 часовна пауза од последниот оброк), наутро помеѓу 08-10h. Нормално, постојат исклучоци, кога на одреден број анализи оброкот не влијае на резултатите, додека за некои анализи примероци се земаат во одреден период од денот, за кои пациентот мора да биде претходно информиран во самата лабораторија или од својот лекар. Исклучок прават ургентните анализи. Кај пациенти кои се под терапија мора да се води сметка од фазата на самата терапија и временскиот рок од последната примена доза на лекот пред земање на крв за анализа.

Задолжително за секој пациент постојат основни податоци: презиме и име, старосна возраст, пол, раса, време на земање на примерок, како и за присуство на хронични болести доколу постојат.

 

Фактори кои влијаат врз исправноста на резултатите

Факторите кои влијаат врз исправноста на резултатите можат да бидат долгорочни или краткорочни, променливи или непроменливи.

Променливите фактори, особено краткорочните можат да се отстранат (макар и делумно), на што самата лабораторија укажува на пациентите при припрема за земање на примероци. Тоа се: начинот на живот и животните навики (исхрана, гојазност), физичката активност, пушењето, стресот итн.

За останатите фактори, особено кај специјалните анализи (хормони, имунолошки тестови), за скоро сите супстанци постојат посебни прописи и принципи на работа, според кои се изведуваат анализите. Заради добивање на коректни резултати, покрај припрема на пациентот, мора да се испочитува цела низа на критични секвенци, од кои се најважни се: избор на примероци (крв, урина), избор на аналитички постапки, положба на пациентот при земање на крв, редослед на земање на примероци, центрифугирање итн.

Покрај правилна припрема на пациентот при земање на примероци, како еден од пресудните фактори за добивање на добри резултати, во предвид се земаат биолошките и внатрешните лабораториски услови.

 

Биолошки влијанија:

  • Време на земање на примерок;
  • Хронобиолошки, дневен ритам;
  • Месечен ритам, сезонски ритам;
  • Генетички детерминанти;
  • Екобиолошки детерминанти;
  • Патобиолошки детерминанти;
  • Јатрогени фактори;
  • Индивидуални биолошки осцилации;
  • Биолошки полуживот на супстанциите.

 

Лабораториски влијанија:

  • Положба на телото (лежечка или седечка);
  • Избор на дезинфекциони средства;
  • Техника на венепункција;
  • Температура на чување на примероците;
  • Стабилност на супстанциите кои се одредуваат.

 

 

Повеќе за авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 12.04.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина