Доктори.мк | Рамни стапала – често избегнуван проблем | ramni-stapala-izbegnuvan-problem | Портал за медицина и здравје

Рамни стапала – често избегнуван проблем

магистaр по кинезитерапија при мускулно-скелетни дисфункции

Што претставува рамното стапало?

Рамното стапало е медицинска состојба која не предизвикува внимание бидејќи не носи со себе голема болка. Затоа луѓето кои го имаат овој проблем не го сметаат за болест. Болката предизвикана од оваа состојба се јавува привремено по долготрајно стоење или одење.

Избегнувањето на проблемот може да доведе до сериозни проблеми, како болки во стапалата, потколениците, колената, па дури и на ‘рбетниот столб. Пациентите тоа ќе го објаснат на свој начин; едни со работа во права положба, други со заседнатиот начин на живот, лошите обувки, лошата исхрана, недостатокот од движење итн.

Рамното стапало (pes planus) се карактеризира со паѓање или израмнување на медијалниот (внатрешен) лак на стапалото и претставува деформитет кој се јавува како кај децата, така и кај возрасните. Оваа состојба може да доведе до нарушување на крвотокот, венски промени и отоци во областа на глуждовите, па се до дегенеративни промени во зглобовите и во помал степен - деформации. Бременоста, дебелеењето и слабите стапала се причини за жените да бидат засегнати во поголем процент од мажите.

Третман на рамното стапало

За да се уништи заблудата на оние кои мислат дека ортопетските обувки и подлоги се лекарство за се, лекувањето се определува од лекарот во зависност од причините кои доведуваат до деформација. Причините можат да бидат најразлични: носење на лоши обувки (тесни и неудобни), водење на заседнат начин на живот, дебелеење, лошо поставување на стапалата за време на одење, долговремена имобилизација на стапалото и др.

Лекувањето се состои од: нормализирање на телесната тежина, рационален начин на живот, носење на ортопедски обувки, масажа, одмор на стапалата и активни вежби.

Вежби за мускулите на стапалата

Акцентот на вежбите е врз засилувањето на плантарните мускули. Во почетокот вежбите се од седната позиција за покасно да може да се извршуваат со стоење. Особено ефективни се вежбите со фаќање и пуштање на мали предмети со прстите на стапалото. Внимение треба да се обрне и на стоењето и на одењето. Стоењето треба да биде со паралелни стапала и растојанието меѓу петиците да биде околу 10 цм. За време на одењето пациентот треба да умее да ја префрли тежината на надворешниот раб на стапалото. Одењето на босо по тврд и нерамен терен има позитивен ефект. Вежбите треба да се прават по неколку серии на ден, но без да се стига до болка и умор бидејќи мускулите на стапалата се мали и директниот тренинг може многу брзо да ги измори.

 

Останати статии од авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 02.04.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина