Бета каротен – провитамин кој го спречува предвременото стареење

доктор на медицина

  • Бета каротен (провитамин A)

Бета каротенот е провитамин А, кој во човековото тело се трансформира во витамин А. Овој провитамин спаѓа во фамилијата каротеноиди, група на моќни антиоксиданси кои го штитат организмот од негативното влијание на слободните радикали и предвременото стареење. Витаминот А е есенцијален витамин кој учествува во растот на нови клетки и обновување на ткивата и е потребен за одржувањето на здрава кожа и коса, за добар вид, за забрзување на растот и развојот на коските и исто така за здрави заби и непца. Тој е присутен во многу видови на овошје и зеленчук, како што се: спанаќот, доматите, марулата, морковите, брокулите, лубеницата, тиквата, кајсиите, дињата, мангото и др.

 

Овој антиоксиданс ја заштитува кожата од штетното ултравиолетово зрачење, ја зголемува продукцијата на меланинот (пигмент кој ја создава темната боја на кожата) и помага за побрзо добивање на темен тен заради што современите козметички компании го додаваат бета каротенот во кремите за сончање. Тој исто така ја регенерира и одржува еластичноста на кожата, се препорачува за превенција на брчки и стареење на кожата, изгореници од сонце и поволно влијае во лекувањето на т.н. старечки дамки или пеги.

 

Бета каротенот игра значајна улога во превенцијата и третманот на многу видови заболувања во кои спаѓаат: ослабен имунитет, срцево-садовни заболувања, катаракта и канцерозни заболувања (според многу научници витаминот А го спречува неконтролираното растење на туморозните клетки и покажува антиканцерогено дејство). Хроничен недостаток на витаминот А може да резултира со појава на ксерофталмиа (суво око), кое се јавува најчесто кај децата под 6 години во неразвиените земји.

 

При користењето на бета каротенот не се појавува опасност од предозирање бидејки црниот дроб го трансформира само потребниот дел на бета каротенот во витамин А. При подолга континуирана употреба на бета каротенот може да настане пожолтување на кожата на дланките и заради тоа се препорачува пауза при подолготрајно користење.

 

дознајте повеќе за авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 09.04.2012

Последна вест

Најчитани статии - фармација