Тестови за проверка на машката стерилност

студент по медицина

Иако повеќето мислат дека стерилноста е женски проблем, околу 50% од случаите вклучуваат проблеми и кај мажите. Всушност отприлика во 20-30% од случаите намалената машка фертилност е главниот проблем за концепција. Многу е важно и мажите како и жените да направат тестови за фертилност бидејќи се неопходни, а воедно и поедноставни и не толку скапи и некомфорни во споредба со тестовите што ги прават жените. Со рано испитување и добивање на одредени резултати за соодветниот проблем, може да се воведе и ран третман, а со тоа и да се постигне успешна бременост.

Првата работа е пациентот да се обрати на уролог, доктор кој ќе започне со одредени прашања и соодветни тестови. Самиот преглед се одвива со долунаведените методи.

Општ разговор

  • Прашања околу репродуктивната историја;
  • Дали пациентот има направено некои операции или пак има примано некакви лекови;
  • Прашања за животниот стил, консумирање дрога, дали пуши;
  • Општа дискусија за сексуалниот живот, вклучувајќи проблеми при односите, како и за претходни сексуално преносливи болести;
  • Мануелно испитување за постоење на варикоцели (38%), воочување на големината на тестисите или во некои случаи непостоење на тестиси во скротумите (крипторхизам).

Тестови

  • Спермограм, при што се прави:

1. Макроскопски преглед на ејакулатот (одредување на бојата, волуменот, мирисот, ликвефакцијата, pH и вискозноста).

2. Микроскопски преглед на ејакулатот (одредување на раздвижноста на сперматозоидите, начинот на раздвижноста, степенот на раздвижноста, морфологијата и аглутинацијата).

  • Спермокултура, т.е. бактериолошки преглед на ејакулатот:

За подобра проценка на ејакулатот се испитува присуството на леукоцити, причинители на воспалителни процеси (бактерии, габички, паразити и др.), како и присуство на десквамирани клетки на герминативен епител на жлездите и каналите.

  • Имунолошки испитувања во врска со ејакулатот

Продуктот на машките полни жлезди, семената течност и сперматозоидите можат да предизвикаат имунолошка реакција. Познати се доста антигени кои се врзани за самите сперматозоиди или се наоѓат во семената течност. Во тестисите, благодарејќи на Сертолиевите жлезди, постои бариера меѓу сперматозоидите и крвната циркулација. Во пубертет, кога почнува активната продукција на сперматозоидите, истите не се препознаваат од страната на сопствениот организам и поради тоа се провоцира имунолошки одговор против сопствените антигени (автоимуна реакција).

 

За овие тестови потребно е само пациентот да даде примерок од ејакулатот, кој всушност претставува течен медиум составен од сперматозоиди и спермална плазма, кои се излачуваат од гениталните жлезди. Ејакулатот се добива со мастурбација и треба да се искористи во период од еден час. Воедно пациентот треба претходно да апстинира три до четири дена.

 

Повеќе за авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 04.04.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина